КО ЌЕ ИМАТ РЕЈБАН КО МОЈВЕ, ТОГАЈ ДА СЕ ПРАЈТ ГОСПОЈЏА, НЕ СО ТО КАРЕРАТА! За битката во Љубаниште меѓу охриѓанчиштата и скопјанчиштата

Како поминавме еден ден на плажата во кампот Љубаниште ние, скопјанчиштата, охриѓаните од плажа и двете „заталкани“ гостинки од Англија

1,075

Бидејќи Охрид е нашиот најпознат туристички центар, па нормално е деновиве да е често место на случување на нашите приказни. И арни и лоши.
Рака на срце, почесто ги пишуваме убавите затоа што не сакаме да долеваме масло на огнот, ама оваа вреди да се раскаже иако е лоша. Односно, почна многу лошо, а потоа, бидејќи за среќа не резултираше со некоја поголема трагедија освен што лошите скопјанчишча беа избркани од плажата, ни останаа во сеќавање некои смешни делови кои сега ќе ви ги прераскажаме.

Значи, место на случување беше плажата во автокампот „Љубаниште“. Ден – недела, што значи, преполно и премногу бучно особено ако се земе предвид дека под тоа бучно, освен прегласните муабети, се подразбира и прегласната музика, главно турбо-фолк пуштен на најјако без обзири за оние кои не го поднесуваат ниту на тивко.
На плажата, освен клети скопјанчишта и домашни огриѓанчишта, како и жители од целава ни прекрасна државичка, со мене беа и две „заталкани“ лондончанки. Онака, колку срамот од циркусот што се случуваше пред наши очи, да биде поголем.
Само што стасавме на плажата и ги спуштивме нашите пешкири и торби на плажата, наеднаш, од нигде никаде (за жал, го пропуштивме почетокот односно она што му го запалило очигледно краткиот фитил на огриѓанецот) се појави еден разулавен тип во костим за капење со стап од чадор за на плажа во раката и се втурна кон една група луѓе подолу викајќи на цел глас: „Кој си ти море мене да ми кажваш кај да седам јас, скопјанчиште едно, ти ли ќе ми клаваш ред тука на мој терен, ќе ти кажа ја тебе убо, море остајте ме глаата да му ја скршам, шо си мислиш ти жениве сами се па ќе си прајте вие ко шо вие е ќејфот, а??!!!“
Неговата жена која во раце го држеше нивното дете кое на цел глас плачеше, нормално, исплашено од рикањето на татково, се фрли да ги спасува скопјанишчата да не ги убие тој мж ѝ, чунки не од што ѝ беше жал за нив, туку за да не влезе во белја тој. Арно ама, само што ќе го потргнеа разбеснетиов човек настрана, таа повторно ќе почнеше да го подбуцнува раскажувајќи му како неа и нивните пријатели ги навредила „скопјанкана шо се прајт госпојѓа“.
Наводно, им рекла да го потргнат пешкирот и ги навредила нарекувајќи ги „цигани“. Не знам што било и како било, но знам дека барем една од жените од ова друштво беше Ромка, ама, како што се фалеше цел ден на плажата, со многу пари и германски пасош. Искрено, тоа беше и најмалку важно, дали луѓето биле Роми или не, ама целата ситуација беше многу мачна, а нашиве гостински од Англија со неверица гледаа што се случува иако не разбраа баш многу. А и од каде би знаеле тие за „големата љубов меѓу скопјани и охриѓани, нели?)
За среќа, немаше жртви. Обезбедувањето на кампот дотрча набрзо и се обидуваше да го смири својот сограѓанин, ама тој беше упорен дека тие, „скопјанчиштата кои многу ги навредиле нарекувајќи ги, наводно, нивните жени „циганки“, мора да си заминат од „неговиот терен“.
И си заминаа. На одење само му рекоа: „Како не ви е срам и после сакате туристи да имате!“






Арно ама, иако си заминаа, не беа заборавени и очигледно на нашиве соседи на плажата од кои, за секој случај се повлековме малку подалеку (си се залепивме ние за секој случај до зелената канта за ѓубре, која гордо го носеше бројот 15, но сепак не доволно далеку за да не ги слушаме), им го „направија“ денот, па од уста не ги извадија.
Е сега, откако си отидоа скопјанчиштата и се намали опасноста од ескалација на судирот, почна смешниот дел, односно, смешните дијалози на кои, од пусти страв сепак не можевме да се насмееме како луѓе, ама еве затоа, запомнивме по нешто и ќе споделиме со вас.
Жената на овој опасен маж, татко и заштитник на збраното друштво, како и останатите во друштвото, вклучувајќи ги маж ѝ и нивните пријатели (оние со германските пасоши), не престануваше да зборува за немилиот настан.
„Таа мене ќе ми кажи, ја виде скопјанкана шо се прајт госпојџа со то очилана темни. Мисли таа ние сами сне тука, без мажи дојдени. На пивце напиј се златен!“
А тој златниот ѝ вели: „Ами жити очилата, неги виде, Карера, па то најдолен бренд е бе за очила, ко ќе клај Рејбан ко моиве, тогај нека се прајт госпоџа, селанка една!“
А навредената Ромка со германски пасош се надоврза: „Таа мене ќе ме врејѓа, циганка, таа не знај колку пари ние имаме, таа немат сол во очи, ја со германски пасош су, ненормална една, ја виде?!“

Имаше и други траги-комични муабети, ама од тоа турбо-фолкот пуштен на најјако, не фативме баш се.
Како и да е, една од работите кои најмногу се повторуваа беше и онаа која ја кажуваа речиси со копнеж и навистина да се случила:
„Хихи, замисли море да не снимил некој и на Охрид њус да се видиме, ахаха! Ти со то стапот, хахаха“

И така… сигурно имало уште многу „смешки“ во овој целодневен муабет, ама не се издржува да се слушаат долго толку многу глупости. Човек едноставно почнува да го фаќа паника од тоа што ксметот го фрлил да си го минува животот токму во овој дел од светот.

Англичанките ќе си одат и ќе заборават на ова, ама ние сме осудени на ова тука.

Да, во меѓувреме ги занимававме гостинките и со некои други работи…им ги преведувавме малку текстовите на турбо-фолк песните кои ечеа наоколу, па кога веќе не можевме да избегаме од овие звуци, можевме барем малку да се насмееме, а во преостанатото време да си ги ладиме главите под вода во нашево преубо Охридско езеро. Патем, иако јас мислев дека е доста нечисто дента, нашите гостинки од Англија се воодушевуваа на чистата езерска шир. Очигледно, има и нешто убаво во нашиов дел од светот, замислете колку се нечисти езерата на кои тие имале можност да одат досега?

Поврзани содржини