РАЗМНОЖУВАЊЕТО МОЖЕ ДА ГО СПРЕЧАТ, АМА НЕ И КАСНУВАЊАТА! Во Лајка немаат план како граѓаните да куртулат од кучињата-скитници!

Од Лајка сметаат дека за три до четири години ќе го стават под контрола проблемот со уличната популација на кучиња во Скопје.

1,208

Во моментов се бројат кучињата во Скопје врз основа на што ќе се изработи Програма за работа за следната година, велат од јавното претпријатие Лајка од каде посочуваат дека зголемениот број улични кучиња е поради долгогодишната негрижа од надлежните институции.

Во мандатот на претходната градска управа прифатилиштето на ЈП Лајка две години се реконструираше и при тоа немаше алтернативно решение за контрола на размножувањето на кучињата бездомници. Во овој период уличната популација на кучињата порасна драстично, а здруженијата за заштита на животните и активистите не успеаја да ја ублажат оваа состојба. Во моментот се справуваме со последиците и од тој период, велат од ЈП Лајка објаснувајќи кои се причините за зголемениот број бездомни кучиња во Скопје.






– ЈП Лајка е соочена со проблем кој Градот и државата во изминатите 30 години не нашле начин да го решат односно да го стават под контрола. Во изминатите години Градот имал различни стратегии за решавање на овој проблем, и до сега, како што сите знаеме, тој не е решен. Во моментот ја спроведуваме единствената стратегија која дала успех во светот за ставање под контрола на проблемот со бездомните животни, а тоа е имплементација на програмата „Залови, стерилизирај, вакцинирај, врати на локација“ – велат за Плусинфо од претпријатието.

Оттаму додаваат дека средствата за исплата за отштети поради каснувања од кучиња, кои жителите на Скопје ги добиваат во судските постапки, се од постапки кои се почнати пред повеќе од една година.

– Сумата на средства кои Град Скопје и ЈП Лајка солидарно ги исплаќаат го надминува годишниот буџет на ЈП Лајка. Токму поради тоа активно работиме на кампањи за зголемување на јавната свест за одговорно сопствеништво и благосостојба кај животните и спроведуваме многу активности вклучително и на овие теми, со цел да едуцираме и да превенираме за уличната популација на кучиња да се намалува во идниот период. Сите студии кои ја обработуваат темата за појава на уличната популација на кучињата укажуваат дека таа доаѓа од домашната популација на кучиња преку неодговорно сопствеништво – ни објаснуваат од ЈП Лајка.

Со одлука на Советот на Град Скопје се отвори можност за спогодбено (вонсудско) решавање на случаите со каснувања од улични кучиња што создава можност да се заштеди некој денар.

– На овој начин Градот Скопје и ЈП Лајка сметаат дека овие средства ќе се намалат за околу 50% поради исклучување на средствата кои до сега се плаќаа за судски и правни трошоци. Исто така, со зголемување на бројот на третирани кучиња сметаме дека овие немили настани во идниот период ќе се намалуваат, а со тоа и финансиите кои се одделуваат за овие случаи ќе ги пренамениме во зголемување на капацитетот на претпријатието за справување со проблемот – рекоа од претпријатието.

Од ЈП Лајка велат дека тие се само една, односно последната алка во синџирот на решавање на проблемот со уличната популација на кучињата.

– Покрај нас кои сме постојано посочувани кога се дискутира на тема улични кучиња, еднакво одговорни се и Агенцијата за храна и ветеринарство која е задолжена за превенција на проблемот и за постапување доколку се утврди несоодветно постапување со куче, додека МВР незабележано од јавноста, со промена на Законот за нарушување на јавен ред и мир од пред еден месец, каде се иззема од постапување во случаи кога се нарушува јавниот ред и мир од сопственичко куче, за што глобата беше од 100 до 500 евра, само ги намалија механизмите на државата за контрола и превенција на овој проблем, односно оставија простор за несанкционирање на вакви настани, со што дополнително товарот на овој проблем паѓа на грбот на ЈП Лајка и на општините во Македонија – велат од Лајка.

Прашавме во ЈП Лајка дали сметаат дека средствата кои се даваат кон граѓаните може да се искористат за проширување на капацитетите и што повеќе кучиња да се тргнат од улиците, при што ем би се заштитиле граѓаните од каснување, ем животните би биле згрижени и поштедени од нехуманиот однос на поединци. Ни одговорија дека за идната година подготвуваат развоен план, токму за овие прашања.

– Со цел да има можност за зголемување на проектираната бројка на третирани кучиња со имплементација на програмата „Залови, стерилизирај, вакцинирај, врати на локација“. Главната цел ни е да стерилизираме 75% од уличната популација на кучињата за период од 6 месеци. Во моментот спроведуваме броење на кучињата во Скопје, врз основа на кое ќе ја изработиме Програмата за работа за следната година. Секако, како и претходната година, во подготовката на програмата ќе бидат вклучени здруженијата за заштита на животните и активистите – ни рекоа од ЈП Лајка.

На ваков начин, како што посочија, сметаат дека за период од три до четири години ќе го стават под контрола проблемот со уличната популација на кучиња во Скопје. За остварување на оваа цел покрај максимално заложување од нивна страна, велат дека е потребно да се вклучат и останатите одговорни институции, како и да имаат континуирана и сериозна поддршка од Градот Скопје.

ГИ ГРИЗАТ СКОПЈАНИ И ГО ЈАДАТ ГРАДОТ Со парите што се исплаќаат за отштета бездомните кучиња ќе живеат како цареви

Поврзани содржини