Кој ќе преживее – минималната плата или работните места?

Најголемиот дел од секторите кои треба да ја исплатат зголемената минимална плата досега давале плати еднакви или малку повисоки од минималецот.

1,023

Не е фер во услови на криза кога бизнисите се во тешка состојба и очекуваат поддршка за плати за вработените од државата да се бара зголемување на минималната плата надвор од законски пропишаните критериуми за нејзино усогласување, велат бизнисмени. Синдикатите, пак, бараат при усогласувањето на минималната плата да не се земаат предвид еден од трите критериуми, растот на домашниот бруто производ. Нивната борба е таа да надмине 16.000 денари. Експертската јавност, пак, предупредува институциите да бидат внимателни со зголемувањето на минималецот, бидејќи пандемијата сѐ уште е актуелна и не се знае како таа ќе влијае врз економијата.

Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата смета дека ако се гледаат состојбите во економијата треба да се бара намалување на минималната плата или нејзино оставање на сегашното ниво до крајот на пандемијата.






– Треба да се има слух за состојбата во која се наоѓаат бизнисите во кои платите се под или блиску до минималната плата кога се бара, и покрај падот на економијата односно БДП, да има зголемување на минималната плата и тоа над законското. Напротив, во сегашните услови кога бизнисите едвај успеваат да преживеат, треба да се бара намалување на висината на минималната плата – вели Бошков.

Според него, најголем проблем да исплатат повисок минималец ќе имаат микро и малите бизниси, занаетчиите, угостителите, транспортерите кои и сега даваат минимална плата или малку повисока плата од неа, како и трудоинтензивните сектори, односно секторите на кои најмногу се почувствува влијанието на пандемијата.

– Сега, бидејќи немаат дополнителни приходи ќе треба да земаат кредити или да ги потрошат парите наменети за опстанок или иницијални инвестиции, а најлошо е тоа што ќе бидат принудени да притискаат на државата да им помогне. Трошокот за плати е голем за компаниите кога тие на секој начин се обидуваат да опстанат. Сепак, не е неочекувана и опцијата да бидат принудени да отпуштат работници, иако мислам дека тоа нема да се случи – вели Бошков.

Ангел Димитров, претседател на Здружението на текстилна индустрија во Стопанската комора вели дека пресметките говорат дека зголемувањето на минималната плата треба да изнесува 1,7 отсто и тоа нема да придонесе за отпуштање на работници, кое, пак, е во опција ако компаниите не добијат државна помош за плати навреме, бидејќи дел од нив се соочуваат со драстично намален обем на работа и високи трошоци.

– Не е логично синдикатите да бараат еден од трите утврдени законски критериуми – раст на БДП да се изземе од усогласувањето кога не им оди во прилог, односно кога економијата бележи пад, а кога расте економијата да биде критериум. Законот е јасен и треба да се почитува додека не се промени. Според тоа, ако се иззема овој критериум треба да се измени и законот за минимална плата – вели Димитров.

Тој потсетува дека лани одделни сектори од економијата едвај преживеаја со помош на државата, а ако состојбата не се промени, годинава можно е дополнитлено да ослабат изгледите за преживување на дел од секторите, а со тоа и да се задржат работните места.

Статистичките податоци покажуваат дека до крајот на 2020 година бројот на вработени се намалил за 17,810. Првите месеци од годинава, пак според податоците на Агенцијата за вработување бројот на невработени месечно се зголемува за близу 1.000 лица.

Пресметките на синдикатите се поинакви. Тие сметаат дека пандемијата видно ги нагриза приходите на работниците со зголемување на трошоците за одржување на нивното здравје.

Сојузот на синдикатите (ССМ) пресмета дека минималната плата треба да се усогласи за 3,17 отсто, односно за 446 денари и да изнесува 15.401 денар нето. При тоа при пресметките на ССМ за процентот на пораст на минималната плата не е земен предвид критериумот БДП, кој ланската година имаше негативен раст.

– Ваквото зголемување на минималната плата не е доволно со оглед на тоа што во изминатиот период, македонскиот работник само за лекување поради заболување или изолација од ковид-19 имаше зголемен трошок за витамини и лекарства за најмалку 6.000 денари месечно, а тука се и зголемените цени на сите производи кои се неопходни за едно четиричлено семејство. Од овие причини, апелираме минималната плата да се зголеми во висина од 60% од просечната плата и истата да не изнесува помалку од 16.976 денари – велат од ССМ.

И Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) е со став минималната плата да изнесува повеќе од  16.000 денари.

Професорите од Економскиот факултет Борче Треновски и Кристијан Кожески анализирајќи го влијанието на пандемијата врз целокупната економија и пазарот на трудот апелираат при одлуката за минималната плата на внимателност и разбирање на аспектите на секоја од засегнатите страни и  логиката на пазарните процеси (пред сѐ, во време на пандемија), која може да доведе до промени во однесувањето на економските субјекти, пазарни дисторзии, кои на крај повторно ќе ги ограничат очекуваните ефекти од политиката на минимална плата и реформите на пазарот на труд.

„Со цел да го потврдиме нашиот став за потребна внимателност во степенот на прилагодување на минималната плата која покажа дека ја придвижува спиралата и на останатите плати, каде значаен дел претставуваат и плати во јавниот сектор (дополнителен притисок на буџетот) –  ќе презентираме кратка симулација која се однесува на учеството на минималната плата во секторите кои што се трудо-интензивни, имаа значаен пад во продуктивноста и силно беа погодени од пандемијата на ковид-19. Она што е евидентно е што учество на минималната плата во просечно исплатената плата во 2020 год. во најголем дел од секторите од наш интерес изнесува над бараните 60%: преработувачката индустрија (67,1%-69,7%), Земјоделство, шумарство и рибарство (70,8% – 73,6%), Објекти за сместување и сервисни дејности со храна (85,3 – 88,7%) итн. Оттука во услови на пандемија (посебно во периодот на заздравување), имајќи ги предвид презентираните трендови во продуктивноста во овие сектори и високите трошоците за плати како компонента во вкупните трошоци за производство во овие компании – постои можност повисокото ниво на законска минимална плата да влијае на зголемување на нивните трошоци, намалување на нивната конкурентската способност, зголемување на притисокот за намалување на работните часови или дури и намалување на бројот на вработени“, стои во анализата.

Од владата изјавија дека сѐ уште не е донесена конечна одлука за износот за кој ќе се усогласи минималната плата.

Според Законот за минимална плата, исплатената висина на минималната плата во бруто износ за претходната година се усогласува во март секоја година со: една третина од порастот на просечно исплатената плата,  една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на домашниот бруто производ, за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Поврзани содржини