Кој ќе може да го одложи плаќањето на кредитот уште 6 месеци?
Граѓаните кои сакаат да го одложат плаќањето на кредитот ќе тртеба да ја информираат својата банка за причините за одложување на отплатата.
Вториот период на одложена отплата на кредитите нема да ги опфати сите корисници на кредитни производи, туку оние коишто се соочуваат со реални потешкотии предизвикани од ковид-кризата, информирсат од Банкарската асоцијација.
– Банките ќе овозможат втор период на одложена отплата на кредитни производи, само за клиенти кои имаат реална, неопходна потреба, како на пример: останале без работа, имаат намалени месечни примања, високи трошоци за лекување и сл. – велат од Асоцијацијата.
Граѓаните, како што наведуваат од Македонската банкарска асоцијација, детални информации ќе можат да добијат кај банките кои постапката и методологијата ќе ги објават на своите интернет-страници во најкус можен рок.
Од датумот на објавата, клиентите ќе имаат рок до 10 дена да се изјаснат дали им е неопходен втор период на одложена отплата.
Граѓаните, притоа ќе треба да ја информираат својата банка за причините за одложување на отплатата: намалени приходи, изгубено работно место и/или настанати потреби за лекување во изминатиот период, по што овие барања ќе бидат соодветно разгледувани и за истите ќе се донесе одлука.
– Со оваа активност, граѓаните ќе бидат во можност да користат до 6 месеци продолжување на рокот на отплата на своите кредитни обврски, за сите или за дел од кредитните производи кои ги користат, во зависност од пристапот и понудата на секоја банка – појаснуваат од Асоцијацијата.
Граѓаните при променети, подобрени услови ќе можат да побараат од својата банка да се вратат во статус на редовна отплата и пред истекот на периодот од предложените 6 месеци.