КОЈ МИСЛИ ДЕКА Е ОШТЕТЕН ПРИ КАРДИОЛОШКИ ОПЕРАЦИИ, ДА СЕ ПОЖАЛИ ВО ФЗОМ Клековски гарантира истрага и одговор за секоја жалба
Директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски рече дека кога еден врвен експерт како доктор Сашко Кедев ќе изнесе тврдења за непотребни хирурши интервенции, секако треба да се обрне повеќе внимание, што не значи дека не се водат соодветни контроли и без такви изјави.
Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски упати апел до можните оштетени граѓани во кардиохирургијата и до сите други пациенти, да поднесат жалби.
– Да се жалите, без да се пожалат ништо нема да се реши. Нам ни требаат конкретни случаи, бидејќи сега има илјадници стентирани луѓе и ќе биде повеќегодишна работа ако тргнеме да проверуваме досие по досие. Апелирам секој еден граѓанин што е оштетен или мисли дека е оштетен со своите аргументи да поднесе претставка. Јас одговорно тврдам дека ќе ја истражиме и ќе одговориме – рече Клековски во гостување на Канал 5.
Повикот на Клековски следува откако кардиохирургот, Сашко Кедев пред неколку дена изјави дека во некои приватни болници се вршат непотребни интервенции – стентирања и операции, а со цел профит. По оваа изјава Министерството за здравство најави формирање комисија со експерти од три различни земји, кои ќе го проверат работењето во приватните здравствени институции. Ќе продолжат и контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со истата проблематика.
По изјавата на Кедев реагираше и приватната болница „Аџибадем Систина“ која го повика да каже кои конкретно приватни клиники вршат непотребни хируршки интервенции, а во спротивно најави тужба.
Директорот Клековски рече дека кога еден врвен експерт како доктор Кедев ќе изнесе такви тврдења, секако треба да се обрне повеќе внимание, што не значи дека не се водат соодветни контроли и без такви изјави.
– Во ФЗОМ имаме договор со јавни и приватни здравствени установи исклучиво во полето на кардиохирургијата, не во полето на кардиологијата. Она што популарно го нарекуваат стентирање се работи на Клиниката за кардиологија во Скопје, во Клиничката болница Тетово, во Битола, во Штип, во Специјалната болница во Охрид. Според нашите сознанија тие капацитети за интервентна кардиологија или стентирање се доволни. Поради тоа, ние немаме договори за стентирање со „Жан Митрев“ и со „Аџибадем Систина“, две други приватни болници каде што овој зафат се врши. Стентирањето многу често е итно, односно во случај на срцеви проблеми или прегледи треба во моментот да се направи. Додека, друг тип на интервенции се елективни и можат да се закажуваат или договараат во друго време – рече тој.
Клековски потенцира дека Фондот склучува договор со приватните здравствени установи во оние подрачја каде што нема давател или нема доволен капацитет на јавни даватели на тие здравствени услуги.
– Кардиохирургијата има два дела, еден е кардиолошкиот, а друг е васкуларниот дел. Кардиолошкиот дел се работи во Кардиохирургија, „Жан Митрев“ и во „Аџибадем Систина“. Тоа се трите установи со кои Фондот има договор. И васкуларната се работи во овие три клиники, во Клиниката за торакална хирургија и васкуларна хирургија и ми се чини во Штип и во Охрид. Фондот склучува договор со приватните здравствени установи во оние подрачја каде што нема давател или нема доволен капацитет на јавни даватели. Кардиохирургијата во Македонија почна како приватна кардиохирургија, а не како јавна кардиохирургија – рече Клековски.
Потенцира дека Фондот врши редовни и вонредни контроли во сите здравствени установи со кои има договор.
– Во основа Фондот врши редовни и вонредни контроли на сите установи со кои има договор за работите за кои има договор. Нормално дека можеме да го контролираме тоа за кое имаме договор. За тоа што немаме договор, не можеме да го контролираме. Тоа значи дека во поголемите установи вршиме редовни годишни контроли. На пример, кај една приватна здравствена установа од март до мај се контролирани 20 досиеја кои се лекувани по ДРГ (групи поврзани со дијагноза), каде цената се формира по ДРГ и 10 досиеја каде што цената се дефинира преку пакет услуги. Контролите опфаќаат дијагноза, дополнителни дијагнози, медицинска документација поврзана со тие дијагнози, кои се интервенциите кои се направени, со точен опис на секоја поединечна интервенција и за тие работи мора да има медицинска документација како поткрепа. Овие редовни и вонредни контроли ги прават доктори, меѓутоа ги правата доктори по општа пракса кои се стручни за медицина и не навлегуваат што пишува во ултразвукот, што пишува во ЕКГ, но, мора да има соодветна медицинска документација да се поткрепат наводите и тие се чуваат во болниците во одреден рок. Ние вакви контроли правиме во сите поголеми здравствени установи, не само во кардиолошките – рече Клековски.
Директорот на ФЗОМ истакна дека стручна проценка дали еден зафат требало да се направи или не може да го направи само стручна комисија во која ќе има соодветни специјалисти и експерти.
– Конкретно во „Жан Митрев“ и во „Аџибадем Систина“ секоја година се прават редовни контроли. Сме направиле 9 вонредни контроли заради наплата на приватни средства. И во сите девет случаи пациентите потпишале изјава дека се согласуваат оперативните зафати да ги платат самите, а да не чекаат на листа. За добар дел од интервенциите, посебно васкуларните интервенции, има листа на чекање. Не е дека нема доволно пациенти, туку напротив, има повеќе пациенти од што можеме во јавното и во приватното здравство да опслужиме. И сите девет поплаки се поврзани со васкуларна хирургија, каде што редовниот термин за пациентот да се оперира бил во ноември, а пациентот сакал да направи операција во април со сопствени средства. Нема ниту една поплака за стручниот дел. Ако имало поплаки, ќе сме ги упатиле до Државниот здравствен инспекторат – рече тој.
Клековски соопшти дека Фондот најмногу тужби има од странски болници.
– Не станува збор за домашни болници. Најмногу тужби имаше од една болница Фризбург во Германија, каде што пациенти се упатуваа за третман со матични клетки, најчесто хематолошки болни. Тие се наследени процеси и некои од процесите се одбиени. Не станува збор дека Фондот бил крив или не бил, едноставно комуникацијата меѓу Фондот и болницата не била соодветна и не биле соодветно разменувани информациите меѓу двете страни – рече Клековски.