КОЈ БИ ГО ЗАМЕНИЛ ЗЕЛЕНСКИ АКО ДАДЕ ОСТАВКА? Украинскиот лидер има тројца ривали

Поранешниот врховен командант на украинската армија кој ја водеше одбраната на Украина до 2024 година, а беше разрешен по несогласувањата со украинскиот претседател околу воената стратегија е најчесто споменуваното име во анкетите. Според некои сценарија, тој ужива поголема популарност од актуелниот претседател.

1,218

Поранешниот врховен командант на украинската армија, градоначалникот на Киев и претседателот на украинскиот парламент се тројцата можни политички ривали на украинскиот лидер Володимир Зеленски. Нивните имиња се најчесто споменувани во анкетите за популарност во Украина.

Додека стануваат сè погласни повиците на некои сојузници на американскиот претседател Доналд Трамп Зеленски да поднесе оставка, украинскиот лидер изјави дека би поднел оставка под услов земјата да стане членка на НАТО.






Тој исто така предупреди дека нема да биде лесно да го заменат.

– Не е доволно само да се одржат избори. Мора да ме спречите да учествувам, а тоа ќе биде малку потешко – рече Зеленски.

Изјавата на Зеленски дојде откако неколку американски републиканци, вклучително и советникот за национална безбедност Мајк Волц, сенаторот Линдзи Грем и претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, рекоа дека Зеленски треба да ја напушти функцијата, по неговото однесување во Овалната соба во петокот за време на вербалниот судир со Трамп.

Тие вчера го повикаа Зеленски да ја смени стратегијата или да поднесе оставка.

Изборите во Украина во моментов се неостварливи поради воената состојба, иако мандатот на Зеленски е истечен.

Кое име е фаворит на анкетите доколку се одржат избори во Украина? Валери Залужни, поранешен врховен командант на украинската армија и актуелен амбасадор во Велика Британија, е едно од најчесто споменуваните имиња. Тој  ја водеше одбраната на Украина до 2024 година, а беше разрешен по несогласувањата со Зеленски околу воената стратегија.

Според анкетите, Залужни е попопуларен од Зеленски и во некои сценарија убедливо би го победил на избори.

Како можен кандидат се појавува и Виталиј Кличко, градоначалник на Киев и поранешен боксер. Тој веќе го критикуваше Зеленски за неговите оптимистички изјави за текот на војната, а го поддржа Залужни за, како што рече, искреноста. Кличко рече дека политичарите, вклучително и Зеленски, ќе мора да се соочат со одговорноста за успесите и неуспесите на крајот на војната.

Руслан Стефанчук, претседател на украинскиот парламент и близок соработник на Зеленски, е друго име што се споменува. Тој е познат по тоа што силно се спротивстави на повиците на Трамп за избори среде војна, велејќи дека на Украина сега и требаат „куршуми, а не гласачки ливчиња“. Тој неодамна ја повика ЕУ да ја зголеми воената помош за Украина и предупреди на заканата што доаѓа од Русија. Стефанчук се чини дека е највоинствениот од овие тројца кандидати.

Без разлика кога ќе се одржат изборите во Украина, тие ќе зависат од повеќе фактори.

Прашање е во која фаза ќе биде воениот конфликт, дали ќе има примирје или траен мир и дали Зеленски ќе се кандидира на тие избори.

 

Поврзани содржини