КОЈ ЌЕ ЈА НАСЛЕДИ АНГЕЛА МЕРКЕЛ Социјалдемократите на пат да се вратат на чело на германската влада
Анкетите покажуваат дека Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел, доколку не дојде до пресврт до изборите на 26 септември, се движи кон најлошиот изборен резултат во својата историја, пишува „Фајненшл тајмс“.
Германските социјалдемократи се на пат да се вратат на чело на владата по изборите следниот месец, предводени од кандидатот за канцелар, министерот за финансии во актуелната коалициска влада, Олаф Шолц, кој не блескаше за време на кампањата, но за разлика од неговата ривали, тој не правеше грешки, туку во обид да се претстави како наследник на Ангела Меркел, проектираше сигурност, смиреност и експертиза, пишуваат светските медиуми.
Социјалдемократско тројство
Пред неколку години, Социјалдемократската партија (СПД) падна толку ниско што во анкетите заостана зад екстремно десничарската Алтернатива за Германија, но сега истражувањата покажуваат дека, на помалку од еден месец по изборите, таа има мала предност пред конзервативците на канцеларката во заминување Ангела Меркел, истакнува Тајмс.
Социјалдемократите го предводат триумвиратот на чело со левичарската пратеничка Саскија Ескен и поранешниот регионален министер за финансии Норберт Валтер-Борјанс, кои ја надгледуваат стратегијата на партијата и секојдневните операции, додека Шолц, федералниот министер за финансии, води кампања за канцелар.
Кога релативно опскурните левичари Валтер-Борјанс и Ескен беа избрани за нови лидери пред две години, отфрлајќи го Шолц, некои аналитичари проценија дека социјалдемократите извршиле самоубиство со вртењето кон лево. Сепак, пишува Тајмс, СПД своето поделено раководство го претвори во предност – Шолц дава министерска тежина, додека Ескен и Валтер-Борјанс имаат можност да ја критикуваат владата однадвор.
За оживувањето на социјалдемократите по осум години во сенка на конзервативците како помлади партнери во „големата коалиција“ придонесе тоа што германските гласачи не сакаат лекомислени или непроверени одговори на нивните проблеми, туку сакаат сигурни раце, некој што ја проектира истата аура на смиреност и експертиза како Меркел. Лондонскиот весник истакнува дека 63-годишниот Шолц точно одговара на таквиот опис – од 2017 година, тој беше министер за финансии и вицеканцелар. Шолц прво водеше избалансиран буџет со дисциплина на неговите конзервативни претходници, а потоа надгледуваше брз, обемен и ефикасен пакет помош за време на пандемијата.
Под водство на социјалдемократите, во теорија, можни се неколку коалиции кои ќе налагаат деликатно балансирање, оценува Тајмс. Можна е „црвено-црвено-зелена“ коалиција со умерените левичарски Зелени и тврдата Левица или коалиција „семафор“ со Зелените и либералната Партија на слободните демократи (ФДП), именувана по црвената, зелената и жолтата боја од трите страни. Ниту едното ниту другото ќе биде лесно, бидејќи непредвидливото гласање на Левица внесува нервоза кај потенцијалните партнери, додека, од другата страна, би биле во коалиција со поддржувачи на слободниот пазар и зелени активисти.
Кој е природниот наследник на Ангела Меркел
Анкетите покажуваат дека Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Ангела Меркел, доколку не дојде до пресврт до изборите на 26 септември, се движи кон најлошиот изборен резултат во својата историја, пишува „Фајненшл тајмс“, посочувајќи дека чувството на паника се шири меѓу конзервативците кои од последните 70 години, 50 беа на власт.
Причината за неволјите, според пратениците, советниците и стратезите на ЦДУ, лежи во нивниот кандидат за канцелар Армин Лашет, чиј рејтинг, кој ни на почетокот не беше висок, падна кога беше снимен како се смее во јули додека беше во области погодени од поплави. Но, посочува британскиот весник, има и друга гледна точка – падот на ЦДУ нема толку врска со Лашет, колку со крајот на ерата на Меркел.
Кампањата на Лашет од почетокот беше критикувана поради нејзината некохерентност и недостаток на забележлива политика. Тој им вети на гласачите „деценија на модернизација“, на што гласачите одговорија со прашањето зошто ЦДУ не ги искористи последните 16 години за модернизација. И тоа, како што истакнува Фајненшл тајмс, го сумира проблемот на Лашет – тој мора да биде природниот наследник на Меркел, и во исто време да најави нов почеток.
Спротивно на тоа, Шолц има едноставна порака до гласачите: тој е природниот наследник на Меркел. Иако станува збор за смело тврдење, бидејќи доаѓа од ривалска партија, СПД ја форсира оваа стратегија со месеци. Постојат огромни сличности помеѓу Меркел и Шолц, оценува весникот. Кандидатот на социјалдемократите, исто така, не покажува емоции, е прагматичен и не е познат како одличен говорник, но тој, како и канцеларката, се доживува како доверлива и сигурна личност.
