КОЈ ЌЕ ДОМИНИРА НА ПАЗАРОТ СО ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА? „Мета“, „Алфабет“ и „Мајкрософт“ инвестираат десетици милијарди долари во нејзиниот развој
Финансиските извештаи објавени вчера покажуваат дека овие компании издвојуваат високи суми за сè, од центри за податоци до најновите чипови.
Технолошките компании „Мета“, „Алфабет“ и „Мајкрософт“ инвестираат огромни суми пари во развојот на вештачката интелигенција, во трката за доминација на пазарот кој доживува вистински бум и ја зголемува вредноста на нивните акции на рекордни нивоа.
Финансиските извештаи објавени вчера покажуваат дека овие компании издвојуваат високи суми за сè, од центри за податоци до најновите чипови.
„Мета“ објави дека нејзините капитални расходи за 2025 година ќе бидат помеѓу 70 и 72 милијарди долари, повисоки од претходните проценки. Нејзините расходите во 2026 година ќе бидат „значително повисоки“ од оваа година, бидејќи „Мета“ се обидува да ги стигне лидерите како „ОпенАИ“.
Шефот на „Мета“, Марк Закерберг, ги бранеше инвестициите на компанијата, истакнувајќи ги огромните можности што ги носи вештачката интелигенција – и во развојот на нови производи и во подобрувањето на рекламниот бизнис.
-Правилното нешто што треба да се направи е да се забрза ова. Моментално, нашиот бизнис за апликации и рекламирање работи во услови на постојан недостаток на компјутерска моќ – изајви тој.
„Алфабет“ исто така ја зголеми својата прогноза за трошоци за оваа година – на помеѓу 91 милијарда и 93 милијарди долари. Тоа е речиси двојно повеќе од капиталните расходи што ги имаше компанијата во 2024 година.
Ни „Мајкрософт“ не заостанува многу. Нивните капитални расходи во третиот квартал достигнаа 34,9 милијарди долари. Тоа е значително повеќе од очекувањата на аналитичарите и скок од 24 милијарди долари во претходниот квартал.
– Продолжуваме да ги зголемуваме инвестициите во вештачка интелигенција – во капитал и во талент – за да ја искористиме огромната можност што претстои – рече извршниот директор на Мајкрософт, Сатја Надела.
Тој додаде дека Азур, одделот за cloud computing на Мајкрософт и другите производи за вештачка интелигенција веќе имаат „вистинско влијание“.
Еуфоријата на инвеститорите околу масовните расходи за вештачка интелигенција им помогна на акциите на сите три компании да го надминат поширокиот индекс S&P 500. Но, Волстрит сега е фокусиран на клучно прашање: кога тие инвестиции ќе почнат да носат вистински резултати.