КОЈ ГИ ПЛАЌА КРАЖБИТЕ НА СТРУЈА? Дури 5% од испорачаната струја е украдена
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека кражбите на струја не се признаваат како трошок на ЕВН при пресметката на цената на струјата, бидејќи се признава само дел од техничките загуби на компанијата.
Владата и ЕВН се договорија да го решат проблемот со кражбите на струја во Арачиново, откако вработени на компанијата не сакаа да интервенираат на дефект на електричната мрежа, а граѓаните кои плаќаат струја вчера излегоа на протест прес зградата на ЕВН.
Какво решение е договорено ниту од ЕВН ниту, пак, од Владата не соопштија јавно, но најавија дека јавноста ќе биде дополнително информирана. За 15 часот е најавена изјава на министерот за економија Крешник Бектеши кој денеска е во Арачиново па се очекува тој да каже каков е договорот.
Случајот Арачиново го отвори прашањето на кражби на струја во земјава каде завршуваат и десетици илјади евра годишно. Ова дело е предвидено и со Кривичниот законик и за него се одредува и казна затвор до 5 години. Колку оваа казна влијае на граѓаните кои упорно се приклучуваат диво на мрежата и крадат струја преку најразлични финти покажува податокот дека годишно од вкупно испорачаната струја од страна на ЕВН се краде околу 5 отсто.
Пресметките на компанијата се дека годишно губи милионски суми од кражбите на струја, а се крадат 5 отсто од испорачаната струја.
– 5 отсто се околу 300.000 MWh. Сите загуби на електрична енергија, техничките загуби и комерцијалните загуби (кражби) ЕВН ги набавува на отворен пазар по пазарни цени. Ако земеме пазарна цена околу 300 евра за MWh (во моментот одат и до 500 евра за MWh) трошокот за кражбите на електрична енергија е над 100 милиони евра – велат од ЕВН.
Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека кражбите на струја не се признаваат како трошок на ЕВН при пресметката на цената на струјата, бидејќи се признава само дел од техничките загуби на компанијата.
– При пресметките за цената на струјата Регулаторната комисија за енергетика на ЕВН и признава само 12,4 отсто од реалните 15,9 отсто технички загуби. Остатокот ние го сметаме за наплатен трошок и тоа треба ЕВН да го обезбеди од отворен пазар. Што значи кражбите на струја не влегуваат во пресметките за цената на струјата, односно тие не влегуваат во сметките за струја на граѓаните – вели претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимовски.
Во периодот од март до декември годинава според јавните набавки на ЕВН струјата која ја набавува од отворен пазар ја купува од ЕСМ по цена од околу 150 евра.
На суд завршуваат само граѓаните и фирмите кои ќе бидат откриени дека крадат струја, останатите продолжуваат да се однесуваат по старо.
Само лани ЕВН открила 650 случаи на неовластено преземање енергија низ територијата на државата. Колку од нив завршиле на суд од ЕВН не можеа да кажат.
Најпроблематични региони каде што се краде струја, велат од компанијата се регионите: Арачиново, Грчец, Сарај, Крушопек, Сингелиќ, Серава и Студеничани.
– Овие региони се и најпроблематични региони каде што не постојат услови за работа и спроведување на проекти за намалување на загуби. Има и други региони со помалку детектирани кражби, но мерките и активности за сузбивање на кражбите еднакво важат за сите – велат од ЕВН.
Според кривичниот законик граѓаните кои ќе украдат некаков енергенс (струја, парно или природен гас) можат да добијат до 5 години затвор, додека компаниите кои ќе го направат истото се соочуваат со парична казана.
За кражба на струја се смета секоја манипулација или онеспособување на броило, премостување на броило, преземање на енергија пред уредот за мерење, приклучување на мрежата без согласност на ЕВН или било какви промени со мерните уреди.
Но со кражбите на електрична енергија најмногу страдаат оние што си ги плаќаат сметките. Но, голема е опасноста и за оние кои живеат во близина на нивните соседи кои крадат струја, како и за самите крадци, бидејќи се под постојана закана за можни експлозии и пожари.
Токму граѓаните кои редовно ги плаќаат сметките за струја од Арачиново, вчера протестираа пред ЕВН, по што реагираше и владата и беше договорено решение.