Кој го прислушувал српскиот претседател Александар Вучиќ?

Досега во истрагата за аферата „Прислушување“ искази дале повеќе од 50 лица, меѓу кои и некои високи функционери од водството на српското МВР. Во медиумите протекуваат и имиња на осомничени.

1,182

Обвинителството за организиран криминал во Белград покренало предистражна постапка за наводите за неовластените прислушувања на српскиот претседател Александар Вучиќ и на неговото семејство. Предистражната постапка е покренета на 15 декември лани, а информацијата за тоа е соопштена во четвртокот.

Српскиот претседател Вучиќ на 31 декември ја запозна јавноста дека бил прислушуван и дека тоа го работеле домашни, а можеби и странски служби. Прислушувањето на шефот на државата тој го оцени како „директен обид за државен удар“.






Иако во Белград беше соопштено дека предистражната постапка е во тек и во интерес на нејзиното непречено водење Обвинителството за организиран криминал поединостите од оваа постапка нема да ги изнесува во јавноста, некои српски медиуми објавија дека поранешната државна секретарка во Министерството за внатрешни работи, Дијана Хркаловиќ, одбила полиграфско испитувања, за нејзините наводни контакти со лица од српското криминално милје.

„Вечерње новости“ тврди дека досега во аферата „Прислушување“ искази дале повеќе од 50 лица, меѓу кои и некои високи функционери од водството на српското МВР. Покрај Хркаловиќ, на списокот се и поранешниот шеф на Службата за специјални методи на истрага (ССИМ) на Управата за криминалистичка полиција (УКП) Дејан Миленковиќ, попознат како Багзи, Сречко Лазиќ, поранешен заменик началник на УКП и други. Некои од најверните луѓе на Хркаловиќ наводно изјавиле дека сториле сè по нејзината вербална наредба и дека за време на нејзиниот мандат во српското МВР имало прислушкување надвор од судските наредби.

Министерот Александар Вулин изјави дека детално го информирал Претседателот за резултатите од досегашната предистражна постапка.

 

Поврзани содржини