КОЈ ГО УЦЕНУВА СВЕТОТ СО НУКЛЕАРКАТА ВО ЗАПОРОЖЈЕ? Москва и Киев со меѓусебни обвинувања

И вие, борци, мора да сфатите оти друг пат нема. Доколку дојде најтешката наредба, мора чесно да ја извршиме!, наводно биле зборовите на рускиот генерал Василиев.

354

Москва и Киев си ја префрлаат топката за нападите во нуклеарната централа во Запорожје. Додека Москва вели дека Украинците ја држат Европа во заложништво, од украинската нуклеарна агенција „Енергоатом“ велат дека „Русија го уценува светот“. Тие тврдат дека руските трупи поставиле експлозив на енергетските единици во Запорожје, цитирајќи го генералот Валери Василев дека „таму ќе има или руска земја или изгорена пустина“. Неговата изјава не беше потврдена од западните медиуми.

– Како што знаете, ги миниравме сите важни објекти на нуклеарната електрана Запорожје. И тоа не го криеме од непријателот. Ги предупредивме. Непријателот знае дека електраната ќе биде или руска или ничија. Подготвени сме на последици од овој чекор. И вие, борци, мора да сфатите оти друг пат нема. Доколку дојде најтешката наредба, мора чесно да ја извршиме! – наводно биле зборовите на Василиев.






Меѓу аргументите на Киев е и дека Русите преку гранатирање на Запорожје сакале да онеспособат голем дел од струјата во Украина што би им донело тактичка предност.

Пристигна и одговорот од Москва. Таму сметаат дека токму присуството на украинските вооружени сили близу централата ја прави ситуацијата опасна. Според Марија Захарова, портпаролка на руското МНР, Украинците ја држат цела Европа како заложник и очигледно не им е непознато да ја „запалат“ централата во Запорожје во корист на нивните нацистички идоли.

– Убиствата зад аголот и под превезот на ноќта се карактеристичниот modus operandi, да не речам суштината, на поддржувачите на идеологијата на Бандер, позната уште од Големата патриотска војна – посочила Захарова, пренесе ТАСС.

Таа рекла дека Меѓународната агенција за атомска енергија МААЕ редовно испраќа информации од терен и ги разоткрива криминалните дејствија на украинската армија.

Постојаниот претставник на Русија во меѓународните организации во Виена, Михаил Улјанов, претходно изјавил дека Русија е подготвена да му помогне на раководството на МААЕ во организирањето на посетата на нуклеарната централа во Запорожје, пренесе РИА Новости.

Руските сили ја зазедоа нуклеарната електрана во југоисточна Украина на почетокот на март, но, со неа сè уште управуваат украински техничари.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска побара да им се овозможи пристап на меѓународни инспектори до постројките во Запорожје.

– Секој напад на нуклеарна електрана е самоубиство – нагласи Гутереш на прес-конференција во Јапонија.

Реакции стигнуваат од целиот свет. Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер денеска изјави дека борбите во близина на нуклеарната централа Запорожје се опасни. Таа додаде дека руските сили, кои ја окупираа треба да ја предадат „целосната контрола“ врз нуклеарната централа на Украина.

Жан-Пјер посочи дека САД внимателно ја следат ситуацијата во Запорожје.

– За среќа, сензорите за радијација досега не покажаа никакви индикации за зголемени или абнормални нивоа на радијација – истакна Жан-Пјер.

Таа посочи дека САД се свесни за извештаите за рускиот третман на персоналот на нуклеарната централа и додаде: „Им честитаме на украинските власти и оператори за нивната посветеност на нуклеарната безбедност под овие тешки околности“.

Поврзани содржини