Кој и од кого ќе може да бара отпис на камата и репрограмирање на долг?
Простување на каматата на долг и репрограмирање на основниот долг ќе можат да побараат само државјани на земјава кои не се носители на дејност, односно трговец поединец, кои имаат долг кон државните органи и јавните институции, односно имаат обврска за плаќање на данок или друг вид јавна давачка.
Новиот закон за отпис на камати и репрограмирање на долговите на граѓаните од петтиот пакет мерки на Владата ќе се носи во скратена постапка, а се очекува да опфати 150.000 граѓани кои поради пандемијата, ниските плати или отказите од работа не успеале да ги платат долговите и затоа имаат натрупани камати кои за два и повеќе пати го зголемуваат долгот. Со законот се запира и постапката поведена пред извршител за должните граѓани и се запира плаќањето на рати по извршно решение.
Според предложеното законско решение, простување на каматата на долг и репрограмирање на основниот долг ќе можат да побараат само државјани на земјава кои не се носители на дејност, односно трговец поединец, кои имаат долг кон државните органи и јавните институции, односно имаат обврска за плаќање на данок или друг вид јавна давачка.
Поточно, граѓаните ќе можат да аплицираат за простување на каматите на долговите и репрограмирање на долгот само кон државните органи, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, органите на општините, на Град Скопје и на општините во Град Скопје, како и јавните претпријатија основани од државата и општините, како и кон УЈП за даночен долг.
Со законот се опфатени неплатените долгови за плаќање на: данокот на личен доход, данокот на имот, данокот на наследство и подарок, данокот на промет на недвижности, данокот на добивка, данок на додадена вредност, персонален данок на доход и придонеси од задолжително социјално осигурување со камата за задоцнето плаќање пресметана до денот на влегувањето во сила на овој закон, како и трошоците за нивна наплата.
Со законот се регулира и прашањето на платен основен долг за данок и платени само каматите на долгот.
„Доколку физичкото лице до денот на влегувањето во сила на овој закон измирило дел од достасаната камата, главен долг или трошоци, нема право да бара поврат на исплатениот износ. Доколку, пак, граѓанинот до денот на влегувањето во сила на овој закон го исплатил главниот долг во целост и има достасана камата по основ на главен долг, таа ќе биде предмет на отпис согласно овој закон“, се вели во предлог-законот.
Државните органи и јавните институции по сила на овој закон се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата во рок од 90 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, и за него најдоцна во рок од 15 дена да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, преку медиумите и на сопствените веб страни.
Според законот, отписот на камата на долговите не претставува доход на физичкото лице кој се оданочува согласно одредбите од Законот за данок на личен доход.
„Отписот ќе биде признаен трошок за целите на данокот на добивка за даночните обврзници“, стои во законот.
Приватните компании кон кои граѓаните имаат долгови со камати сами ќе треба да одлучат дали ќе ги отпишат каматите и ќе ги репрограмираат долговите.
„За отписот на каматите, како и репрограмирањето на главниот долг и трошоците, доверителите во приватна сопственост доброволно одлучуваат преку своите органи на управување“, се вели во предлог-законот.
Законодавецот предвидел и дека ќе се прекине извршувањето, односно присилната наплата и одложеното плаќање на даночниот долг за долговите кои до влегување на сила на законот стасале пред извршител. При тоа нема да се плаќа и пресметаната камата за доцнењето во исплатата. Тоа значи дека граѓаните опфатени со законот за отпис на камати и репрограмирање на долг нема да се најдат на списокот на должници на УЈП.
Законот предвидува репрограмираниот основен долгот граѓаните да го плаќаат на 12 рати почнувајќи од 1 јануари 2022 година, а со него се опфатени долговите направени до влегување во сила на законот.
Како краен рок за плаќање на месечните рати ќе се зема последниот ден од тековниот месец, а за задоцнето плаќање на месечните рати на репрограмираниот долг, се пресметува законска казнена камата, односно камата согласно Законот за даночна постапка.
Предвидени се и глоби во износ од 100 до 500 евра за раководните лица во државните органи за прекршок, доколку не постапиле по овој закон во предвидениот рок.
За законот треба да се изјаснат и пратениците пред тој да може да се применува.