КОЈ ДОЦНИ, ЗЛО НЕ МИСЛИ! Луѓето кои редовно доцнат, полесно поминуваат низ животот
Според стручњаците, луѓето кои постојано доцнат навистина поинаку го гледаат времето, односно немаат соодветно чувство за неговиот тек. Но, наспроти очекувањата, тоа не ги прави пофрустрирани и понервозни и тие не се лутат и кога другите доцнат.
Луѓето кои постојано доцнат често се оптимистични и нереални, а ваквиот начин на размислување влијае на нивната перцепција за времето. Тоа не го прават намерно, туку искрено веруваат дека ќе успеат да направат сѐ што планирале и навреме да стигнат таму каде што треба. Но, тој план секогаш некако им се изјаловува и тие секогаш доцнат, објаснува Дијана ДеЛонзор во книгата ‘Never Be Late Again’.
Таа додава дека таквите луѓе паметат спомен стар можеби една деценија кога навистина успеале да направат сѐ и да стигнат некаде во договореното време, па мислат дека можат повторно да го направат тоа.
Професорот по Психологија при Универзитетот во Сан Диего, САД, Џеф Конте направил истражување на оваа тема.
Испитани се два типа личности – Тип А (нетрпеливи и склони кон натпревар) и Тип Б (креативни и опуштени).
Ги класифицирал луѓето склони кон доцнење како Тип Б. Задачата на испитаниците од двете групи била – без часовник да се обидат да погодат точно колку време минало (а поминала една минута).
Одговорот на луѓето од групата А бил дека поминале 58 секунди, а на оние од групата Б – 77 секунди.
Според него, тоа докажува дека луѓето кои постојано доцнат навистина поинаку го гледаат времето, односно немаат соодветно чувство за текот на времето. Но, наспроти очекувањата, тоа не ги прави пофрустрирани и понервозни од оние од Типот А.
Напротив. Овие луѓе не се лутат и кога другите доцнат, бидејќи ја гледаат „пошироката слика“. Покрај тоа, тие се поспонтани, не се грижат за работи на коишто не можат да влијаат, на пример, поради тоа што автобусот доцни, па така шират позитивна енергија околу себе, која е пријатна и за другите, тврдат стручњаците.