Кој ќе ѝ го удри токмакот на „Порта Македонија“?
Oд Општина Центар објаснуваат дека од Министерството за култура им бил испратен допис да се стопира Деталниот урбанистички план „Мал ринг 1“ сè додека не се донесе анекс на конзерваторските основи.
„Порта Македонија“ веќе ја нема заштитата на културно наследство, откако Министерството за култура одлучи да ја тргне од листата, но сега со Општина Центар си ја префлаат топката кој ја има одговорноста за уривање на овој објект.
– Во ноември 2020 година на барање на Управата за културно наследство, НУ Конзерваторски центар-Скопје со стручен тим изврши увид во објектот при што е увидено дека тој нема главна и ефективна намена – чување и изложување на движно културно наследство, нема музејска поставка, и согласно тоа не ги исполнува условите за стекнување статус на културно наследство ex lege. Согласно тој извештај, Управата за заштита на културното наследство во јануари 2021 година донесе решение за бришење на тој статус на „Порта Македонија“ – велат за Плусинфо од Министерството за култура.
Оттаму истакнуваат дека „Порта Македонија“ е работна единица во составот на НУ Музеј на македонската борба за самостојност – Скопје и во 2013 година е прогласена за културно наследство ex lege, што значи дека во објектот се чува и се изложува како движно културно наследство.
– Оваа промена во конзерваторско-заштитните основи за „Мал ринг“ што ги изготвува НУ Конзерваторски центар, со анекс ќе биде внесена во документите. Натамошните надлежности околу објектите на подрачјето на „Мал ринг“ не се во надлежност на оваа институција – велат од Министерството.
Од Општина Центар за Плусинфо го потврдуваат ставот на градоначалникот Саша Богдановиќ, односно дека со тргање на заштитата се отвора можност за отстранување на „Порта Македонија“, но за тоа дали ќе се урива или не овој објект не одлучува Општината, туку инвеститорот, односно Министерството за култура.
– До Општината има пристигнато известување од НУ Конзерваторски центар за тоа дека „Порта Македонија“ повеќе нема статус на недвижно културно наследство. НУ Конзерваторски центар сè уште го изработува проектот за анекс кон заштитно конзерваторските основи (ЗКО) и кога општината од Конзерваторски ќе го добие анексот, ќе се вгради во предлог планот за „Мал Ринг“ и ќе претставува основа за спроведување повторна јавна анкета за планот – ни одговорија од Општината.
Инаку во Министерството за култура уште во 2017 година е формирана Работна група за справување со последиците од т.н. проект „Скопје 2014“ која утврдува дека постојат неспорни докази дека се работи за прекршување практично на сите закони што ја уредуваат материјата на подигање споменици, законите за буџет и јавните набавки, како и законите за просторно и урбанистичко планирање и градење. Според своите надлежности постапи и НУ –Конзерваторски центар-Скопје кој изготви мислење со укажување за нови заштитно-конзерваторски основи за културното наследство на подрачјето „Мал Ринг“.
– Во тек на јавната анкета што летото ја спроведе Општина Центар по Деталниот урбанистички план Градска четврт Ц 01 – „Мал Ринг 1“, Општината ги добила на увид сите стручни мислења во врска со „Скопје 2014“. Додатно, свои мислења дадоа и Министерството за транспорт и врски и Министерството за животна средина и просторно планирање. Владата до Општина Центар упати мислење и упатство за спроведување на прописите во кое се укажува дека планот треба да претрпи корекции за да се обезбедат: плански одредби и мерки за решавање на проблемот на незаконските споменици и други градби од „Скопје 2014“, како и усогласување на планот со Уставот и позитивните закони, и исполнување на начелата и целите на урбанистичкото планирање од Законот за просторно и урбанистичко планирање – објаснуваат од Кулутра.
Оттаму додаваат дека со доставените мислења, укажувања и сета документација од Министерството за култура, тие ја поддржуваат определбата на Владата за решавање на незаконитите проекти.
Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, во неговото вчерашно гостување во емисијата „Само вистина“ изјави дека „Скопје 2014“ самиот по себе е контроверзен проект.
– Тој објект е силување на нашиот град, но дефинитивно не е споменик на културата. Вие заштитувате споменици на култура и објекти од посебно архитектонско значење и им давате статус на заштитени, а овој објект дефинитивно не е такво. Со ова се отвора вратата да ја вратиме нормалноста во урбанизмот – рече Шилегов.