КОЈ ГИ ИЗИГРУВА ПРОПИСИТЕ НА ГРБОТ НА ГРАЃАНИТЕ? Општини и компании купувале струја со регулирана цена наместо да ја купат на слободен пазар
Тој увоз на струја од 30 милиони евра, според првиот регулатор, ќе падне на товар на државата, односно на граѓаните преку плаќање на сметките за електрична енергија.
Годинава е направен непотребен увоз на електрична енергија од 30 милиони евра која е платена од компании и општини како субвенционирана од државата, наместо тие да ја купуваат на слободниот пазар каде што е поскапа, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во разговор за Слободен печат.
Тој рече дека овие компании и општини формирале посебни претпријатија за снабдување со струја кои немаат лиценца да купуваат стрија на слободен пазар и користеле струја наменета за домаќинствата која е по регулирана цена, наместо да потпишад договори со ЕВН хоме која за нив ја увезуваше о слободен пазар.
-Одредени компании на слободниот пазар кои што задолжително требаше да бидат таму, формираа нови компании со кои потпишуваа фиктивни договори и овие нови компании не го исполнуваа критериумот да бидат на слободниот пазар. Тој тренд го имавме во јануари, февруари, март и април. ЕВН Хоме како универзален снабдувач обезбедува дополнителни количини електрична енергија од слободниот пазар – рече Бислимоски.
Според него, овој тренд продолжил и овој месец кај одредени општини, кои потпишуваат фиктивни договори за јавно осветлување со нивни јавни претпријатија кои немаат обврска да одат на слободниот пазар.
– Како резултат на тоа се прави сериозен притисок врз цената на електрична енергија – вели Бислимоски.
Тој увоз, според Бислимоски, ќе падне на товар на државата, односно на граѓаните преку плаќање на сметките за електрична енергија.
– Непотребно до сега се потрошени 30 милиони евра за увоз на електрична енергија за овие компании и општини да плаќаат струја по цена од регулираниот, наместо по цена на слободниот пазар. На крајот на денот ниската цена што ја обезбедува ЕСМ е за домаќинствата. Тој увоз од 30 милиони евра ќе падне на нивниот грб – рече Бислимоски.