Кој заработува од кризата: Институциите плаќаат трослојна маска за 32 денари, а обична за 35 денари

Некоја институција, пак, платила 3,9 денари за една заштитна ракавица, иако најчестата малопродажна цена на ракавиците дури и во вакви пазарни услови изнесува 3,5 денари.

961

Вонредноста на состојбата, општиот недостиг на неопходните производи и брзината со која се спроведуваат јавните набавки го зголемуваат ризикот од корупција при примената на оваа, и онака нетранспарентна постапка за јавна набавка. И добавувачите, знаејќи дека институциите се во тесно и немаат голем избор, можат да го искористат овој период за зголемување на цените над вообичаените и реалните,констатира  Центарот за граѓански комуникации во последниот бриф за реализиацијата на јавните набавли.

– Овие набавки, во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање без објавување оглас, за што на институциите не им е потребно ни претходно мислење од Бирото за јавни набавки. Но да се стесни просторот за можна злоупотреба на и онака скромните јавни ресурси, потребно е да се вложат максимални напори за зголемување на транспарентноста, отчетноста и рационалноста на овие набавки – велат од Цантарот.






Според Цантарот, мал број институции доставиле информации за договорите за вакви набавки до  Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Заклучно со 5 април 2020 година, се објавени  вкупно 17 известувања за склучен договор и 12 одлуки дека е направен избор на најповолна понуда и дека ќе се склучи договор.

– Со ова  се отвора прашањето дали институциите ја почитуваат законската обврска – известувањата за склучените договори и самите договори да ги објават во рок од десет дена од склучувањето на договорот. Важноста од објавувањето на овие два документи произлегува оттаму што тие се единствениот извор на информации за овие набавки, за кои, во согласност со Законот за јавни набавки, не се објавува ниту оглас, ниту тендерска документација – велат оттаму.

Во половина од склучените договори за итни набавки, според анализата на Центарот,  се преговарало само со една фирма и затоа се добивале цени кои се повисоки од вообичаено.

– При тоа, се забележува дека цените за слични производи се значително различни во зависност од тоа дали институцијата преговарала само со еден понудувач или вклучила повеќе понудувачи од кои го избрала најповолниот. Така, на пример, една институција купила хируршки трослојни маски за 32 денари, а друга – обични маски за 35 денари. Првата вклучила 8 понудувачи, а втората само еден. Некоја институција, пак, платила 3,9 денари за една заштитна ракавица, иако најчестата малопродажна цена на ракавиците дури и во вакви пазарни услови изнесува 3,5 денари – велат од Ценатрот.

Во анализата се наведува и дека дел од објавените договори за итните набавки не содржат детален опис на набавените производи, со што се оневозможува проверка на рационалноста на потрошените пари. Имено, има договори во коишто стои само дека се набавиле „маски“ или „ракавици“, без да се прецизира за какви точно станува збор бидејќи, во зависност од видот и од нивните карактеристики, цената може многу да варира. Така, на пример, само кај маските, прави разлика дали се хируршки, платнени, повеќеслојни, за една или за повеќе употреби.

– Бидејќи рокот на испорака е еден од најзначајните елементи во овие набавки, од клучно значење е строгото придржување кон кратките рокови што се наведени во договорите, коишто во две третини од анализираните договори се „веднаш“, а во сите останати не се подолги од три дена – констатираат од Центарот за граѓански комуникации .

Од Центарот сметаат дека во овој период се се очекува итните набавки поврзани со новиот коронавирус да бидат пообемни и по број и по вредност, а јавните ресурси ограничени, важно е институциите да настојуваат да ја добијат најдобрата вредност за потрошените пари.

  •  Навремено да се објавуваат известувањата и склучените договори за набавките поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата од вирусот COVID-19, најдоцна десет дена од склучувањето на договорот;
  • Да се информира јавноста и за одлуките за склучување договори за итна набавка, преку објавување и на т.н. известување за доброволна претходна транспарентност;
  • Да се вклучуваат повеќе фирми во преговарањето, бидејќи причината за преговарање е итноста, а не заштитата на ексклузивното право на одредени фирми;
  • Да се искористи процесот на преговарање за постигнување разумни цени и да не се склучуваат договори со нереално високи цени;
  • Да се дава прецизен опис на набавените производи во склучените договори за да се овозможи увид на јавноста во оправданоста на постигнатите цени;
  • Да се почитуваат роковите на испорака на набавените производи имајќи предвид дека токму итноста на набавките ја оправдува примената на оваа постапка на директно договарање;
  • Детално да се образложуваат причините за секоја набавка во одлуката за набавката за да се оправда дека договорниот орган не можел да ја предвиди набавката, немал време за примена на други постапки и дека околностите за крајната итност во никој случај не можат да ѝ се припишат на институцијата што набавува.

Од Ценатрот велат дека  три  прашања се наметнуваат во услови на итни набавки.

– Првото е дали цените по коишто се набавуваат производите се разумни и според пазарните услови, бидејќи во вакви услови постои зголемен ризик тие да бидат неразумно високи. Второ, дали се почитува рокот на испорака на набавените стоки, услуги и работи бидејќи навременоста на испораката е клучен фактор во услови на криза, а и причина за итната набавка. Трето, дали секој договорен орган детално ја образложил причината за набавката со сите елементи – вид, количина, квалитет и рок, како што тоа го бара законот – велат од Центарот за граѓански комуникации.

 

Поврзани содржини