Кој кого „попиша“?

Крајната цел одамна не е тајна. Не е тајна ниту фактот, зошто во еден ваков „матен“ момент ја збркнаа и како што велат - „успешно ја завршија работата“, исто како  што е јасна нивната незинтересираност што „селото“ гори. Тие го потпалија уште во 2001 за да изгори... и сé што досега, сите овие години неуморно, тандемски работеа, беше само грижата за дотур на сурови дрва во оганот, за побрзо да изгори. Друго ништо не ги интересира. 

3,160

Мала Речица слави! Најличниот, се гледа на огледало и се бендисува. Заш да не! Се спрема да чекори по отворениот пат на албанскиот етношовинизам, кој е слободен – без каршилук! Борци на УЧК дојдени од сите страни му ја придржуваат новосошиената униформа, а водачите од Косово и Албанија со нетрпение ги очекуваат слугите од СДСМ на поклонение, со послужавник прекриен со знамето на Г. Албанија, а врз него, избор на нови еполети – навезени срмени симболи со раскрилениот црн орел, кој во канџите држи…?! – закит, за рамото на новиот водач на македонската пропаст.

По свесната и успешна (дали е дефинитивна?) поделба на македонскиот народ, за која се виновни сите македонски политички партии, сите водачи… кои со години седнати во скутот на албанскиот фактор (лелеее!… ако и со новата власт биде така…), за да останат на власт, ги избришаа белезите на македонската тековина, со сé придобивките на АСНОМ-ска и АВНОЈ–ска Македонија. Со шеќерлемата во уста, без национална свест нé водеа и водат по туѓ пат и не однародија од самите себе. Како владеат, така го продлабочуваат дното на македонската опстојба. Со свој рез врз македонскиот образ ги множат лузните во душите на Македонците, чиј лик, веќе не е препознатлив. Македонија се разобличува во туѓа творевина, со нови општествено политички односи, во кои, за Македонецот веќе нема место. Тој, се самоизбрка од себе и од својата земја!






Да не ги обвинуваме Албанците! Не е виновно ниту писанието на фалсификуваниот геноциден попис. Нели „првиот“ Македонец потврди дека е спроведен „со сите нишани“?… (а, не гледа завалијата, дека НАС ни фалат нишани… Тоа е затоа што на „крупно“ гледа. Треба да смени диоптер).

Пописот е само нова „успешно завршена работа,“ се разбира за Албанците, која ја одработија евнусите Македонци, од власта, а, тие, само го користат (зошто да не?) разореното мозочно македонско ткиво! Затоа, да не џавкаме како разџагорени врапци дека тој не е македонски попис! Точно е  дека е срам без коментар, но срамот е наш!

Ние сме челад со кратко паметење… -Ги заборавивме новите полициски униформи? Е, сега ќе ни препсаат, само што, и тамо ќе има измени… А, Законот за јазиците? Што дека е противуставен, и таму ќе има измени… Да не ги набројувам  лакардиите кои ние ги потценивме, ги издробивме, и ги изжвакавме. Сега ги преживуваме, како стадо овци под сенката на едно ископачено од коренот, и искастрено – дрво.

Сетете се: Ако законот за употреба на јазиците – двојазичноста, беше (а не беше) легално и во правна процедура поставен во Собранието, а не јуришнички донесен со прикачено европско знаменце, по „енси – менси…“ договореното помеѓу Ахмети и Заев, како услов на ДУИ да коалицира со СДСМ, и Заев како дародавач, да дојде на власт, – дали денеска ќе бевме вака „напреднати во демократските определби“? Незаконската двојазичност прв ни ја честита и поздрави самиот Столтенберг. Тоа беа првите зборови кои ги кажа од говорница на македонското Собрание! Што тука не е јасно? За мене – само нашиот молк!

Новата во низата извршени задачи за Албанците, не е последна… Тие, чекор по чекор, со агресивен политички замав, бесправно и бесрамно се наметнуваат како „државотворен фактор“ пред домашната и меѓународната јавност, и со сомнителна поддршка (од каде?) ги остваруваат своите јавни и скриени антидржавни цели. Бргу се измина трасираниот пат кој води до нивната следна цел, а таа е – признавање  конститутивна државотворност на албанскиот фактор, односно – одредување почесно место во македонската историја на агресорот на Македонија во 2001 година. После сé ќе оди многу лесно – како на удолница… по која веќе се лизгаме.

Пораката – „Не постои национална историја на оваа земја (како ѝ беше името?) без Националната ослободителна војска –УЧК“, неодамна, јавно  испорачана преку говорот на водачот, на прославата по повод „првите истрели на УЧК, на калето над Тетово,“ е искажана како барање за почесно место во македонската историја на Ослободителната војска на УЧК.

Пораката и барањето се  јасни: – Со борците од НОБ како историски конститутивен столб на АСНОМ-ска Македонија, да се изедначат и борците агресори врз македонската држава во 2001 година. Значи, да се доврши приватно (со шкопените Македонци) договорената и отпочната процедура, во веќе чепнатиот наш Устав. Таа е целта во нивната етно агресивна и јуришничка политичка агенда, која катадневно се надополнува, согласно приликите на теренот врз кој ја шират шепата. На свој начин, тие сметаат дека е нормално и допуштено демократско право, по превземањето на (речиси) целокупната власт во државата од страна на водачите на УЧК, и по 20 годишното непорочно нивно владеење со македонската земја и македонците на „власт“, водачите и борците, кои за себе сметаат дека го претставуваат албанскиот фактор, заедно да  бидат вградени во новиот македонскиот Устав, како нераскинлив, конститутивен столб на политичката функционалност и организациона поставеност во државата, по што, последиците од сето тоа по нас Македонците и државноста, би ги сметале  како збир од сите „успешно завршени задачи“.

