КОЈ ЈУНАК ЌЕ ГО СПАСИ ОХРИДСКИОТ МАРАТОН? Организаторот и покровителот Пендаровски кренаа раце, да видиме што можат охриѓани

Охридскиот маратон со години кубури со долгови, но сепак се одржува. Зарем ќе се случи оваа голема спортска манифестација да згасне во годината кога го слави својот 60-годишен јубилеј?

500

Постојат шанси да се спаси Охридскиот маратон и да се спречи негово неодржување поради административни причини, но сѐ зависи од институциите и од искрената желба да се одржи во живот овој значаен спортски настан.

Ова во разговор за Плусинфо го изјави претседателот на Националната пливачка федерација, Горан Стојановски, кој ни посочи дека во моментов се одржува координативен состанок во кабинетот на охридскиот градоначалник Кирил Пецаков, на кој се бараат начини како да се зачува маратонот кој традиционално секоја година се одржува на крајот од август, а кој токму оваа година треба(ше) да прослави јубилеј од 60 години постоење.






Стојановски: Секако дека постои желба и можност да се спаси традиционалниот Охридски маратон, но за жал, сѐ е во рацете на институците.

– Ве молам побарајте ме по завршувањето на координативниот состанок и сѐ ќе ви објаснам. Секако дека постои желба и можност да се спаси традиционалниот Охридски маратон, но за жал, сѐ е во рацете на институците. Нека заврши состанокот, па ќе правиме муабет – изјави Стојановски.

Тој одби да ни одговори како, зошто и поради колкав долг е блокирана сметката на Националната пливачка федерација, поради што вчера беше најавено згаснување на еден од најголемите спортски настани во Македонија.

Неофицијално, Плусинфо успеа да дознае отприлика како стојат работите и за какви точно проблеми станува збор. Имено, блокираната сметка на Федерацијата, како што објаснуваат нашите извори во Федерацијата, повлекува да не може Националната пливачка федерација да се јави како организатор на спортскиот настан, а истовремено се јавуваат и акумулирани долгови од претходните маратони, како и неможност повторно да се работи со дел од хотелите и камповите во коишто би престојувале пливачите.

Побаравме став и од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, од каде што ни одговорија дека и на шефот на државата „му се врзани рацете“ и дека нема моќ како да го спречи згаснувањето на спортскиот настан.

– Претседателот Стево Пендаровски е само покровител на Охридскиот маратон, додека, пак, организацијата е во надлежност на Националната пливачка федерација. Првиот човек на Националната пливачка федерација, Горан Стојановски, вчера дојде во кабинетот на претседателот Пендаровски и официјално нѐ информираше дека оваа година нема да се одржи маратонот, бидејќи имаат проблеми коишто се на неколку нивоа – блокирана сметка, финансиски долгови и несовесно финансиско работење на претходното раководство. Сепак, претседателот Пендаровски овде не може ништо да стори, зашто тој е само покровител, а не е организатор. Тој е покровител и на фестивалите „Охридско лето“ и „Манаки“, на пример, но ние немаме ингеренции да навлегуваме во финансиските конструкции и да се мешаме во програмата и во содржината. Искрено, и ние вчера бевме затечени и разочарани од информацијата дека ќе згасне Охридскиот маратон, но се надеваме дека ќе се изнајде некакво решение – ни изјавија од кабинетот на Пендаровски.

Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков на социјалните мрежи синоќа напиша дека градот Охрид бил целосно подготвен за одржување на манифестацијата.

„Општина Охрид беше целосно подготвена за техничката организација, затоа што маратонот е голем промотор на нашиот град во светски рамки. Срамната одлука за неодржување на најголемата меѓународна спортска манифестација во Македонија доаѓа во годината кога се слави 60 години од првиот вистински маратон. Жалам за љубителите на водени спортови и гостите што се дојдени на одмор на охридското крајбрежје што Охрид нема да има можност да ги пречека најдобрите светски пливачи, кои нема да ја почувствуваат магијата на водата во македонскиот езерски бисер“, напиша Пецаков на Фејсбук.

Со цел спасување на Охридскиот маратон, денеска се ангажираа пливачи, спортски работници, но и самите жители на Охрид, кои изразија револт поради откажувањето на традицијата.

Левент Рифат, спортски работник и тренер на клубовите „Велосипедски Клуб Шампион Систем Охрид“ и „Triathlon and Swimming club 3Disciplines“, заедно со тренерот Никола Кутаноски преку социјалните мрежи објавија дека се подготвени да го организираат Охридскиот пливачки маратон.

„Спремни смe и земаме одговорност да го организираме пливачкиот маратон Св. Наум – Охрид“, се вели во објавата на социјалните мрежи.

Познатиот охридски нуркач Никола Паскали, исто така, се понуди без надомест да го организира Охридскиот маратон.

„Јас, Никола Паскали, подготвен сум, можам и од срце би работел без никаква надомест или компензација за одржување на Охридскиот пливачки маратон. Исто така сум во можност да донирам 3.000 денари. Дојде денот да почнеме да се организираме самостојно. Со љубов за Охрид“, напиша Паскали.

Охридскиот пливачки маратон веќе традиционално секоја година се одржува уште од 1954 година и тој е дел од официјалните ФИНА маратони и е домаќин на многу светски пливачки ѕвезди, меѓу кои и на нашите најдобри македонски маратонци кои многупати го имаат освојувано првото место.

Сметката на Федерацијата е блокирана веќе 15 години?

Несериозни се изговорите на претседателот Стево Пендаровски дека Пливачката федерација на Македонија има блокирана сметка, обидувајќи се да ја отфрли вината од себе, реагираше Левица преку соопштение.

Сметката на Федерацијата е блокирана повеќе од 15 години, а ниту една претходна, ниту сегашната власт, директор на АМС, премиер или претседател не презедоа никакви чекори да ја одблокираат и да се овозможи нејзино нормално функционирање, спортистите остануваат оштетени подолго од деценија, а институциите не покажаа никаква заинтересираност да се излезе во пресрет и конечно да се реши криминалната позадина поради која страда овој спорт. Скандалозно е тоа што Наумче Мојсовски, како директор на АМС и претседателот Стево Пендаровски, како покровител, го поддржаа Охридскиот пливачки маратон во изминатите години кога на чело на Пливачка федерација стоеше Александар Маленко, еден од главните виновници за блокираната сметка, а кој повторно направи долг кон ФИНА. Изненадувачки е како тогаш најдоа начин да го поддржат Охридскиот Маратон, но не и сега. Владејачката СДС постојано докажува дека е антимакедонска партија која на секој можен начин се обидува да ги уништи сите традиционални манифестации и вредности кои се обележје, симбол и препознатливост за Македонија во светот, како Охридскиот пливачки маратон. Нивниот антимакедонизам само расте и гази сѐ што го одржува македонскиот дух“, се вели во партиското соопштение.

Левица остро го осудува овој чекор наназад кој е директно уништување на македонското пливање, спортот, како и промоцијата на традиционалниот Охридски маратон.

„Бараме итно ревидирање на одлуката, го повикуваме претседателот Стево Пендаровски да изнајде решение и да ја преиначи одлуката, а пливачкиот маратонот да ја продолжи традицијата и годинава“, се вели во реакцијата на Левица.

Поврзани содржини