На прашањето ако некој патник оди на еден ден вон земјата, во Бугарија, на пример, дали при влезот назад во Македонија ќе се смета за валиден тестот за ковид- 19кој бил приложен при излез, министерот за здравство, Венко Филипче, одговори:
– Да, важи, апсолутно, станува збор за еден ден посета, а потоа важат правила за изолација – рече Филипче.
За тоа дали само PCR тестот се признава за валиден, тој потврди дека само тој тест ќе се признава, а серолошкиот тест не е релевантен податок за да знаеме во каква здравствена состојба е граѓанинот – појасни министерот.
Филипче денеска потсети и дека јавно ќе се објавуваат имињата на лицата коишто не сакаат да ги примат решенијата за изолација.
– Искуствата покажуваат дека луѓето многу често прават отпор, не соработуваат со инспекторите или со епидемиолозите или даваат погрешни податоци. Членот во законот се нарекува објавување со јавен оглас само на лицата кои од „икс“ причини не им е врачено решението, дале грешни податоци, не може да стигнат инспекторите до нив, прават отпор или не соработуваат. За сите други се делат решенијата и на тоа сега интензивно работиме. Се координираат Државниот санитарен и здравствен инспекторат, на службата Мој термин, епидемиолошките служби и ќе имаме дефинитивна форма до крајот на неделава – рече Филипче.
А за тоа зошто некои луѓе се тестираат, а некои не, по 14-дневна самоизолација откако контактирале со заболен од ковид 19, министерот појасни дека по 14-дневната изолација, доколку станува збор за контакт кој не е позитивен, тогаш тестирање не е потребно.