Крајната цел одамна не е тајна. Не е тајна ниту фактот, зошто во еден ваков „матен“ момент ја збркнаа и како што велат – „успешно ја завршија работата“, исто како  што е јасна нивната незинтересираност што „селото“ гори. Тие го потпалија уште во 2001 за да изгори… и сé што досега, сите овие години неуморно, тандемски работеа, беше само грижата за дотур на сурови дрва во оганот, за побрзо да изгори. Друго ништо не ги интересира.

Тајната која треба да се одгатне, е во незаинтересираноста и незагриженоста на нас Македонците за самите себе и сопствениот опстанок во сопствената држава, иако сме свесни дека таа се разградува и приграбува, како од надвор, што е најошо, побрзо од внатре. Додека ни ја гребат државата однадвор, на нас Македонците времето ни поминува во џавкање – кој е „за“, кој „против“… Се надвикуваме како преку плот со најпогрдни зборови, свесно замижувајќи пред фактот, дека некој, кој е до нас и би трбало да е со нас, а не по свој паралелен пат, за жал,  сето тоа го користи… и ја држи рачката на тиквата  која одвнатре скапува.

Неблагодарно е да се осудува нечиј личен интерес и правото тој да си го преточи истиот во лична корист. И тогаш, кога некој повеќе се труди да го бара и добие тоа што му е корисно, за да, со тоа  го одржува своето битие, макар и кога прекардашува… останува чесен пред оној кој не се покажал кадарен и заинтересиран да го одржува својот интерес, кој го запоставува и не се труди да го зачува тоа  што му е потребно за самоопстојба. Од него и Господ крева раце.

Ние, како да сме предодредени вековно да грешиме во непочитувањето на себе и своето, поради искривената претстава за тоа што е наш личен интерес и каде треба да го бараме, и како да го сочуваме… Се однесуваме како да не се познаваме самите себе и своите потреби кои често ги поистоветуваме со интересот за материјалната добит, власт… па наместо личниот наш интерес да ни биде синоним на доблест и гордост, воплодени во самоопстанокот наш – македонски, ние отстапуваме пред туѓите образци и притисоци, рамни на – „навала пред гол“ и нив ги примаме како нормално (спортско) однесување, и им се потчинуваме, занемарувајќи дека нашите вредносни судови треба да ни ги одредат и спознат нашите постапки, од чија издржаност зависи нашата сеопшта егзистенција и исполнетост во животот.

И кога се прашуваме – што е ова (тоа) што заправо сега, во моментов или во блиско минато како непријатност го доживеавме, ретко кој од нас одговорот  го бара во себе. Полесно ни е само да се сложуваме со последиците, да ги минимизираме за лесно да ги прифатиме, или, ги отфрламе за да немаме грижа на совеста, што значи – да ги сокриваме од самите себе. А кога истите ќе ги почуствуваме како промена кон полошо, да реагираме, тогаш за тогаш. Дури и остануваме без никаква реакција – мртви ладни, сеирџии и молчаливи чекаџии на самите себе. Итро се браниме во себе: – Зошто јас да го речам или сторам тоа? Нека го стори друг! Зошто јас да настрадам…?

Ете, барем се обидов, а не знам колку успеав да го „нацртам“ пред себе и пред Вас погрешниот пат по кој врвиме. Пат одбран од друг, кој, се разбира, не може да не води таму каде што е нашето богаство на душата и срцето. Пат, по кој со осиромашена и излитена верба врвиме како разбиена колона, по своја заслуга – без достоинствен водач и без правец. Заостануваме неминовно по банкините на патот, бидејки не се снаоѓаме во недоодот.

Затоа, не требе да се чудиме што тонеме во сé поголема резигнираност, како поединци и како нација. Дневно возможното најлесно го прифаќаме и се препуштаме на случајното без да размислуваме за последиците, од што, – сомнежот во нашата автономност кој сами го потхрануваме, станува адут во туѓите раце и стремежи. Сами сме виновни што во таа смисла не сме кадри да не ги препуштаме своите најдлабоки интереси на играта на случајот, како, ни на случајни, недоветни македонски политичари.

Дел од сето погоре кажано, за жал, го повторувам. Во овој текст, има неколку реченици препишани од мојата веќе објавена колумна во 2003 година, во еден дневен весник, со наслов „Далеку од себе“, која е дел од мојата објавена книга „На самиот раб“ печатена во 2004 г.,  во издание на Матица македонска. Мислам дека нема потреба да објаснувам дека насловот на книгата се однесува на Македонија и нас Македонците. И тогаш и сега, од негрижа за сопствениот опстанок, се доведовме на работ на сопствената пропаст, со таа разлика што, сега сме во многу полоша состојба од тогаш… Многу долго стоиме на него… До кога?

Пред неколку децении магистрирав на тема – „Кривично правни аспекти на самоубиството и разликата – сличноста со убиството и еутаназијата“. Тогаш, по бројот на самоубиства бевме последни на Балканот…

Темата за самоубиството која од секогаш била интересна од филозофски аспект,  денеска, по однос на нас Македонците е актуелна од психолошки, па и етички агол. За тоа има стручни лица кои би можеле да помогнат, да си одговориме на прашањето: – Зошто како народ и нација по однос на нашата опстојба, манифестираме самоубиствени пориви?

Кога ја бранев темата, не знаев, ниту можев да замислам дека еден ден мојата земја и народот на кому му припаѓам и јас, ќе стоиме исправени на работ на сопствениот амбис.

Поврзани содржини