КОЈ ПИЕ ПИВО, ТОЈ Е ПОПАМЕТЕН?! Македонците пијат најмалку, а Хрватите најмногу во регионот
Една неодамнешна студија на Универзитетот во Илиноис покажала дека консумирањето пиво ги прави луѓето попаметни, особено кога станува збор за справување во предизвикувачки ситуации и решавање проблеми. По оваа логика и податокот дека Македонците пијат најмалку, следува само еден заклучок
Од 2007.година секој прв петок во август се одбележува Меѓународниот ден на пивото. Пивото е најстар и најчесто консумиран алкохолен пијалок во светот и трет по популарност, веднаш по водата и чајот, па не е чудо што има и свој ден. Независно од тоа на кој крај од светот се наоѓате, ако сте одлучиле да седнете и да се напиете чаша пиво, треба да знаете дека тоа се прави од истите намирници – житарки, најчесто слад од јачмен, пивски квасец, вода и хмељ, кој му дава вкус и делува како природен конзерванс.
Пивото е еден од ретките алкохолни пијалаци за кои луѓето велат дека не ги пијат заради алкохолот, туку затоа што им годи. Исто така, се нарекува и „златна течност“, и овој синоним само ја потврдува неговата популарност и вредност.
Истражувањето покажало дека консумирањето пиво ги прави луѓето попаметни
Кога станува збор за потрошувачката на пиво по држави, Македонија заостанува не само зад традиционално пивските земји како Чешка, Полска или Германија, туку и во однос на земјите во регионот. Имено, во земјите од регионот, според потрошувачката по жител, најмногу пиво пијат Хрватите, следуваат Словенците и Србите, Бугарите, и така натаму. Помалку од нас пијат пиво само граѓаните на Косово. Истото важи и воопшто за консумирањето на алкохол.
Денес се одбележува Светскиот ден на пивото, па додека се одмарате на плажа или на вашата тераса со чаша пиво, прочитајте неколку интересни факти. Меѓудругите, и за резултатите на една неодамнешна студија на Универзитетот во Илиноис кои покажале дека консумирањето пиво ги прави луѓето попаметни, особено кога станува збор за справување во предизвикувачки ситуации и решавање проблеми.
Во студијата учествувале четириесет мажи на возраст од 21 до 30 години кои биле поделени во две групи. Во едната пиеле околу 0,5 литри пиво, додека другата не консумирала алкохол. Сите добиле задача во која требало да решат проблем, а резултатот ја потврдил претпоставката на истражувачите – групата што консумирала пиво решила 40% повеќе задачи од трезвените колеги, а исто така и решавањето на проблемот им одзело помалку време! Меѓутоа, на тестовите каде што било потребно да се има добра меморија, групата што не пиела алкохол се покажала подобро, пренесува Bussines Insider.
Овие резултати, како и податокот дека Македонците пијат најмалку, не водат само кон еден заклучок.
Кои се најголеми производители, а кои најголеми потрошувачи на пиво во светот?
На светско ниво, иако пандемијата ги променила навиките на пивопијците, најмногу пиво се уште се пие во Кина. Но, кога станува за тоа кој пие најмногу по глава на жител, европските земји се уште апсолутни шампиони.
Според некои истражувања, Чесите упорно го држат водството во пиењето пиво, и покрај фактот дека нивната потрошувачка на пиво е значително намалена заради пандемијата (од 143 на 137 литри по глава на жител). На второ место во Европа, по пиењето пиво, се Германците. Тие пијат околу 110 литри по глава во просек, а вкупната годишна потрошувачка во целата земја изнесува дури 9 милијарди литри. Повеќе од половина од таа сума се пие на познатиот фестивал Октоберфест.
Водечки производител на пиво во ЕУ е Германија, Холандија е најголем извозник, а Франција – најголем увозник.
Членките на ЕУ во 2020 година произвеле речиси 32 милијарди литри пиво со алкохол и 1,4 милијарди литри пиво со помалку од 0,5 проценти алкохол.
Произведени се вкупно 74 литри пиво по глава на жител, објави Европската статистичка служба, додавајќи дека во 2020 година, производството на пиво со алкохол во ЕУ е намалено за осум проценти, додека производството на безалкохолно пиво е стабилно.
Фото: Pixаbay