Македонија најверојатно има рекорд во организирање на вонредни парламентарни избори – од изминатите десет парламентарни изборни циклуса, последните пет беа предвремени. Овие избори се историски поради многу причини. За првпат по 2002 година СДСМ доби најголем број на мандати, составот на парламентот е скоро подеднакво поделен, додека албанските политички партии значително ги зголемија своите редови во Собранието.
Збор-два за кампањата
Парламентарните избори во 2020 година се вистински уникат. Најпрвин, ова се првите, и се надевам единствените избори организирани за време на виор на пандемија. Второ, избориве беа тест за работењето на владата предводена од СДСМ, нешто кое не сме го виделе во последните 14 години. Последно, за првпат во историјата избравме пратеници во Собранието на Република Северна Македонија, како членка на НАТО.
Но, за жал, националистичкиот наратив продолжи и во оваа предизборна кампања. Многу од помалите партии се залагаа за поништување на Преспанскиот договор; некои дури зазедоа став против Охридскиот рамковен договор. ВМРО-ДПМНЕ продолжи со својата долгогодишна реторика, фокусирајќи се исклучиво на етничките Македонци и зборувајќи за победници во засебни етнички блокови. ДУИ го мобилизираше своето гласачко тело со идејата за прв Албанец премиер. Секако идејата е прилично демократска, но инсистирањето на неговата етничка припадност како клучен фактор крие една перфидна намера. Алијансата на Албанците, пак целеше само кон етничките Албанци, зборувајќи за дискриминација, квоти и еднаква репрезентација. Противтежа на овие ретроградни реторики беше коалицијата „Можеме“ на СДСМ, Беса и на останатите партии, првата предизборна коалиција на една македонска и албанска политичка партија.
Изборни резултати
Сите анкети индицираа една мртва трка, со благо водство на СДСМ. Според повеќето, ДУИ беше во предност наспроти Алијансата и Алтернатива, додека од непарламентарните политички партии се издвојуваа Левица и Интегра. Изборните резултати ги докажаа анкетите. ДИК пресуди. СДСМ доби 46 мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, АА/А 12, Левица 2 и ДПА 1 мандат. Сите партии далеку од магичната цифра од 61 пратеник, потребна за формирање на влада. ВМРО-ДПМНЕ прогласи победа во македонските општини, ДУИ го најави „враќањето на орелот“, но СДСМ доби најголем број на мандати и со тоа ја прогласи својата прва победа на парламентарни избори од 2002 година. Но, дали тоа е навистина така?
Пирова или номинална победа
Целта на коалицијата „Можеме“ на овие избори, јасно артикулирана преку изјавите на носителите, беше да извојува победа во изборната единица 6 и да може да формира владино мнозинство без учество на политичката партија ДУИ. И во двете цели немаа успех.
Кога овие изборни резултати се споредуваат со тие од 2016 година, (не)намерно се создава конфузија меѓу јавноста. Во 2016, ВМРО-ДПМНЕ доби 51 мандат, СДСМ 49, ДУИ 10, Беса 5, Алијансата 3 и ДПА 2. Но, по формирањето на влада од страна на СДСМ, како и секогаш на македонската политичка сцена, многу пратеници почнаа да го премостуваат политичкиот спектар и да преминуваат при СДСМ. Најпрвин, ВМРО-ДПМНЕ го напуштија 3 пратеници од коалициските партии и влегоа во пратеничката партија на СДСМ. Подоцна, Беса се распадна на две фракции – Беса,со 2 пратеника,и Алтернативасо 3. На крајот, Зоран Заев ги најави и пратениците Панчо Минов и Зеќир Рамчиловиќ на своите пратенички листи (обајцата беа избрани на листите на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ). Кога ќе се соберат и одземат сите поделби и преминувања, ситуацијата драстично се менува. На денот на распуштањето на Собранието, ситуацијата изгледаше вака: СДСМ имаше 56 пратеници (оригиналните 49 плус 5 од ВМРО-ДПМНЕ плуа 2 од Беса), ВМРО-ДПМНЕ падна на 46, ДУИ и ДПА останаа на своите 10 односно 2, додека Алијансата и Алтернативата заедно имаа 6 пратеници.
Имајќи ја предвид реалната состојба на политичките партии во собранискиот состав, се менува перцепцијата за изборниот резултат во 2020. Резултатите во 2016 изградија погрешна перцепција на големи загуби во мандати кај ВМРО-ДПМНЕ, мали загуби во СДСМ и огромен пораст кај Алијансата. Но, споредувајќи го исходот во 2020 со реалниот број на пратеници во Собранието, се создава мошне различна приказна. Така, СДСМ загубила 10, ВМРО-ДПМНЕ 2 и ДПА 1 пратеник, додека ДУИ доби 5, Алијансата и Алтернативата 6, а Левица 2 пратеника.
Оттука, владеачката коалиција не само што забележа опаѓање во гласачкото тело и губење на 10 мандати, туку не исполни ниту една од своите главни изборни цели. Коалицијата „Можеме“ заврши на далечното трето место во изборната единица 6, а распоредот на силите не овозможува исклучување на ДУИ од владиното мнозинство. Пирова победа е еуфемизам за ваквиот изборен резултат: станува збор за една номинална победа, која се состои од фактот дека коалицијата можеше да си дозволи да загуби значителен број на мандати, а се уште да биде прва на изборите.
