КОЈ ГО БОЈКОТИРА НОВИОТ БУЏЕТ НА ГРАД СКОПЈЕ? Трајко Славески прстот го впери кон Данела Арсовска

Продолжува серијалот кавги меѓу градоначалничката Данела Арсовска и Трајко Славески, претседател на Советот на Град Скопје. Темата сега е ребалансот на градскиот буџет за оваа година, но и буџетот за 2023 година.

213

Скопската градоначалничка Данела Арсовска не само што не сакала да се донесе ребаланс на градскиот буџет за тековната година, туку веројатно се впуштила во авантура да ги оневозможи членовите на Совет на Град Скопје во законскиот рок да го донесат и буџетот за 2023 година, изјави претседателот на Советот Трајко Славески и додаде дека членовите на Совет тоа нема да го дозволат.

„На 14 ноември оваа година се одржа редовна седница на Совет на Град Скопје, при што прва точка од дневниот ред беше изменување и дополнување на Буџетот на Град Скопје за 2022 година (ребаланс на буџетот). Седница за ребаланс на буџетот беше првично планирана за 21 октомври, но на барање на Кабинет на градоначалникот Данела Арсовска, датумот беше неколку пати поместуван, за седницата да се одржи на само еден ден пред истекот на законскиот рок за носење на ребаланс на буџет (15 ноември) од страна на Совет на Град Скопје. Ова е првиот индикатор за несериозноста во пристапот на градоначалникот со управувањето на финансиите на главниот град на Република Македонија“, објаснува Славески.






Во рокот за доставување амандмани, биле поднесени 14 амандмани од страна на советниците. Во текот на амандманската расправа, со мнозинство гласови биле усвоени повеќе амандмани. По завршување на амандманската расправа, а и во текот на дискусијата по одделни амандмани,  од страна на претставник на Сектор за финансии при Град Скопје било укажано дека некои од нив би можеле да ја нарушат рамнотежата на буџетот.

„За членовите на Совет на Град Скопје ова беше јасно и на предлагачот му беше укажано дека во ваков случај градоначалникот има две опции: прво, целосно да го повлече предлогот за изменување и дополнување на буџетот; или второ, да достави сопствени предлог-амандмани на текстот со кои ќе се воспостави рамнотежата со вклучените амандмани претходно усвоени од страна на советниците. По едночасовна пауза, градоначалникот Арсовска го извести Советот дека тие немаат никаков предлог, по што членовите на Совет со мнозинство гласови ги донесоа измените и дополнувањата на Буџет на Град Скопје за 2022 година. Со ваквата постапка станува очигледно дека градоначалникот Арсовска немала интерес од носење на коректен ребаланс на буџетот на Град Скопје, за подоцна вината да ја префрли врз советниците, со кои воопшто не соработува при подготовката на значаен документ како што е ребаланс на буџетот. Уште повеќе, на само неколку недели пред рокот за доставување на буџет на Град Скопје за наредната, 2023 година, никој од членовите на Совет кои треба да дискутираат и да го донесат буџетот нема никаква информација и отсуствува било каква координација на релација Совет – градоначалник“, објаснува Славески.

Поврзани содржини