„Кој ја уби Џенис Џоплин“ на Охридско лето, слободен е само оној кој нема што повеќе да изгуби

Претставата, приказната за Џенис Џоплин им ги отвора очите на луѓето, низ нејзиниот животен пат и пример да ја согледаат борбата за себе која не е лесна и честопати води кон создавање ѕид помеѓу поединецот и општеството.

352

Работена според текст на Тијана Грумиќ, со актерство во главните улоги на Бојана Милановиќ, Соња Исаиловиќ, Стефан Вукиќ, Димитрије Аранѓеловиќ, Вукашин Ранѓеловиќ, Петар Бањац, Филип Грубач и Игор Сакач, приказната со пораки за ослободување од наметнатите социјални окови, „Кој ја уби Џенис Џоплин“, публиката на фестивалот „Охридско лето“ ја прими со поделени чувства.

Од една страна, со признание за ангажманот на актерите од Српскиот народен театар од Нови Сад и нивната убедлива и енергична игра на сцената во Големата сала на НУ Центар за култура „Григор Прличев“, а од друга со дилеми за совпадливоста на просторот. Не кон сценографијата, која беше адекватна, туку кон условите и третманот на публиката.






Два часа во затворен, неклиматизиран простор, уште под маски, навистина беше успех да се издржат, па кој ќе преживее – ќе раскажува!

Младите актери донесоа драма мошне успешно испреплетена со музика од времето на Џенис Џоплин, како што оцени организаторот, но и поединечни лични драми – да се остане, или да се замине од задушливоста и превисоките децибели!?

Камерна драмска претстава за Јанусите во замрачена диско атмосфера!

Младата режисерка Соња Петропвиќ ја најави претставата како своевиден драмски омаж на една жена која дошла до својот крај за да се случи нов почеток, за една личност која ѝ била пример и инспирација во текот на тинејџерскиот период, мислејќи дека, всушност, се работи за две личности.

Несомнено, нејзиното двојство е евидентно. Нејзините два лика и нејзините две приказни. Едната е приказна за несигурна, нежна, неприфатена и незаштитена девојка, а другата е за храбра, агресивна основачка на нова листа на критериуми за жените. Едната поради која живеела, а другата поради која починала. Едната која одеше кон својот крај за другата да започне. Дури подоцна наидувам на податокот дека Џенис го добила името по богот Јанус. Се работи за римскиот Бог на крајот и почетокот. Обично е прикажан со две лица, едното гледа на почетокот, а другото на својот крај, ќе каже режисерката Петровиќ.

Низ реалниот живот и смртта во хотелска соба, приказната за оваа 27-годишна рокенрол ѕвезда од 60-тите години на минатиот век, во претставата води преку одмотувањето наназад, од почетокот на нејзиниот живот, од нејзиното раѓање до смртта, при што, низ театарска игра, беа доловени и причините до кои дошло Џоплин да биде зависник од хероинот, да биде осамена и да наиде на отпор на патот кон остварувањето на нејзината лична слобода.

Што е слободата и кој е слободен, освен оној кој нема што повеќе да изгуби?

Претставата, приказната за Џенис Џоплин им ги отвора очите на луѓето, низ нејзиниот животен пат и пример да ја согледаат борбата за себе која не е лесна и честопати води кон создавање ѕид помеѓу поединецот и општеството. Токму и славната рокенрол ѕвезда го завршува животот со неисполнета желба, да го сруши тој ѕид.

Што останува од човекот кога ќе се лиши од личните принципи и достоинство? Останува едно големо ништо. Пораката е дека треба да бидеме тоа што ние сакаме да сме, ќе каже режисерката Петровиќ.

Глумците од сцената ѝ порачаа на публиката да се ослободи од сите зададени форми, формалности и окови, да се осободи од каков било социјален контекст кој ни е наметнат на сите, кој дури и по 50 години од смртта на Џенис Џоплин е еднакво силен и доминантен.

„Кој ја уби Џенис Џоплин“ не е психолошка драма, ниту мјузикл иако изобилува со музика, туку социјална драма базирана врз вистинска животна приказна што го критикува конзервативното општество.

Кој спомна Јанус? 

Јанус првобитно бил почитуван како римски бог на сонцето а подоцна: бог на годината, на војната и мирот, на времето и на секој почеток при што бил именуван и првиот месец на годината, јануари. Јанус обично бил првиот од боговите кои примале жртви.

Колку Јануси има по квадратен метар на планетата земја, па и кај нас, во Македонија?

Во германскиот јазик, изразот „со Јанус на чело“, претставува синоним за двосмисленост. На обичниот народски јазик, богот Јанус означува дволичност – и во буквална и во фигуративна смисла.

Јануси на сцената, Јануси пред сцената, Јануси зад кулисите!

Јанус е и кога се жалите дека немате доволно пари, а трошите 5.000 евра за петминутен, раскошен огномет! Истите вие кои ни ја сервирате приказната за Јанусите!Со Јанус на чело“, ги трошите, без никаква потреба и од чист луксуз, ове силни пари, а немате да отпечатите едно пристојно брошурче со програмата, те на заинтересираните им делите „самиздат“ – два листа A-4 од шапилограф!

Јанус е кога ќе се пожалите дека немате соодветен кадар, а примате по дузина нововработени пред секое гласање, те сте направиле Дирекција од дваесетина и кусур души, кои не знаат за што се задолжени и за што примаат плати. Особено, надвор од програмските, фестивалските 40 вечери. Што работи таа силна партиска армада останатите 10 месеци? Нѐ има кои паметиме како Миле Волкански сам со уште тројца вработени го носеше светскиот музички крем во „Света Софија“.

Кој не е Јанус, не му е местото меѓу Јанусите. На пример, како оној Стојко од Тетово, ќе заминете од овој театар на апсурдот и ќе си стоите сами, сосема слободни, затоа што слободата е за оние на кои не им останало ништо и немаат што повеќе да изгубат.

Поврзани содржини