Кој го толерира говорот на омраза?

Зашто целосно е нејасно зошто државата односно нејзините надлежни институции остануваат глуви и неми пред континуираните навреди врз граѓаните по секој основ, со највулгарни зборови и со етикетирање, со негирање на нивниот идентитет и слично? И со кое право тогаш му префрлуваме на источниот сосед, па и на другите, за истиот однос? Или ние внатре можеме до бесвест да се навредуваме, но ако истите навреди дојдат однадвор, тогаш се крева алармот?

141

Огромна грешка, или ужасна лага, би било ако ние – како што има тенденции – го претставиме говорот на омраза (вклучувајќи го тука и национализмот) како најголема опасност по демократијата што ја немаме или закана по нејзиното дестабилизирање. Зашто, прво, не можете да дестабилизирате нешто што го немате, а второ, како појаснување: Македонија (сѐ уште) нема демократија во вистинската смисла на зборот или онака како што таа континуирано се практикува во Европа, освен она што е запишано во Уставот и во законите, но коешто никој не го гледа сериозно, односно како света должност на политичките елити кон сопствената земја. Поточно, ако на пиедесталот на најголемата опасност ги издигнеме национализмот и говорот на омраза, тоа би значело дека ние сме ги решиле сите транзициски проблеми кон суштинската демократија, па останале само овие како негов (нај)опасен дел. А дури и да е така, а не е, повторно никој ништо не превзема за конечна пресметка со тоа зло.

И токму тоа говори за нашиот (најблаго речено) арогантен однос кон Уставот и законите, за неодговорноста на институциите на системот, должни да се справуваат со тоа зло, а за што на располагање им се дадени сите, или повеќето, инструменти и механизми. Говори ли тоа за целосна дисфункциналност на системот и на надлежните институции во оваа насока, за комплетна политизација на истите и на луѓето кои ги раководеле, но и на највисоките власти во државата – оние што треба(ло) да ги контролираат и по потреба насочуваат институциите во нивната работа? Апсолутно.






Ако е тоа така, а така е, односно секојдневието тоа го потврдува, значи ли тоа дека ние, тоест власта – која и да е и каква и да е – едноставно не сакала да се справи со проблемот? Дека мислела/мисли дека успешно го менаџира и го „контролира“ (што и да значи тој збор во нивниот жаргон!), дека не го гледа проблемот како еден од најгорливите во државата, дека некој во власта дури успешно манипулира со него…? На секое од овие прашања, но и на многу други, граѓанинот би одговорил потврдно. Ако е прашан, но никој не го прашува.

Но, најважно: ние и на ова поле се однесуваме како да сме сами на светот, како да мораме да смислуваме одговори на едно чудо комплицирани прашања односно како никој пред нас да не сработил ништо во таа насока. Реченицата „ако не знаеш – прашај“ е само едниот излез од проблемот. Или ние воопшто не прашуваме, или прашуваме погрешни луѓе, а оние поставени на одговорни функции ги оставаме да ги решаваат најсложениоте проблеми, иако всушност не умеат ни до 20 да избројат? Или, пак, некој навистина манипулира со изблиците на говорот на омраза, ги „контролира“ и ги насочува, ги командува… па затоа никој сериозно не се зафаќа со проблемот?

Зашто целосно е нејасно зошто државата односно нејзините надлежни институции остануваат глуви и неми пред континуираните навреди врз граѓаните по секој основ, со највулгарни зборови и со етикетирање, со негирање на нивниот идентитет и слично? И со кое право тогаш му префрлуваме на источниот сосед, па и на другите, за истиот однос? Или ние внатре можеме до бесвест да се навредуваме, но ако истите навреди дојдат однадвор, тогаш се крева алармот? И како е можно никој, ама баш никој од надлежните институции, да не ги чита оние ксенофобични простотилаци за соседите, особено за „српскиот свет“, на неколку електронски портали? Или ги сметаат за оправдани и за израз на демократија? А што е тогаш важно за државата, олицетворена во неколку надлежни институции ако не тие и такви горливи проблеми со коишто, на сите можни начини, се справуваат европските демократии бидејќи сметаат дека се опасни?!

И конечно, дали навистина во она обвинителство работат само глуви и слепи луѓе односно лица со посебни потреби кои не гледаат, не слушаат, не умеат да читаат…? Па кој тогаш ги вработил таму и зошто и понатаму ги чува? За да глумат важна институција? Па дури ни глумата не им оди баш најдобро, барем според резултатите? Или го нема веќе она безобразно СЈО празнење на буџетот на име „хонорари“, па некако не се доволно мотивирани? Ако, пак, констатацијата за тоталната неспособност на таа институција е погрешна иако ја повторува секој втор граѓанин во земјава, како тогаш не ги читаат оние навреди дека „Македонските елити се составени главно од Бугари и од посрбени православни Албанци“, дека албанските политичари се идиоти, дека Македонците се говна… итн.? Или и тие се дел од групата што не се смета надлежна за книжевна критика, за шекспирологија, за (квази)слобода на говор…?

