Кој пее, на протоколи не сака да мисли!
Владата бара музичарот да смее да свири или да пее само ако е член на некое од здруженијата на уметници во земјава.
Поголемиот дел од естрадните уметници излегоа денеска на протест пред Владата поради тоа што не се согласуваат со новите протоколи според кои жива музика може да има само на свадби, а не и во кафулиња и во други локали.
Владата бара музичарот да смее да свири или да пее само ако е член на некое од здруженијата на уметници во земјава.
Во однос на протоколите за работа на рестораните за свадби, музичарите сметаат дека се добри, но колку ќе се почитуваат, ќе се види на самата прослава.
Музичарите и музичките работници преку Здружението за унапредување на правата на музичарите (ЗУПМ) „Музика сега“ побараа од Владата укинување на точките од протоколите со кои во угостителските објекти за исхрана и кафетерии е забрането организирање на музички настани со настап на музички уметници во отворен и затворен дел од објектот (пејачи, музички групи, диџеи) и се ограничува максималното ниво на бучава во објектите на 55 децибели, соопшти Независната угостителска комора (НУК).
Проблем со новите протоколи за организирање на свадби, прослави и веселби е и точката 7 со која угостителскиот објект во кој има прослава е должен да ја регистрира и пријави прославата во угостителска комора која води регистар на свадби, прослави и останати веселби.
– Наместо Владата побрзо да излезе во пресрет на укажувањата за недоследноста на промената на постојните протоколи за работа на угостителските објекти и новите протоколи за организирање на свадби, прослави и веселби ги доведува угостителите и организаторите на своите прослави во ситуација на постоење протоколи и понатаму да не можат да организираат свадби, прослави и веселби – се вели во соопштението од НУК.
Со оглед дека ниедна комора во моментов не го води овој регистар на свадби, прослави и останати веселби ниту има овластување и обврска да го води, угостителите немаат можност и начин да организираат прослава во својот угостителски објект согласно новите протоколи без истите да бидат прекршени со што се доведуваат во стартот да бидат ригорозно казнети и затворени во случај на контрола од државниот пазарен инспекторат за непочитување на овие протоколи, наведуваат од НУК.
На овој начин, посочуваат, угостителите и организатори на прослави се доведени во заблуда дека и покрај постоење посебни протоколи за организација на свадби, прослави и веселби тие и понатаму не можат да се реализираат и да се одржат.
– Затоа Владата има за обврска и одговорност итно да ги промени проблематичните точки од протоколите на кои укажавме веднаш по нивното донесување со цел да се овозможи на угостителските објекти да работат законски согласно препораките и протоколите за заштита и спречување на ширењето на вирусот ковид-19 – велат од НУК.