КОЈ ВОЗИ ПРЕБРЗО, ПИЈАН ИЛИ ДРОГИРАН, ЌЕ ОСТАНЕ БЕЗ АВТОМОБИЛ Возилата ќе се одземаат трајно под строго определени услови
Трајно и задолжително ќе им се одземаат возилата на дрските возачи кои значително ја надминуваат дозволената брзина и кои претходно веќе биле осудени за кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, предвидуваат измените и дополнувањата на Кривичниот законик, кои група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги предложија во Собранието.
Кој вози пребрзо, пијан или дрогиран, ќе остане без автомобил. Трајно и задолжително ќе им се одземаат возилата на дрските возачи кои значително ја надминуваат дозволената брзина и кои претходно веќе биле осудени за кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај, предвидуваат измените и дополнувањата на Кривичниот законик, кои група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ ги предложија во Собранието.
Измените на Кривичниот законик (КЗ) следуваат откако Уставниот суд му наложи на Собранието да ги анулира штетните последици од измените на Законикот што се случија есента 2023 година, кога со измени во членот 353 за злоупотреба на службената положба и овластувања се овозможи да застарат повеќе кривични дела против поранешни функционери. Освен оваа корекција, во текстот на законските измени се опфатени и построги казни за кривични дела во сообраќајот, гонење по службена должност на семејно насилство, како и затворски казни за одмазничка порнографија.
Предлагачите наведуваат дека во измените се содржани „одредби за хармонизирање на кривичните дела против безбедноста во сообраќајот и одземањето на предмети, со пакетот предлог закони поврзани со проектот Сејф сити“.
Така, првата измена за сообраќајот е дека судот може да изрече престанок на важење на возачката дозвола од определена категорија во траење од една до 10 години, а за тоа време, а понекогаш и подолго, сторителот нема право да се стекне со возачка дозвола од истата категорија. Досега немаше престанок на важење на дозволата, туку забрана за управување со возило, која беше ограничена на најмногу 5 години.
Измените предвидуваат казна затвор од 3 месеци до 3 години или парична казна за тој што не се придржува на прописите за безбедност и ќе го загрози јавниот сообраќај безобѕирно управувајќи со моторно возило со: концентрација на алкохол над 1,5 г/кг во крвта, со употреба на дроги, психотропни супстанции или прекурсори, возејќи во спротивна насока на јавен пат, претекнувајќи колона возила на непрегледно место или возејќи со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 50 километри на час во населено место или за најмалку 70 километри на час надвор од населено место. Со истата казна ќе се казни и тој што организира, учествува или на друг начин овозможува недозволени трки со возила, како и учесник во јавниот сообраќај кој управува моторно возило без положен возачки испит, без важечка возачка дозвола, или доколку му е изречена санкција забрана на управување со моторно возило.
За ваквите дрски возачи ново е што се предвидува задолжително изрекување на казната забрана на управување со моторно возило во траење од 6 месеци до 10 години и задолжително одземање на возилото, ако возат пребрзо или пијани, а веќе им е одземена дозволата.
Ако некој вози пијан или пребрзо туѓо возило, тоа ќе се одземе само ако сопственикот знаел или бил должен да знае дека возачот нема право да управува со моторно возило.
Возилото се одзема ако сторителот возел со брзина која ја надминува дозволената за најмалку 70 километри на час во населено место или за најмалку 90 километри на час надвор од населено место, под услов ако претходно е осудуван за кривично дело против безбедноста на јавниот сообраќај со истите надминувања на брзината.
Во образложението на законските измени се наведува дека санкциите се построги „имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочуваме последните години во делот на сторени кривични дела во областа на сообраќајот“.
„Се утврдува задолжително изрекување на казната забрана на управување со моторно возило. Имено, од аспект на казнивите дела во областа на сообраќајот на патиштата, за низа прекршоци утврдена е задолжителна забрана за управување со моторно возило, а во однос на кривичните дела, оваа казна е дадена само како можност за судовите, што само по себе говори за своевиден апсурд – за полесни казниви дела, односно за прекршоци забраната за управување со моторно возило е облигација, а за кривичните дела е само факултативна основа за изрекување. Со предложената измена се утврдува надминување на наведената состојба на начин што се пропишува облигаторно изрекување на овој вид казна за кривичните дела од членовите 297 кои се однесуваат на загрозување на безбедноста на сообраќајот и на безобѕирното управување со моторно возило, како и на член 300, кој се однесува на тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Се регулира и прашањето за одземање на моторно возило со кое е сторено кривично дело, односно, во некои случаи се предвидува можност за одземање на моторно возило, а под строго утврдени услови одземањето е задолжително. Имено, можност за одземање на возилото е пропишана за случаите кога сторителот возел со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 70 километри на час во населено место или за најмалку 90 километри на час надвор од населено место. Облигаторно одземање на возилото е предвидено ако возилото е сопственост на сторителот и само доколку тој во моментот на сторување на делото немал право да управува со моторното возило. Ако возилото е во сопственост на трето лице ќе се одземе доколку тоа лице знаело или било должно да знае дека сторителот немал право да управува со моторно возило. Задолжително одземање на возилото е пропишано и доколку сторителот возел со брзина која ја надминува дозволената брзина за најмалку 70 километри на час во населено место или за најмалку 90 километри на час надвор од населено место, ако возилото е во негова сопственост, под услов тој и претходно да е осудуван за кривично дело против безбедноста ја јавниот сообраќај кое го сторил со надминување на наведените дозволени брзини во населено и надвор од населено место. За предложената одредба користени се и компаративни искуства од Словенија и од Австрија“, се наведува во образложението на измените на Кривичниот законик.