И од каде оној „случај“ со екс-претседателката на ДКСК заради некаква пријава испаѓа поважен за државата од она што ни се случува по порталите, на социјалните мрежи, на стадионите…? И зарем ние односно надлежните органи за гонење сериозно станавме најголемите бранители на слободата на говорот во Европа, која апси „долж и попреку“ заради такви изблици на „слобода“ и „книжевна критика“?

Ќе ги повторам зборовите на лорд Вални од неговата извонредна студија за заштитата на демократијата од принуда: дека „либералните демократии несомнено можат да бидат уништени“ и дека „слободните општества се посветени на одбраната на принципите на кои почиваат и треба силно да ги поддржуваат“. На што почива македонското слободно општество (ако е навистина слободно!) и што (покрај криминалот и говорот на омраза) брани ако навистина брани и нешто друго? Зарем идентитетот, културата на граѓаните, нивните етнички чувства и почит кон другиот не спаѓаат во демократските приницпи и делокругот на работа на некои институции? Се разбира дека базичните принципи на демократијата во едно слободно општество остануваат парламентарната демократија и владеењето на правото, слобода на говорот и печатот итн., но ако тие се само мртво слово на хартија, ако во реалноста тие највукгарно се злоупотребуваат, ако секој има право да плука по сопствениот народ и по другите народи…, тогаш за каква демократија говориме?

И сето ова понатаму ниже нови и нови прашања: зарем власта/државата не го разбира говорот на омраза во сите негови манифестации како закана по демократијата, како политичко насилство и узурпација на правата? И зарем не мисли дека мора да реагира на соодветен начин и со вистински одговор? Зарем власта/државата нема обврска да ги штити граѓаните (и) од таквите облици на политичко насилство камуфлирано во „книжевна критика“, шекспирологија, „превреднување“ на нештата низ пцовки и навреди и слични будалаштини? И дали, и зошто, граѓанинот е должен тоа да го поднесува без право на одбрана?

И кој е навистина „надлежен“ да ги постави границите за овие гнасотии? Ако, пак, Европа тоа умее да го направи, зошто едноставно не ги препишеме тие лекции? И никој со ова не заговара некакво укинување на слободата на говорот, уште помалку на мислењето (за што пишува Челиковиќ!) или воведување вербален деликт (иако некои од „интелигенцијата“ што го брани говорот на омраза токму тоа го бараше во одредени случаи!), заплашување на граѓанинот и слично, туку бара воведување нулта толеранција за таков навредлив говор! И соодветни казни, се разбира.

Ако Обединетото Кралство како една од најстарите демократии во светот си дозволило да го донесе т.н. „The Online Safety Act“ со којшто ги поттикнува социјалните медиуми да реагираат бргу во отстранувањето на таквите содржини, зошто ние не би имале нешто слично? Или ако во истото ОК државата се повикува на т.н. „The Communications Act“ од 2003 година и ги дисциплинира „електронските комуникации што се екстремно навредливи и недолични, развратни или заканувачки, или неточни, со цел да предизвикаат вознемиреност, непријатност или непотребен страв кај друг“, зошто ние толерираме секаков вид на поединечни и групни изживувања? Или ние сме поголема демократија од Обединетото Кралство?

А кај нив, како во колевка на европската демократија, според податоците на House of Lords Library од извештајот од јули 2025 годиона, полицијата на ОК, помеѓу 2022 и 2023 година, правела преку 12.000 апсења годишно врз основа на спомнатиот „The Communications Act“. Сите апсења биле врз основа на чл. 127 односно заради „злоупотреба на мрежата на јавни електронски комуникации“! Се разбира, не сите апсења завршувале со обвинителен акт, голем дел биле разрешени со спогодби, недостаток на докази и слично, но сепак од 2010 година наваму меѓу 500 до 2.000 апсења завршувале со пресуда. А тој чл. 127 вели:

„Поединец е виновен за навреда ако (а) преку мрежата на јавни електронски комуникации испрати порака или друг материјал што е грубо навредлив или со непристоен, развратен или со заканувачки карактер, или (б) предизвика таква порака или материјал да бидат испратени“.

Замислете каков хаос би настанал кај нас во редовите на „книжевните критичари“, „шекспиролозите“, „либералната“ интелигенција… кога кај нас би профункционирало нешто слично? А вљубениците во еу (малите букви се…)? Зашто, спомнатиот „The Communications Act“ не е британска измислица туку следење на еу директивите во оваа област, што, пак, значи дека и сите еу членки имаат слични закони! Или ние од еу „ќе купуваме“ само она што ни се допаѓа?!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини