КОЈ ВЕЛИ ДЕКА СТУДЕНОТО ВРЕМЕ Е ПРЕЧКА? Плусинфо заедно со група велосипедисти на тура до езеро Младост (ФОТО)

Недела наутро, температурата на термометарот покажуваше 4 степени под нулата, се облековме убаво, ги земавме велосипедите, кои претходниот ден ги проверивме дали е сè во ред со нив и полека тргнавме до местото каде што се тие секогаш ги започнуваат своите авантури на две тркала.

908

За љубителите на велосипедизмот, како за оние кои се занимаваат професионално, но и за аматерите, не постои годишно време кое ќе ги спречи во остварувањето на својата цел, без разлика дали е лето, зима, топло или ладно. Поради тоа одлучивме да се приклучиме на здружението на велосипедисти „Маседониан бајк рајдерс“, кои велат дека ги „вртат“ педалите 365 дена во годината и да видиме како е да се вози велосипед во зима.

Недела наутро, температурата на термометарот покажуваше 4 степени под нулата, се облековме убаво, ги земавме велосипедите, кои претходниот ден ги проверивме дали е сè во ред со нив и полека тргнавме до местото каде што се тие секогаш ги започнуваат своите авантури на две тркала.






Некаде пред 8 часот, за кога беше договорено да пристигнат љубителите на овој спорт, пред Универзалната сала во Скопје полека од сите страни пристигнуваше по некој велосипедист. Како кој доаѓаше се поздравуваше со останатите, се запознаваа со новите и се споделуваа мислења, дали некој размислувал или не да дојде да вози, кој што облекол, бидејќи надвор беше навистина студено, но сепак атмосферата беше позитивна кај сите, сите беа подготвени за нов ден, ново дружење и најважното, возење до дестинацијата која беше планирана.

Конечно дојде време да тргнеме, па така ние деветмина се качивме на велосипедите и почнавме да возиме, а нашата дестинација беше езерото Младост во близина на Велес. Тргнавме по Партизанска, оттаму покрај судовите и полека пристигнавме во Маџари каде еден по еден во колона возевме, а водачите на групата Горан и Ивица, честопати со знаци ни покажуваа каде има дупка на патот, каде треба да внимаваме, кога треба да застанеме сè со цел да бидеме безбедни во сообраќајот и да не се изложуваме на ризик. И така пристигнавме во селото Катланово, каде што беше нашата прва мала пауза, се напивме вода, каснавме по нешто (чоколатца, банани, енергетски барови и слично), веќе бевме загреани и што се вели симнавме по еден слој од нашата облека.

Поради тоа што е забрането движење на велосипеди по автопат, нашата рута на движење беше по стариот пат за Велес. Продолживме да возиме, покрај селото Бадар почнавме да се качуваме по нагорнината и започнаа првите предизвици за нас. Дополнително, условите на патот беа малку влошени, затоа што сè уште имаше снег и на повеќе места мраз, па моравме внимателно да возиме за да не се повредиме. Веќе тука водачите на групата беа поделени, еден од нив беше напред и ги предводеше сите, додека другиот, затоа што често се менуваа, беше на крајот со последниот, така што постојано бевме под нивното будно око, нѐ бодреа, ни даваа совети како полесно да ги совладаме препреките на патот. Предизвикот и возбудата беа големи, еден по еден возевме низ прекрасен предел каде што многу ретко поминуваа возила, па уживавме во природата, чистиот воздух и предизвикот кој беше пред нас. Следната пауза ја имавме кај селото Летевци каде што почекавме групата да се комплетира, направивме заедничка фотографија, земавме малку душа што се вели, а овојпат облековме дополнително нешто на нас, затоа што патот понатаму е надолнина и беше потребно да се заштитиме од ветрот. Внимателно продолживме да возиме, снегот и мразот нѐ следеа речиси цело време, но ние уживавме во секој предизвик на патот, па така студенилото и ветрот ни беа во втор план.

Конечно накај 11 часот пристигнавме кај езерото Младост и во еден од тамошните ресторани направивме поголема пауза. Топло чајче со рум, кафе, па и по некоја пастрмајлија можеше да се види на масите кадешто бевме седнати, сите распоредени со цел да се почитуваат ковид-мерките, но сепак расположението беше на високо ниво. Се раскажуваше кој како возел, каде да внимаваме кога ќе се враќаме назад, како да возиме, затоа што сега се беше спротивно.

По пауза од речиси час и половина и уживање во доброто дружење, убавото сонце кое нѐ пречека покрај езерото, направивме една заедничка фотографија и време беше да тргнеме назад накај Скопје. Започнавме со искачување на нагорнината, навистина беше тешко, затоа што во овој дел дуваше силен ветер, а од поискусните велосипедисти дознавме дека тука често е вака и тоа беше дополнителен предизвик за сите. Смогнавме сили и со правилно менување на брзините на велосипедот се искачивме до првиот рамен дел. Тука повторно застанавме и се групиравме, ветрот беше премногу силен, а затоа што пред нас беше надолнина и многу места каде што има мраз и снег, дополнително се облековме, малку ги издишавме гумите за да можеме побезбедно да возиме и тргнавме. Оваа делница од рутата беше многу предизвикувачка, покрај големата брзина која достигнуваше и преку 50 километри на час, дополнително моравме да внимаваме и на снегот и мразот, но за среќа минавме добро, без падови и повреди.

Уште една пауза во Катланово и собирање на групата, ги започнавме последните 20-тина километри до Скопје. Преморени по извозени речиси 100 километри и малку измрзнати, но сепак среќни што ја исполнивме нашата цел влеговме во главниот град. Полека групата од деветтмина се ситнеше, некаде и ние во центарот од градот се разделивме со другите, се поздравивме, бевме задоволни што и покрај толкуте предизвици успеавме да извозиме и безбедно да се вратиме дома, а со останатите членови си ветивме дека ќе се видиме следната недела, а дестинацијата, засега останува тајна.

Поврзани содржини