Во пресрет на изборите, социјалдемократите беа невообичаено обединети, избегнувајќи отворени расправии меѓу левичарите и центристите што ги попречуваа претходните кампањи, а сега, првпат по 16 години, тие можат да бидат на пат да ја преземат функцијата канцелар. Сепак, истакнува Фајненшл тајмс, работите може да се свртат против Шолц со незгодни прашања за неговата улога во двата големи финансиски скандали што ја потресоа Германија, додека многу гласачи и натаму се неопределени.
„Шолцомат“
Ако името на Шолц беше на гласачкото ливче, а не на неговата партија, тој веќе ќе беше неприкосновен лидер, пишува Гардијан, посочувајќи дека во неодамнешната анкета, 41 процент од испитаниците рекле дека да можат би гласале за него директно како канцелар, во споредба со 16 проценти да се одлучат за Лашет и 12 проценти за кандидатката на Зелените, Аналена Бербок.
До неодамна Лашет и Бербок водеа во анкетите, но нивниот рејтинг падна бидејќи јавноста имаше можност да ги запознае подобро и да ги замисли на местото на Меркел. Се чини дека и двајцата се склони кон гафови, додава весникот, посочувајќи дека маките на двајцата поранешни фаворити се најочигледниот фактор што го објаснува подемот на социјалдемократите.
Шолц, исто така, не дека блескаше во кампањата, но резервираниот кандидат на социјалдемократите, кој беше наречен „Шолцомат“ поради монотоните настапи, не грешеше. Од друга страна, проценува Гардијан, кампањата на СПД оди многу помазно отколку што многумина очекуваа, бидејќи доаѓа од десното крило на партијата, додека партијата ја водат Валтер-Борјанс и Ескен од левото крило.
Шолц ја усвои политиката фаворизирана од традиционалната левица како едно од основните ветувања на неговата кампања: зголемување на минималната плата по час од 9,50 евра на 12 евра во првата година. Таа мерка ќе влијае само на 1,4 милиони луѓе, но заедно со најавата за нов данок на богатство од еден процент, на кампањата на левоцентристичката централа и даде нешто што и недостасува на ЦДУ.
За време на неговите четири години на чело на министерството за финансии, Шолц едвај ја доведе во прашање германската фискална ортодоксност, а анкетите покажуваат дека тој е првиот избор за канцелар меѓу гласачите во ФДП, партија која е социјално либерална, но фискално конзервативна. Сепак, истражувањето продолжува да покажува дека мнозинството гласачи се уште веруваат дека ЦДУ најдобро управува со економијата и со тоа ја гарантира нивната финансиска благосостојба.
Анкети
Неодамнешните анкети покажуваат дека социјалдемократите се искачија на скоро четиригодишниот максимум во редовната неделна анкета, со предност пред конзервативците, пишува Блумберг.
Анкетата на ИНСА, спроведена минатата недела, е трета што покажува дека конзервативците сега заостануваат зад социјалдемократите, кои се на пат кон вонредно враќање на власт.
Поддршката за СПД се зголеми за два процентни поени на 24 проценти, што е највисоко од септември 2017 година, кога се одржаа последните избори. Поддршката за блокот ЦДУ и Христијанско -социјалната унија (ЦСУ) падна за еден поен на 21 отсто, достигнувајќи рекордно ниско ниво во анкетата на ИНСА втора недела по ред.
Според анкетата објавена од Билд ам Зонтаг, сега само 49 проценти од оние што гласале за ЦДУ/ЦСУ во 2017 имаат намера да го сторат тоа и оваа година.
Во анкетата на ИНСА, Зелените и Слободните демократи останаа на 17 односно 13 проценти, додека екстремно десничарската Алтернатива за Германија падна за еден поен на 11 проценти, додека антикапиталистичката Левица исто така загуби еден поен, паѓајќи на шест проценти.
Во првата голема телевизиска дебата во неделата, Лашет тргна во офанзива во битка да ја спаси својата неуспешна кампања на помалку од еден месец пред изборите, но првите реакции покажуваат дека неговиот обид бил неуспешен, пренесува АФП.
Лашет ја критикуваше СПД затоа што одби да ја исклучи можноста за коалиција со екстремно левичарската левичарска партија да се залага за укинување на НАТО, но, според АФП, Шолц не си дозволил да се вклучи во таа расправа, велејќи дека нема да влезе во коалиција со партија која не е посветена на Алијансата.
Гледачите не изгледаа импресионирани од настапот на Лашет. Според анкетата спроведена од РТЛ, 36 проценти од нив веруваат дека Шолц победил во дебатата, додека 30 проценти се одлучиле за Бербок, а само 25 проценти за Лашет.