КОЈ Е КРИВ ЗА КУСОКОТ ОД ДДВ ВО ДРЖАВНАТА КАСА? Економисти тврдат дека граѓаните веќе не купуваат како порано
Измените на стапките на данокот на додадена вредност и новиот модел на наплата на овој данок при увоз на електрична енергија и гас не е никакво оправдување за тоа што е намален приливот во буџетот за првите седум месеци, бидејќи таа околност веќе беше позната при планирањето на буџетот, а парите од продажбата на овие енергенси се влезени во државната каса, сметаат економисти.
Државата регистрира намалени приливи од ДДВ во првата половина од годинава што скоро и да не било состојба во изминатите 10 години. Таа се правда со фактот дека увозот на електрична енергија и гас не се царинеа за овој данок, но дека ДДВ-то се собира добро. Економисти, пак, велат дека ваквата состојба е резултат на намалена потрошувачка од граѓаните и нивното штедење кое произлегува од неизвесноста што ќе се случува во наредниот период и не може да се оправда со увозот на струја и на гас.
Податоците, пак, покажуваат дека од Данокот на додадена вредност во текот на изминатите 7 месеци се собрани 112 милиони евра помалку пари од планираното за годинава. ДДВ е еден од најголемите полначи на буџетот.
Управата за јавни приходи овој кусок на пари кој е регистриран во прибирањето на ДДВ-то го оправда со законските поволности за увозниците на електрична енергија и на гас.
– Анализите покажуваат дека понискиот ДДВ произлегува од намалената наплата при увоз на електрична енергија и на гас. Имено, во членот 27 од Законот за данокот на додадена вредност е додадена нова точка, 5, во која се додадоа природниот гас и електричната енергија преку систем за пренос како добра ослободени од ДДВ при увоз. Тоа значи дека при увозот на гас и електрична енергија Царинската управа нема обврска да пресмета и да наплати ДДВ. Ослободувањето од ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија не предизвикува нивно неоданочување со ДДВ, туку само промена на режимот на оданочување (примена на reverse charge механизмот) – рекоа од УЈП за порталот Пари.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, пак, тврди дека наплатата на ДДВ оди добро.
– Во периодот од 1 јануари до 18 август годинава ДДВ-то е повисоко за 4,8 % на нето-основа, односно надминато во однос на истиот период од 2022 година. Вкупните приходи во однос на 2022 година се повисоки за 12,5 %. Кај данокот на личен доход се повисоки за 15,2 %, кај данокот на добивка се повисоки за 6,7 %, 4,8 % кај ДДВ, кај акцизите се повисоки за 5,9 %, кај увозните давачки за 9,9 %, кај другите даночни приходи се повисоки за 4,1 %, а кај придонесите за 19,3 % – изјави Бесими.
Измените на стапките на данокот на додадена вредност и новиот модел на наплата на овој данок при увоз на електрична енергија и на гас не е никакво оправдување за тоа што има помал прилив во буџетот за првите седум месеци. Таа околност веќе беше позната при планирањето на буџетот, а парите од продажбата на овие енергенси се влезени во државната каса бидејќи струјата и гасот се трошат и со плаќањето на сметките на граѓаните ДДВ се уплаќа, сметаат економисти.
Според економистот Маријанчо Николов, потфрлањето при собирањето на ДДВ укажува на две неповолни состојби. Првата е дека граѓаните штедат или дополнително осиромашиле во овој период, а втората дека државата се обидува да ја пополни празнината од загубените приливи од ДДВ со зголемување на стапката на овој данок за одделни прехранбени производи и за струјата, што дополнително ќе влијае на намалување на трошењето на граѓаните и помали приливи од ДДВ.
– Имаме состојба на висока инфлација, континуирано високи цени на производи, но и зголемен број на туристи во текот на овој период кои се претпоставува дека трошат во земјава што значи дополнителен прилив од ДДВ. Исто така, регистрирани се приливи на дознаките од странство што би требало да се одрази на зголемена потрошувачка кај граѓаните и на приливот од ДДВ. Но во државната каса го нема планираниот прилив од ДДВ, односно имаме кусок од немала сума пари. Ваквата состојба е резултат на намалена потрошувачка односно дека дел од граѓаните во овој период се почувствувале загрозени или дополнително осиромашиле и се воздржуваат од трошење за производи кои не им се од моментално значење (мебел, обувки, облека, луксузни стоки …), а кај прехранбените производи се определуваат за понизок квалитет или за помали количини. Дел од граѓаните одлучуваат наместо да купат непотребна стока да штедат поради неизвесноста од она што ги очекува во наредниот период, што се гледа од зголемените заштеди во банките, а дел од граѓаните кои не можат да излезат на крај земаат кредити што исто така, се гледа од зголемениот долг на граѓаните кон банките.
Од друга страна владата бара излез од состојбата преку зголемување на стапката на ДДВ за 5% за 1.500 производи за кои вели дека се луксузни и зголемување на истиот данок кај струјата. Тоа дополнително ќе ја намали потрошувачката зашто граѓаните ќе продолжат да штедат – појаснува Николов.
За него, посебен проблем е и сивата економија каде што се одбегнува уплатата на ДДВ-то, а државата малку посветува внимание на тоа, иако губи дел од парите кои би ги обезбедила од ДДВ.
Во вакви услови Николов смета дека владата и Народната банка ќе мора да го стабилизираат пазарот.
– Владата и Народната банка многу внимателно и координирано да ја следат состојбата и да ги заштитат граѓаните и економијата од нови високи ценовни шокови или рецесија и да го стабилизираат пазарот, за да не се продлабочува неизвесноста кај граѓаните кои го плаќаат овој данок преку купувањето производи. Извесноста на пазарот ќе ги смири граѓаните кои пак ќе можат да ја предвидат живејачката. Дополнително се потребни посебни мерки за најзагрозените граѓани-пензионерите, социјалните категории и дополнително осиромашените – вели тој.
Тој додава дека ако не се преземе ништо во однос на смирување на пазарот, состојбата може да стане посложена до крајот на годината.
Решение за проблемот најверојатно ќе следи во ребалансот на буџетот кој е веќе најавен.