КОЈ ШИРИ ЛАЖНИ ВЕСТИ ЗА ПРОЕКЦИИТЕ НА ММФ ЗА МАКЕДОНИЈА? Препукувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ

Македонија е на дното на Западен Балкан, тврди опозициската партија. Ќе бидеме први во регионот, се фали СДСМ. Оди најди им го крајот...

491

СДСМ се фали со економски резултат кој што е најнизок во регионот. Меѓународниот монетарен фонд потврди дека и Косово и Албанија и Црна Гора се пред Македонија, нивните економии се подобри и за 50% во однос на растот, тврди ВМРО-ДПМНЕ.

„Македонија, согласно со последните проекции, ќе има и понизок раст на БДП од сите земји во Западен Балкан, а во исто време граѓаните ќе ги осиромашува и високата инфлација која исто така е една најголемите во Европа. Впрочем, за тоа говори и признанието на Битиќи, кој кажа дека храната и основните производи во Македонија се поскапени за 46%, додека во Европа пораснале само за 11 %. Ова е уште еден доказ дека кај нас стандардот паѓа 4 пати побрзо отколку во останатите држави“, се вели во соопштението на опозициската партија.






Дека состојбите не се подобруваат како што сака владата да ги претстави покажува и прогнозата на ММФ дека Македонија оваа година ќе ја заврши со инфлација од околу 10%,, што е речиси двојно повеќе од проекциите на Владата дека инфлацијата ќе биде 5,6%.

„Инфлацијата во Македонија во моментов е за 50% повисока од таа во Еврозоната, тоа е јасен показател дека не е увезена, туку последица на неспособноста на Ковачевски. Нема лош резултат со кој Македонија со Ковачевски не е прва“, се вели во соопштението.

СДСМ се огласи со соопштение во кое тврди дека Меѓународниот монетарен фонд ја покачи проекцијата за раст на македонската економијата на 2,5 проценти.

„И тоа е факт. ДПМНЕ не кажува дека дека токму според ММФ ќе имаме подобар економски резултат од Србија, Бугарија и од Словенија во регионот, а на исто ниво со Грција. Исто така, растот на БДП во земјава ќе биде за 1,8 процентни поени повисок во однос на просекот на ЕУ, додека за Германија се предвидува рецесија. Бидејќи станува збор за нашите најголеми трговски партнери, тоа дополнително укажува на отпорноста на домашната економија“, се вели во соопштението на СДСМ и оценките на ВМРО-ДПМНЕ се нарекуваат „лажни вести“.

„Успешните економските политики на СДСМ ги даваат очекуваните и конкретни резултати, инфлацијата се намалува, економијата бележи поголем раст. Инфлацијата се намалува и се очекува до крајот на годината да се спушти под 5 отсто, а наредната година да се врати на стапка од 2-3 проценти, како пред кризата. Истовремено економијата бележи раст. И ММФ ги подобри проекциите за македонската економија и предвидува стапка на раст од 2,5 насто годинава и 3,2 насто за 2024 година. Според ММФ растот на БДП во земјава ќе биде поголем од Србија, Бугарија и Словенија, како и за 1,8 проценти повисок во однос на просекот на ЕУ, СДСМ, како одговорна партија продолжува со грижа за сите граѓани, и заштита на нивниот стандард, како и со мерки и чекори за поттикнување на економскиот раст“, тврди СДСМ.
Поврзани содржини