Кој тоа заговара технократски ковид-фашизам?

Вирусот им даде опортунитет на сериозни авторитарни матрици, некаде, како кај нас, на пример, и претходно присутни и жилави, но закопани како општествени и изрезилени талози, а кои не можеа да дојдат баш до израз. Сега, заради добиениот опортунитет, си тераат до каде може да се оди, што сѐ може да помине „во име на борбата со вирусот”, сето тоа олеснето со копи-пејст во време на социјални мрежи и „глобалното село” и со индуцирање масовна општествена, политичка и индивидуална психоза.

3,435

Сите нешто заговараат кривична , прекршочна , ваква-таква одговорност , казни за сите оние кои не почитувале мерки, „го негирале постоењето на вирусот” ( дали навистина тоа негираат повеќемина, или тоа што вирусот се преставува за тоа што не е?) , па за „ширење дезинформации “ ( дали навистина е тоа, дали секогаш е свесно и намерно , или неретко е проблематизирање и скептицизам за диспропорционалноста во реакцијата и мерките?), ама што правиме со следново:

Кои сѐ политички и правни квалификации и санкции се релевантни, неретко за лица со позиција или професија која во/со себе вклучува јавни овластувања, има карактер на јавен сервис или друг облик на уставно определена улога , функција, овластувања и моќ со цел на оживотворување на уставниот поредок , сосе и во однос на слободите и правата на граѓанството, а кои експлицитно , јасно, недвосмислено, сериозно и реално заговараат, повикуваат и/или практикуваат:






1. „Во пандемија Уставот не важи , треба да се суспендира“;

2. „Во пандемија не важат човекови права (а ниту граѓански/државјански, дефинитивно се мисли и на нив), а „нивните евентуални повреди ќе се разгледуваат по завршување на пандемијата (?!?!)”, откога ќе бидат сторени, најверојатно мислат и на оние кои нема да може да се вратат, корегираат, компензираат, а по природата на нештата и нанесената (неповратна!) штета (цинизмот е со сета намера!);

3. Варијација и/ли дополнување на ова под бр. 2 е „Пандемијата е како војна, не важи правото”, иако изгледа на заговарач(к)ите не им е познато дека војната е правно регулирана , ударно со т.н Хашко право и со т.н Женевско право, а повредите и санкциите се едни од највисокопозиционираните во правната хиерархија. И да, со бајаги набилдана правна пракса , по државите и меѓународно, и со бајаги ефектива во однос на начините, методите и средствата на војување , како и во однос на меѓусебниот третман на завојуваните страни;

4. Собранието (кое единствено, заедно со Претседателот, е директно избрано од нас за да одлучува за нас), ма и политичарите воопшто и топтан , не требало, ма не би смеело воопшто да одлучуваат за „правилата и мерките“, и кога се општи за сите, камоли кога се за конкретни поединци и правни лица. Не, не, за сето тоа треба исклучиво монопол да имаат “ здравствените власти” , и тоа само оние специјализирани за вируси и сѐ деривативно од тоа, и кои се прикажуваат во јавноста за едногласни, сезнајни, семоќни, совршени, пратеници и пророци на самиот Господ Бог, овојпат во форма на лаицизиран и секуларен „Бог на науката”, а кој треба да биде следен како догма од највисок ред , без поговор, прашање, дилема, предизвик, тестирање , алтернатива , емпириски индикатори и проверки и без сето она другото што е вообичаено и типично за вистинската наука и знаење, а дефинитивно никако избалансирани со други тестови, други нормативни и регулативни императиви и обзири за Животот и за човековото животворно и смисловно битисување. Филозофски, правни, етички, економски, ментално-емотивни, естетски , спиритуални, а богами и елементарни биолошки законитости и функции почнуваат да се негираат, како човек дише и зборува , на пример, и колку временски може и тоа да им се негира на луѓето. Сето тоа е врвна анатема и бласфемија за која мора „кривично да се одговара“, а како минимум, линчување јавно на секој еретик по социјални платформи, секако чисто за загревање за тоа што допрва може да следи. Затоа, без никакво сомневање и за секој еретик другото, нели, за сите економски , правни , психолошко-психијатриски аспекти , за сите други здравствени аспекти, ма сѐ друго познато како знаење, наука, искуство, вештина и занает , ма за сѐ покриено со сите други природни, општествени и социјални науки и експертизи , и со јасна импликација дека сите овие други облици на експертиза, исто така , се суспендираат како нерелевантни, ма како „лажни пророци“ кои тераат на застранување . За граѓанството како суверен ич муабет да не правиме, за негово добро е сето тоа рамнење со нула и претворање во безгласна буква, нешто демек слично како убивање со гушење од премногу љубов и грижа;

5. Варијација под бр.4 се барањата за елиминирање на избраната и институционализирана опозицијата, опозицијата воопшто , сосе одземање или ограничување на слободата на говорот, во најекстензивна форма и надвор од сите воспоставени правни правила , правни стандарди и правни пракси за тоа пред – ковид. Сето тоа е невиден луксуз и вишок. Да, дефинитивно, да се елиминира или сведе ептен, ептен на декор, кој како и граѓанството ништо не смее да се прашува, ништо не смее да каже, за ништо да се консултира, камоли да влијае и да учествува во одлучувањето. Индикативно, (право)судството воопшто не се ни спомнува, најверојатно се смета дека самоабдицирало, а по екстензија, и самото граѓанство да адресира за сѐ ова натаму т.е во тој институционален правец , како што сѐ почесто гледаме од споредбеното искуство.

