КОЈ САКА ДА СИ ИГРА СО ОГАН? Еве како течат „држ-не-дај“ преговорите во Женева

Сергеј Рјабков не е задоволен од првите два дена преговори, а според него направени се „значителни“ напори за да се убедат Американците дека „играњето со оган не е во нивен интерес“. И додека Рјабков посакува НАТО да се „врати на своите граници од 1997 година“, Џулијан Смит, амбасадорката на САД во НАТО на видеоконференција рече дека Алијансата нема намера да го врати времето и дека „вратата (за членство на Украина) останува отворена“. Но, дали е отворена? Според украински извори и Американците и Русите преќутно знаат дека Украина никогаш нема да биде НАТО-членка.

721

И САД и Русија веројатно се спремни да си играат со оган или барем така изјавија нивните челници во „држ-не-дај“ преговорите кои трет ден се одвиваат во неутралната Женева. Осум часа мубает во понеделникот не беа доволни Венди Шерман, 72-годишната „сребрена лисица“ со седа коса и нејзиниот колега Сергеј Рјабков, рускиот заменик-министер за надворешни работи да го договорат посакуваното повлекување на НАТО од Украина, но и од цела Источна Европа, а се најдоа само кај деталите за одредено ракетно разоружување.

– Бевме цврсти – им рече Венди на новинарите по разговорот, мислејќи на тоа како таа и другите американски претставници се „лактаа“ со Русите.






Ни Рјабков не остана покусо во своето објавување на можна војна.

– Ги повикуваме САД да покажат максимална одговорност во овој момент. Ризиците поврзани со можното зголемување на конфронтацијата не треба да се потценуваат – рече Рјабков, додавајќи дека направени се „значителни“ напори за да се убедат Американците дека „играњето со оган не е во нивен интерес“.

И додека Рјабков посакува НАТО да се „врати на своите граници од 1997 година“, Џулијан Смит, амбасадорката на САД во НАТО на видеоконференција рече дека Алијансата нема намера да го врати времето и дека „вратата (за членство на Украина) останува отворена“. Но, дали е отворена? Според украинскиот политичар Нестор Шуфрич и Американците и Русите знаат и прифаќаат дека Украина никогаш нема да биде дел од НАТО, а тоа му било потврдено на самитот Г7 од претставници на три европски земји.

После сè, преговорите во Женева се „за Украина, но без Украина“, а украинскиот претседател Володимир Зеленски како да е веќе изморен, па во последната изјава повикува на мирен, дипломатски „крај на конфликтот“ кој би бил договорен на заеднички самит каде и неговата земја ќе биде повикана.

– Време е да се договориме за крај на конфликтот и подготвени сме за неопходните одлуки за време на новиот самит на лидерите на четирите земји – се вели во изјавата на украинскиот претседател, пренесува Ројтерс.

EPA/SALVATORE DI NOLFI

Има ли нешто договорено досега?

Според Нестор Шуфрич, засега некаква согласност има за втората точка од руските барања за дистрибуција на ракети, особено за вооружувањето со нуклеарни боеви глави во балтичките држави.

– Ми беше кажано дека Американците ги разбираат овие две точки и не се противат – рече пратеникот од украинската опозиција.

Ова го потврди и Нед Прајс, портпарол на Стејт Департментот. Тој рече дека Американците со задоволство прифаќаат различни реципрочни договори за проектили и транспарентност на движењето на војниците.

Сепак, сè останато е проблем. За Американците преговорите не се некоја нова Јалта каде тие ќе можат да се повлечат од Источна Европа или барем да престанат да се шират.

– Искрено, не гледам многу компромиси за прашањето за пристапот на НАТО кон проширувањето – изјави амбасадорката Смит.

За Русите, од друга страна, топката е во дворот на НАТО, a според Рјабков, руската војска може да одговори на начин што „неизбежно ќе ја оштети безбедноста на САД и нивната европска сојузници.“

Русија да не ја потценува Британија

Војна индиректно објави и Велика Британија. Тамошниот секретар за одбрана, Бен Валас ја препреди Русија да не ја потценува неговата земја, пишува Стандард.

– Нашите непријатели не треба да се сомневаат во решеноста на Британија да се спротивстави на насилниците, да ги брани оние кои не можат да се одбранат себеси и за нашите вредности – рече Валас на 40-годишнината од војната на Фолкландските Острови, која Англичаните ја добија против Аргентина.

– Далечината не треба да ја одврати Британија, ниту пак обемот на предизвикот, бидејќи историјата е преполна со последиците од оние кои го потцениле овој мал остров“ – додаде тој мислејќи на Обединетото Кралство.

фото: твитер

Украина никогаш нема да биде дел од НАТО?

– Во принцип, ние разбираме дека … прво: Украина никогаш нема да биде членка на НАТО, никогаш воопшто – вели Нестор Шуфрич, лидер на опозицијата во Украина за ТВ Неш.

Шуфрич „имал можност да комуницира со директното раководство на две европски земји и со луѓе блиски до властите на друга држава која е членка на Г7“.

Според него, „сите недвосмислено рекоа – сите три [нации] се земји на НАТО – дека Американците и Русите се договориле за сè“.

Според Шуфрич, украинскиот претседател Володимир Зеленски и самиот разбира дека Киев нема да се приклучи на НАТО за време на неговиот мандат.

Преговори за Украина … без Украина

Во настап на истиот канал, пратеникот од партијата Доверба, член на владината коалиција на Зеленски, Сергеј Шахов предупреди дека дискусиите за иднината на источноевропската земја без вклучување на Киев само ќе доведат до ескалација на непријателствата.

– Добро е што нашите партнери од сите страни седнаа да преговараат, но тоа е повторно Украина без Украина. Не бевме повикани таму да разговараме и тоа покажува дека тензиите можат само да се зголемат – предупреди тој.

Поврзани содржини