КОЈ ГО ШТИТЕЛ ДИРЕКТОРОТ НА ОНКОЛОГИЈА НИНО ВАСЕВ? Продолжува распитот во Анкетната комисија на Собранието
Гледам дека поранешниот директор Нино Васев бил над законот и над согласностите кои му биле дадени. Ова укажува дека Васев не бил сам и имал политички покровител штом тоа го правел вака долго време - рече пратеникот Антонио Милошоски.
Анкетната комисија што ја формираше Собранието за утврдување политичка одговорност за скандалот на Клиниката за онкологија продолжи денеска со сослушување сведоци и експерти, како и со разгледување акти и документи.
На седницата која ја води потпретседателот на Анкетната комисија Александар Велјановски се распрашуваат поранешни и актуелни директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Магдалена Филиповска Грашковска.
При распитот на поранешниот директор на ФЗО Орхан Рамадани, кој ја вршеше функцијата во период од 2015 – 2020 пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски праша дали Фондот за здравствено осигурување е обврзан да даде согласност за барањето за дополнителни средства од одредена клиника, како на пример Клиниката за онкологија.
По одговорот од Рамадани, кој посочи дека ФЗО дала согласност по проценка од службите за тоа дали има потреба од бараниот лек, дали има буџет за побараните средства, Милошоски посочи:
– Гледам дека поранешниот директор Нино Васев бил над законот и над согласностите кои му биле дадени. Ова укажува дека Васев не бил сам и имал политички покровител штом тоа го правел вака долго време – рече Милошоски.
Пратеникот на СДСМ Ненад Коциќ праша дали додека Рамадани бил директор на ФЗОМ, добил пријава за незаконско работење и злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија и дали Фондот вршел редовна контрола во Клиниката за онкологија.
– Во 2017 направена е контрола на условниот буџет во два наврати. Констатирано е дека не е доставена документација за аплицирана терапија бидејќи истата не била набавена. Во 2019 сме имале претставка за рефундација за лек кој не бил на позитивната листа. Во 2019 во редовна контрола констатирана е една погрешно кодирана процедура – одговори Рамадани.
Анкетната комисија беше формирана на 29 септември откако Јавното обвинителство отвори предистражна постапка за овој случај по медиумските објави за наводни злоупотреби на работната позиција и нерегуларности поврзани со третманот на пациентите од оваа клиника.