„КОЈ СУМ ЈАС?“ И ДРУГИ ПРАШАЊА ОД РОМАНОТ „УНИШТУВАЊЕ“ Приказна што ќе ве вивне и ќе ве тресне
Соочувањето со смртна дијагноза и со прераниот крај на неговиот живот, го втурнува кон самиот себе и свирепо му го поставува прашањето „Што направи ти во животот?“
По игра на судбината докторот Јан Рајсберг е принуден да се соочи со неодговореното прашање „Кој сум јас?“ Живеејќи со свесно игнорирање на она што се нарекува живот, посветувајќи се на секојдневната лекарска пракса и на семејните обврски произлезени по раѓањето на децата, Јан заборава на своите младешки соништа, заборава на своите идеали, заборава на љубовта и на животот.
Соочувањето со смртна дијагноза и со прераниот крај на неговиот живот, го втурнува кон самиот себе и свирепо му го поставува прашањето „Што направи ти во животот?“
Романот „Уништување“ (2021) на Моџо Килингтон, односно Божидар Божиновски, се чита брзо, во еден здив, всушност, како што е и именувана едицијата на „Арс либрис“ која ни претставува дела од македонски автори кои е замислено да се читаат кога немате многу време.
Ако целта на оваа едиција е да се постигне комплетно читателско задоволство за рекордно кусо време, тогаш со романот „Уништување“ таа цел е постигната. Да се постават најголемите филозофски прашања за постоењето на човекот и за неговата мисија на Земјата на само стотина страници преку ликот на еден „обичен“ смртник е вистинско мајсторство.
Формата на романот не остава простор за вишок зборови, ниту за вишок сцени. Дејството е замислено онака колку што е потребно за да се долови брз ефект, веднаш да се влезе во сржта на работите, да се отворат прашањата и да му се остави на читателот аманет самиот да почне да трага по одговорот на прашањето „Кој сум јас?“.
„Романот е напишан да се чита брзо и да остава прашања. Можеби еден вид порака во шише до светот, да ги префрлам моите прашања до други кои се надевам ќе најдат одговори“, ќе рече писателот Килингтон во една прилика.
Приказната почнува со бунтовно и нерационално однесување на главниот лик, докторот Јан Рајсберг, што веднаш го зграпчува вниманието на читателот кој се прашува до каде ќе оди и како ќе заврши оваа налудничава и со ништо не предизвикана храброст.
Но, Јан многу брзо ни открива кои се и колку сериозни се дилемите што го растргнуваат. Тој сака да знае дали воопшто, кога и колку живеел. Кога и колку време бил среќен? Дали вределе жртвите и дали сега ќе отрфли сѐ што има – кариера, брак, деца, родители, пријатели, дали токму сега ќе ја најде и ќе ја доживее среќата?
Кога веќе ќе ѝ се препушти на случајноста, таа ќе го однесе во нови светови – ќе се измоча врз фикусот на директорот, ќе ја напушти професијата, ќе проба кокаин, ќе ја изневери сопругата со млада девојка за на крај да реши да си го одземе животот. Но, судбината не би била непредвидлива ако повторно не ги замеша картите и во мигот кога Јан треба да ја оконча својата беда, тој дознава дека добил погрешна дијагноза и дека сета „претстава“ на блудникот со трагичен крај била залудна. Но, дали?
Дали човек откако еднаш ќе се соголи пред самиот себе, ќе може повторно да се лаже себеси и да ја храни својата илузија? Дали неговата промена ќе ги промени и неговите најблиски? Иако сопругата Марија е извадена од колосекот на здодевниот семеен живот, таа е цело време покрај Јан, а неговата нагла промена во исто време ја плаши, но и ѝ годи. И таа има потреба од авантура и од живост, од враќање во свесноста која доминира во младоста дека сѐ е лесно и достижно. Откако ќе го прочита прошталното писмо во кое дознава дека сопругот ја изневерил, дека се дрогирал и дека си го одзел животот, таа ја губи свеста, но нејзиниот шок откако ќе се освести нема да биде ништо помал – Марија дознава дека сето тоа било само груба шега на судбината.
Испукува пиштолот што на замислениот последен ден од животот е изваден од сеф, но за среќа никој не умира. Освен првиот брак на парот Рајсберг. Дали се спремни за втор? Брак и живот!
Прочитајте го романот „Уништивање“ и откријте самите!