Со други зборови, можна ли е една контраофанзива (политичка, правна, културна) ПРОТИВ оние кои веќе најотворено , недвосмислено , ептен апла и на ачик, повикуваат, заговараат или веќе практикуваат, со оглед на моќта и влијанието што ги имаат и/ли се подразбираат:

а) укинување/суспендирање/умртвување на уставниот поредок во неговата целосност;

б) целосно или делумно одземање и/или ограничување граѓански и човекови слободи и права надвор од правните рамки за тоа „оти човекови права не важат во пандемија (?!)“;

в) укинување на изборната односно парламентарната демократија, на парламентарната и на институционализираната опозиција , на таа во рамки на политичкиот плурализам, како и на слободата на говорот и другите сателит слободи и права.

Севкупно, да им се зголемуваат влоговите, цената и трошокот, заради експлицитното, недвосмисленото сериозното, конкретизираното и реалното заговарање ( во одредени случаи и практикувањето на технократски ковид -фашизам и сѐ што каузално истиот го предизвикува како патологизација на државата , општеството и индивидуалното граѓанство! Ова што се тера по сите горенаведени линии е заговарање на нов облик фашизоидност или фашизам , несомнено екстремен облик и варијација на технократски авторитаризам, дури и ако и кога го заговараат како „привремен“, со логика на “сексање до пола” или варијација на таа и таква тематика и логика ( ем се сексаш, ем си „сексуално невин”).

А богами, треба дебело да се потсетат и дека правото и правната пракса имаат солидна граѓа за потпирање за да се адресира сето ова, и по аналогија на други вакви матрици (сѐ е исто, каузата се менува, таргетираните и таргетираното се различни ), а и сѐ другото што им е на располагање на горенаведените таргетирани, секако заради справување , и тоа по сите нишани на владеење на правото во контекст на либерално -демократски правен поредок и држава, сосе и лепеза санкции, сосе и за превенирање на нанесување на конкретна штета или за компензирање и/или санкционирање за веќе нанесена. Инаку , скраја, ако дојде дотаму, па да мора да преминеме во една друга „пандемија„ попозната како „природна состојба“, и тогаш можеби ќе добијат и бајаги брутализирана практична лекција и илустрација што точно заговараат и накаде ја тераат. Ги уверувам, ќе го бараат Правото со боринче, со крикови и со молби до Севишниот, ма што сѐ не, скраја да стигне работата дотаму, макар и во една минимализирана форма, а не дека нема и споредбени современи примери за тоа, или пак како лекции од историјата, сосе и баш кога е за разно-разни епидемии и пандемии, но овојпат како индуцирана масовна себеповреда.

Да си немате дилема – тоа за „кога ќе помине , тогаш ќе гледаме дали има повреди и штети “, сосе и најапла за слободи и на права на граѓанството, сето составено од живи и конкретни индивидуи , е активно заговарање и поддршка на нанесување токму на такви повреди и на такви штети , без криење , иако ѓомити рационализирано и јавно оправдувано со „нема човекови права во пандемија“ (алооо, тоа ни најгрозни диктатори во 21 век така апла не викаат, напротив, убедуваат во спротивното!). Ако веќе апла си се кажува , без криење , треба ли сѐ другото и следното да се (на)црта?! Впрочем, имаме и искуство од пролетните месеци , но изгледа не наиде на многу отпор, правен и друг предизвик , и сега си се раскрилува и раскрилува .

И, конечно, не, не се залажувајте, за разлика од природните вируси кои се најпрости и немислечки форми на жив свет , без некоја агенда и поента, без интереси, идеологии и вредносни матрици , овие се обратно од тоа. Имено , ептен свесни и мислечки, а со тоа и далеку, далеку пожилави и поопасни, и бајаги подолготрајни, а и со такви апетити. Тоа што не се кријат веќе во однос на што точно заговараат треба ептен, ептен да ве загрижува , и ептен , ептен да ве држи будни, претпазливи , со активирање и мобилизирање на сите и севкупни слободарски и либерално-демократски политички бели крвни зрнца што ги имате. Не, не може веќе да се оправдува и припишува (за мене лично, ниту претходно, само на лично ниво за разбирање, но дефинитивно не како политички став и нарација кои јавно може и треба да се заговараат и да кројат политики и право) на тоа дека се наводно навлечени на афект и на страв, ниту се само склони кон паничарење или хипохондрија, ниту се само склони кон некаква екстремно непропорционална драматизација, ниту е сето тоа само криење и бегање од одговорност за други предегзистентни или актуелни пропусти во однос на здравствениот систем и состојбите на индивидуалното и јавното здравје, системски и секакви други , секако на штета на граѓанството – не, многу, многу повеќе е од сето тоа. И тоа бајаги прозаично и предвидливо, како прашање на опортунитет кој вирусот го даде на сериозни авторитарни матрици кои претходно се билдаа (некои ќе речат , од Постмодерната), а некаде, како кај нас, на пример ,и претходно присутни и жилави, но закопани како општествени и изрезилени талози, а кои не можеа да дојдат баш до израз , и секако сега заради добиениот опортунитет си тераат до каде може да се оди, што сѐ може да помине “во име на борбата со вирусот”, сето тоа олеснето со копи-пејст во време на социјални мрежи и „глобалното село” и со индуцирање масовна општествена , политичка и индивидуална психоза.

И не, нема да заминат со матрицата им, заедно со короната и со ковид -19, ако им дозволиме да го метастазираат и патологизираат системот, сета држава, општеството, секоја индивидуа, се што ни е мило и драго. Како што велат по нивното им мило и драго, ТОА и ОНИ би станале нашето „ново нормално“.

(ФБ статус на авторката)

 

 

 

Поврзани содржини