КОЈ КОПА, А КОЈ ГИ ЗАКОПА? Од крадци на струја до газди на биткоини

На многу прашања јавноста денеска чека одговори од директорот на Градскиот трговски центар, Ѓоко Трајчевски, кој сношти изјави дека ништо не знае за „рудникот“ и дека денеска ќе прави увид со полиција.

2,639

Кој бил закупец на подрумот во ГТЦ во кој се копале крипто валути, од кога и колкав закуп плаќал? Кој ја плаќал крадената струја, кога е познато дека ГТЦ има само едно броило а струјата ја распределува на дуќаните по метар квадратен? Кој, всушност, стои зад копањето криптовалути во подрумот на ГТЦ?

На овие прашања јавноста денеска чека одговори од директорот на Градскиот трговски центар, Ѓоко Трајчевски, кој сношти изјави дека ништо не знае за „рудникот“ и дека денеска ќе прави увид со полиција.






По синоќешната акција на полицијата, која воопшто не влезе во подрумот и не направи увид, туку само им ја отвори вратата на новинарите да ја снимат просторијата со десетици компјутери, многу граѓани реагираа и го дополнуваа мозаикот на социјалните мрежи.

Како главни ликови во приказната беа наведени Габриел Бајрам, кој како советник на СДСМ денеска ќе учествува во конституирањето на Советот на Град Скопје, и неговиот брат Елвис, синови на покојниот пратеник Амди Бајрам.

Граѓани тврдат дека биткоини се копаат на повеќе места во ГТЦ, не само во просторијата што беше откриена синоќа, дека струја се крадела со кабел директно од трафостаница, како и дека е можно позади Габриел и Елвис да стојат трети лица.

ГТЦ по сопственичка структура е акционерско друштво во државна сопственост, а директорот го назначува Управниот одбор, кој го избира Владата. Струја се плаќа паушално по метар квадратен бидејќи во ГТЦ нема поединечни броила. Самото тоа што е констатирано дека некој троши енормно струја, а други ја плаќаат е кривично дело.

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ синоќа објави дека сопругата на Сашо Тасевски директорот на БЈБ (МВР) е претседателка на одборот на директори на ГТЦ и истовремено координаторка на Форумот на жени на СДСМ Кисела Вода.

Директорот на ГТЦ е истакнат активист на СДСМ во Скопје, вклучен во кампањата на поразениот Шилегов. Затоа нема да има ни истрага, ни обвинение за овој скандал. Сметките за нелегално потрошената струја ќе ги платат граѓаните и сопствениците на приватните дуќани во ГТЦ“, напиша Милошоски.

Копањето биткоини во ГТЦ наводно трае веќе три години. Неколку пати досега било пријавувано во полиција, но полицијата не нашла ништо. Последната пријава е од вчера во 14.45 часот во СВР Скопје кога извесен А.М. пријавил дека во магацините на ГТЦ имало поставено машини за копање крипто валути“, односно дека заради наводна интернет трговија со крипто валути, извесни лица извршиле кражба на електрична енергија, со цел да го опслужат неопходниот капацитет на нивните компјутерски машини неопходни за трговија со крипто валути.

Полициски службеници веднаш излегле на самото место согласно пријавата, извршиле разговори со одговорни лица на ГТЦ и со претставници од ЕВН, при што утврдиле дека за броилата, кои се во приватна сопственост, не е утврдена било каква кражба на електрична енергија, по што е утврдено дека не постојат елементи за сторено кривично дело, казниво согласно Кривичниот законик.

Во август 2021 година по претходно добиен оперативен податок за истото кривично дело кражба на електрична енергија, исто така е постапувано од страна на полицијата на истата локација и не е констатирана кражба на електрична енергија ниту се лоцирани компјутери за копање крипто валути.

Копањето крипто валути не претставува кривично дело предвидено во кривичниот законик на РСМ, нагласуваат од МВР.

Марко Бислимовски, директорот на Регулаторната комисија за енергетика, пред извесно време откри дека во Македонија многу струја крадат и трошат копачите на крипто валути.

Поврзани содржини