КОЈ ГО ПРЕКРШИЛ ЗАКОНОТ ВО ГРАДИНКАТА „ДЕТСКА РАДОСТ“? Стефковски тврди дека министерката под притисок му ги одзела ингеренциите
Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски во изјава постирана на Фејсбук реагираше дека Министерството за труд и социјална политика, преку соопштение до медиумите ја известило општината дека ни ги одзема надлежностите за детската градинка „Детска радост“ во Автокоманда. Министерството тврди дека тој ги прекршил закконите при разрешување на директорката на градинката.
Скандалозна преписка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски поврзана со одземените ингеренции на општината врз работата на градинката „Детска радост“ по разрешувањето на директорката на градинката од страна на Управниот одбор.
Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски во изјава постирана на Фејсбук тврди дека Министерството за труд и социјална политика, преку соопштение до медиумите ја известило општината дека ѝги одзема надлежностите за градинката „Детска радост“ во Автокоманда.
Ваквата постапка, според него, е уште јасен доказ дека Министерството за труд и социјална политика води политичка, а незаконски постапки.
– До овој момент во општина Гази Баба не е пристигнат документ со кој ни се одземаат надлежностите, а Министерството во соопштение до јавноста во петтиот пасус вели: „Одземените надлежности на градоначалникот се резултат на прекршување на законот од страна на управниот одбор на ЈОУГД Детска радост – Гази Баба и на прекршување на законот од страна на градоначалникот Бобан Стефковски, при водење постапка за разрешување на директор“ – појасни Стефковски.
Тој смета дека вработените во Министерството биле под силен политички притисок да донесат одлука за одземање на ингеренциите на општината.
– Факт дека ова што го говорам е вистина е укажувањето кое го испрати Министерството до општина Гази Баба на кое инспекторката која ја водеше целата постапка не е потпишана, туку на истото стои само нејзиното име и презиме, што не е својствено за водењето постапки од ваков тип – вели Стефковски.
Тој додава дека и врз него е вршен притисок да ја врати разрешената директорка на работа.
– Компромис со незаконското работење нема да правам, а на министерката Јованка Тренчевска ѝ порачувам дека за сите незаконски постапки и донесени решенија ќе има ревизија, а потоа и одговорност пред надлежните органи во Република Македонија. Се надевам дека Министерството за труд и социјала политика ќе се приклучи на постапките кои општина Гази Баба ги иницираше до Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување на корупција за утврдените прекршувања на Законот со извршената ревизија– вели Стефковски.
Од Министерството, пак, демантираат дека се вршел притисок на вработени во Министерството за труд и социјална политика за да донесат одлука за одземање на ингеренциите врз градинката „Детска радост“. Оттаму тврдат дека градоначалникот ги прекршил законите во постапката за разрешување на директорката на детската установа.
– Ниту еден вработен во Министерството за труд и социјална политика кој е поврзан со инспекциски надзор, ниту одговорен во делот на детска заштита не користи боледување во овој момент – велат од Министерството.
Исто така институцијата посочува дека вработените се докажани професионалци во својата област, без никакви особини да потклекнуваат на притисоци од која било страна, посебно не од страна на министерката која е нивна долгогодишна колешка.
– Сите акти кои ги носи Министерството за труд и социјална политика се поткрепени врз основа на закон, додека политичката борба и политикантство на грбот на децата и детската заштита води токму градоначалникот, на општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Одземените надлежности на градоначалникот се резултат на прекршување на законот од страна на управниот одбор на градинката „Детска радост“ – Гази Баба и на прекршување на законот од страна на градоначалникот, Бобан Стефковски, при водење постапка за разрешување на директор – велат од МТСП.