КОЈ ТОА ГО РЕГИСТРИРАШЕ ЗДРУЖЕНИЕТО „ЦАР БОРИС“ Левица прашува до каде е постапката против „Ванчо Михајлов“?
Како и за случајот со Ванчо Михајлов, нема никаква информација кој му дал дозвола на ова здружение да се регистрира под името на фашистички окупатор, порачаа од Левица.
Додека се брише фашистички окупатор од споменици, сведоци сме на ново регистрирано здружение, по примерот на клубот на докажаниот фашистички колаборатор „Ванчо Михајлов”. Изминатиов период, во Охрид скандалозно делува здружение, чиј претседател е извесен Томе Блажески, кое го носи името по фашистичкиот бугарски цар Борис Трети, велат од Левица.
„Како и за случајот со Ванчо Михајлов, нема никаква информација кој му дал дозвола на ова здружение да се регистрира под името на фашистички окупатор, ниту пак од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски нема никаква најава за кривичен прогон! Нема одговор ниту по кривичната пријава на Левица против претседателот на фашистичкиот клуб „Ванчо Михајлов”, Љупчо Георгиевски, заради „Излагање на подбив на македонскиот народ“ и „Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, се вели во партиското соопштение.
Оттаму додаваат дека со овие неоврховистички и необалистички елементи на власт, кои целосно ја доведоа Македонија во потчинетост пред соседните шовинизми, немаат никаков легитимитет да говорат за асномските и илинденски идеали за слобода, непокор и независност.
„Македонскиот народ, иако во минатото многу пати бил поробен, тој никогаш не бил покорен. Во македонската колективна меморија тлее искрата на непокор и самопожртвуваност за слободата и независност на Републиката, која ќе ги преброди и овие привремени колаборатори и повторно гордо ќе се возобнови“, додаваат од партијата.