КОЈ ГО ОШТЕТИ ВИРТУЕЛНИОТ ПРЛИЧЕВ? Дигиталниот споменик не издржа ни 2 дена во Охрид (ВИДЕО)
Непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите. Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само да ги искриват.
Оштетен е паметниот споменик на виртуелниот Григор Прличев во Охрид, нецели два дена откако беше промовиран во средата.
Непознати лица го пресекле доводот до електрична енергија, го отстраниле македонското знаме и ги искорнале написите. Се обиделе да ги отворат и металните врати за да стигнат до главниот компјутер, но поради цврстиот материјал и безбедносните брави успеале само да ги искриват.
Случајот бил веднаш пријавен во МВР Охрид, при што екипа направила увид и ќе ја проследи постапката до Јавното обвинителство.
„Вечерва на 11-ти август, после нецели 48 часа од промоцијата, паметниот споменик на виртуелен Прличев кој години го работев со мојот тим и со поддршка на Општина Охрид беше вандализиран и онеспособен од функција. Споменикот е времено надвор од функција, но активно работиме заедно со Општина Охрид на негово рестартирање како и со безбедносните служби за негова заштита од социопатите со кои за жал нашите деца го делат плоштадот“, соопшти творецот на споменикот проф. д-р Анис Сефиданис преку својот профил на Фејсбук.
Во средата, на 10 август на плоштадот на уметноста „Долна Порта“ беше промовиран дигитален паметен споменик „Григор Прличев“ – спој на вештачка интелигенција и виртуелна реалност.
Споменикот претставува високо реалистичен приказ на живописен аватар кој го претставува Прличев синхронизиран со говор на македонски јазик, изворно охридски дијалект кој ги отелотворува стиховите и емоциите на поетот.

Футуристичкото иновативно дело е труд на проф. д-р Анис Сефиданис и компанијата „Сефиданис“ која неодамна потпиша меморандум за стратешка соработка со Општина Охрид.
– Виртуелниот Прличев е првиот дигитален споменик. Благодарение на вашата несебична поддршка Охрид го доби присуството на својот перенијален архетип, чија задача ќе биде со помош на новите технологии да го чува и одржува локалниот дијалект и охридското културно богатство. Роден сум на 6. февруари, истиот ден кога Прличев преминал во повисоките сфери на постоење, и секогаш универзумот ме насочувал назад кон неговото наследство, како вечното враќање кон сопството. За таа цел пред нецели 2 години го започнав овој проект, кој немаше да се реализира без вашата непоколеблива поддршка – рече на отворањето Сефиданис обраќајќи му се на градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
На 3Д моделот работел Александар Илиевски, а содржините ги обезбедиле ученици на ОУ „Григор Прличев“ од Охрид. Анимациите на 3Д моделот ги изработил Шабан Брзев, а гласот на виртуелниот Прличев го позајмил Стрезо Стаматовски.