Останатите партии
Овие избори беа првите парламентарни избори во 14 години, каде што ВМРО-ДПМНЕ се најде во не толку пријатната позиција на опозиција. Сегашното раководство не успеа доволно да се дистанцира од претходното. Ниската излезност и разочараноста во етничкиот македонски електорат придонесоа за слабиот резултат на двете големи партии. Дополнително, реториката на раководството на ВМРО-ДПМНЕ не успеа да ги привлече гласачите разочарани од сегашното владеење, давајќи незадовилителен резултат. ВМРО-ДПМНЕ дури загуби пратеничко место во изборната единица 3, каде што секогаш имаа висок и победнички резултат. Разликата од неколку стотици гласа во изборната единица 2 е поразителна. Таа треба да биде црвено знаме за оваа партија.
Вреди да се спомене и влегувањето на политичката партија Левица во парламентот. Честопати, партијата се обидуваше да добие поени, барајќи поништување на Преспанскиот договор, враќање на старото име и забранување на етничките партии.
Иако македонскиот национализам обезбеди доволна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и спречи изборен крах, националистичката реторика кај албанските партии успешно ги мобилизираше гласачите. Многумина предвидуваа и се надеваа дека ДУИ ќе премине во опозиција, партијата изненади со 100.000 гласови и 15 пратенички мандати. Навидум тесната трка кај албанските партии им помогна и на Алијансата и Алтернатива да освојат 12 пратенички мандати.
Идни чекори
Изборниот резултат го сведува маневарскиот простор на четири можни сценарија. Првото предвидува формирање на влада од СДСМ и ДУИ. Второто, пак, се однесува на „проширена“ влада, т.е. СДСМ, ДУИ и останатите албански партии. Третото значи влада предводена од Христијан Мицкоски, додека четвртото ги носи граѓаните на нови предвремени избори.
Редум… Разликата во пратениците е јасна. Претседателот Стево Пендаровски ќе му го додели мандатот за формирање на влада на Зоран Заев, лидерот на СДСМ. Заев ќе биде принуден повторно да затропа на вратата на Али Ахмети. Заедно, СДСМ и ДУИ имаат 61 глас (46 плус15), токму најмалиот број потребен за формирање на влада. Ова сценарио е најверојатно и подразбира втор премиерски мандат за Зоран Заев.
Кога Заев и Ахмети ќе се договорат, тие можеби ќе сакаат да го засилат своето мнозинство во Собранието. Доколку Алијансата, Алтернатива и ДПА се решат на приклучување кон ова мнозинство, тогаш Заев би бил во поудобна позиција во собраниските сали, односно владинито мнозинство би располагало со најмногу 74 пратеници (46 плус 15 плус 12 плус 1). Второто сценарио е помалку веројатно, но зависи од расположението на Села, Гаши и на Тачи да коалицираат со Заев и со Ахмети. Исто така, ова сценарио е комплицирано и тензично за партнерите во коалицијата.
Во хипотетичка ситуација Заев да не успеа да собере 61 потпис, тогаш претседателот Пендаровски би требал да му даде на Христијан Мицкоски мандат за формирање на владино мнозинство. Мицкоски има само едно решение – коалиција со ДУИ и Левица. Бидејќи ДУИ јасно кажа дека ќе коалицира со партии коишто го прифаќаат Преспанскиот договор, ова значи дека ВМРО-ДПМНЕ и Левица ќе бидат принудени да се откажат од своите фантазии за поништување на договорот во Преспа. Потенцијалната влада на Мицкоски би се состоела од 61 пратеник (44 плус 15 плус 2). Сепак, исполнувањето на ова сценарио е најмалку веројатно.
И секако, доколку никој не успее да собере 61 потпис, или пак коалициското работење се покаже како дисфункционално и тензично, можеме да се соочиме со уште едни предвремени избори. Или во есента оваа година, или во 2021. Како и да е, сметам дека најверојатно Заев ќе успее да оформи ефективно владино мнозинство.
Што понатаму?
Политичката партија Левица успеа да го пробие мразот и да влезе во Собранието со дури два пратеника. ВМРО-ДПМНЕ ја плаќа цената за недоволните реформи и недистанцирањето од претходното раководство, а сегашното лидерство нема друг избор освен да си поднесе оставка. ДУИ повторно се консолидираше како клучен партнер за формирање на влада, но дали ќе ја исполни својата цел за премиер Насер Зибери останува да видиме. Кампањава овозможи Алијансата и Алтернативата да ги дуплираат своите пратенички места, а нивното делување ќе им биде одлучувачко за политичката иднина. Иако има плуралитет мандати, коалицијата „Можеме“ не ги достигна своите цели. Лидерството мора да биде свесно за својата кревка состојба и сериозно да го анализира придонесот на Беса.
Како и секогаш, судбината на политичките партии во Македонија ќе биде решена во Мала Речица. Заклучно, во еден ваков временски период, приоритет за земјава е да има влада која ќе го признае Преспанскиот договор, нема да наштети на државниот углед во светот и сиот мандат ќе го посвети на потребните домашни реформи.
(Авторот е гимназијалец во Меѓународни училишта НОВА, како стипендист на Меѓународната фондација Борис Трајковски. Активен е во граѓанскиот сектор).