Кој тоа дели „правда“, крвнички претепувајќи новинар?
Зоран Божиновски несомнено е контроверзен новинар. Многу луѓе сметаат дека неговиот јавен ангажман не е во согласност со професионалните и етичките стандарди на новинарската професија. Но, тоа не е и не смее да биде оправдување за крвничкиот напад врз него. Напаѓачите и нарачателот на овој атак мора веднаш да бидат пронајдени и најостро казнети!
Крвничкиот напад врз новинарот Зоран Буревесник Божиновски силно ме вознемири. Веднаш откако разбрав за настанот, побрзав да го пронајдам телефонскиот број на неговата сопруга Панда Солунчевска. Ѝ се јавив за да побарам потврда за лошите вести, но и на Зоран да му испратам порака да остане храбар и што поскоро да закрепне од повредите.
Јас и Божиновски се познаваме површно, иако многу долго, уште од средината на 1990-тите. Се разликуваме по многу нешта, меѓу другото и по начинот на кој го разбираме сопствениот јавен ангажман и нашата ролја во новинарството.
Зоран тоа го знае и затоа често се шегува на сметка на „сериозните“ новинари, како што умее да нѐ нарече, со нагласена доза на цинизам во исказот.
Јас се препознавам во овие негови забелешки, но, се разбира, никогаш не сум му се налутил поради тоа. Секој го избира својот пат во животот и во професијата.
Многу луѓе сметаат дека јавниот ангажман на Зоран Божиновски не е во согласност со професионалните и етичките стандарди на новинарската професија. Но, не смееме да се приклониме кон помислата стандардите и правилата на игра во оваа, како и во било која друга професија, да се наметнуваат со сила – ниту со вербална агресија од било каков вид, а најмалку со посегање врз физичкиот интегритет на луѓето.
Дури Божиновски да е и најцрниот ѓавол, ниту еден закон во оваа земја не познава и не признава казна претепување!
Инаку, не е прв пат Божиновски да е жртва на физички напад. Но, овој атак има посебна тежина, бидејќи директен сведок – а со тоа и директна жртва – на крвничкото претепување е и неговата сопруга.
Затоа, нема и не смее да има оправдување за насилниците што крвнички го претепале Зоран Божиновски пред куќниот праг и пред очите на неговата сопруга – тепачите и нарачателите на нападот мора итно да се откријат и најостро да се казнат.
Очекувам моите колеги новинари и сите новинарските здруженија безрезервно да го осудат овој напад, именувајќи го со неговото вистинско име – атак врз новинарската професија и врз слободата на изразување.
Очекувам да се огласат и нашите политички првенци.
Денеска Македонија ќе ја посети Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија. Ја повикувам и госпоѓата Фон дер Лајен јавно да го осуди настанот и да потсети дека слободата на изразување е една од врвните вредности на семејството европски нации, кон кое сака да се приклучи и нашата земја.