КОЈ ПРОИЗВЕДУВА ХРАНА МОЖЕ ДА „КРКНЕ“ ДО 10.000 ЕВРА! Отворени јавни повици за субвенционирање
Висината на финансиската поддршка согласно оваа програма изнесува до 600.000 денари по корисник, без вклучен ДДВ.
Два јавни повика за финансиска поддршка на земјоделски производители на храна се објавени денеска на веб страната на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – еден за производители на храна од животинско потекло и еден за производители на храна од неживотинско потекло.
Од Програмата за земјоделство и рурален развој износ од 17.500.000 денари ќе се користат за доделување на неповратна финансиска поддршка за инвестиции во опрема, основни средства и услуги кои имаат за цел: остварување на додадена вредност во примарното производство, развој на производи со традиционални карактеристики и зголемување на конкурентноста, како и развој на семејни бизниси од областа на производство на храна од животинско и неживотинско потекло.
Право на учество на јавните повици имаат земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и да се регистрирани или евидентирани како оператори со храна од животинско, односно неживотинско потекло.
Крајниот рок за доставување на барањата за финансирање е 25 дена од денот на објавување на јавниот повик, односно заклучно со 2. април 2023 година. Барањата кои нема да бидат доставени во предвидениот рок нема да бидат разгледувани.
Висината на финансиската поддршка согласно оваа програма изнесува до 600.000 денари по корисник без вклучен ДДВ за следните намени:
– трошоци за набавка на опрема за производство на храна (доработка и преработка на примарни земјоделски производи) во висина до 90% и/или
– трошоци за ангажирање на стручно лице (технолог за производство на храна) во висина до 10% од вкупниот износ од висината на финансиската поддршка по корисник.
Барањето се доставува во еден оригинален примерок во писмена форма заверен и потпишан од страна на барателот. Еден корисник може да поднесе само едно барање за доделување на финансиска поддршка согласно Програмата.
Сите детални информации како и документи за превземање за двата повици достапни се на следниве линкови: Повик 1. и Повик 2.