КОЈ ЈА ПУШТИ КАХОВКА НИЗ ВОДА? „Наследникот“ на Путин вели самите Украинци, САД молчат, Зеленски бесен

Украинците би можеле да имаат корист од поплавата бидејќи таа ќе ги натера руските сили да се евакуираат од овој дел, но и ќе направи да секне водата за пиење на Крим. Од друга страна, Русите би можеле на овој начин да спречат една битна рута во најавената украинска контраофанзива, а веќе разнеле една брана на Дњепар во 1941 година за да ги успорат нацистите во пробивот.

2,878

Шестотини квадратни километри под вода можат да предизвикаат нова катастрофа во Украина, а ситуацијата им штети и на двете страни во војната. Кој стои зад уривањето на браната „Каховка“ кое освен што ќе ги намали насадите со жито од кои зависи светската трговија, веќе влијае на намалувањето на нивото на водата во разладниот базен на нуклерката Запорожје, како што воедно утринава за Си-Ен-Ен извести атомскиот експерт Рафаел Гроси?

„Сами ја пуштија водата“






Според Николај Патрушев, секретар на Советот за безбедност на Русија и можен наследник на Путин, Украинците ден пред хаваријата сами испуштиле во хидроцентралата „Дњепропетровск“ притоа предизвикувајќи го хаосот.

– Според наредбата на Киев, 24 часа претходно имаше масовно испуштање вода во ХЕЦ „Дњепропетровск“, а потоа беше извршен уште еден напад во ХЕ „Каховка“, што доведе до уште пострашни последици – рече Патрушев во разговор со неговиот белоруски колега Александар Волфович, пренесува руски Тасс.

Тој претходно изјави дека САД, Велика Британија и сојузниците од НАТО мора да ја сносат одговорноста за уништувањето на браната Каховка.

Зошто молчат Американците?

Но, Стејт департментот во вчерашен брифинг соопшти дека САД засега не поседуваат доволно целосни информации за причината за уривањето на браната. Заменик-портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател, одби да ги коментира објавите во некои американски медиуми дека Вашингтон поседува разузнавачки информации што укажуваат на вклученоста на Москва во саботажата на браната.

За некои аналитичари симптоматично е што САД се внимателни во случајот со Каховка, за разлика од претходните хаварии во војната, на пример разнесувањето на цевките од Северен Тек за кој недвосмислено го вперија прстот кон Москва.

Зеленски шокиран, „не добивме одговор“

Најмалку 16.000 луѓе се принудени да се евакуираат од регионот Херсон. Околу 14.000 куќи се поплавени откако украинската брана Каховка беше пробиена, а околу 4.300 луѓе се евакуирани, јави денеска руската државна новинска агенција ТАСС, цитирајќи извор од безбедносните сили.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е „шокиран“ од неуспехот на Обединетите нации и Црвениот крст да помогнат по уништувањето на огромната брана.

– Не добивме одговор. Шокиран сум – додаде тој.

Зеленски во интервјуто рече дека руските војници пукале од далечина додека биле во тек спасувачките напори.

– Штом нашите луѓе се обидат да ги спасат, пукаат врз нив – рече украинскиот претседател.

Ако се Украинците, имале две добри причини за потоп

Ако браната ја урнале Украинците, тие би имале најмалку две причини за тоа. Прво, поплавите низводно ја принудија Русија да ги евакуира војниците, како и цивилите на исток, подалеку од Херсон и широките брегови на реката Днепар. Ова ќе овозможи одредено ограничено олеснување за жителите на Херсон кои мораа да живеат со секојдневните руски артилериски и ракетни напади.

Второ, ова може да влијае на снабдувањето со вода на окупираниот Крим, кој се потпира на свежа вода од каналите во близина на урнатата брана.

Исто така, Украина преку оваа хаварија може да најде начин да ги пробие руските одбранбени линии јужно од Запорожје и да ја раздели таа територија, за да го изолира Крим и да постигне голема стратешка победа.

Но, Русите научија многу лекции од почетокот на инвазијата во февруари минатата година. Тие ја погледнаа мапата, сфатија каде Украина најверојатно ќе нападне и ги поминаа последните месеци градејќи некои навистина застрашувачки утврдувања за да го блокираат секое напредување на Украина кон Азовското Море.

Русите пак го искористија џокерот од 1941 година?

Воопшто не е сигурно дека Украина планирала да испрати свои сили кон западната страна на таа одбрана. Воената команда во Киев разумно ги крие своите карти за да ја држи Русија во неизвесност.

Од руска гледна точка пак, со уништената брана и поплавени огромни површини земја низводно, областа на левиот (источен) брег спроти градот Херсон стана практично недостапна за украинските оклопни транспортери. Ако Русите стојат зад оваа саботажа, тогаш тоа можеби е поврзано со стопирање на најавената голема украинска контраофанзива.

Дека сликата на боиштето сега е наполно сменета потврди и америнаксиот Институт за истражување на војната, ИСВ.

„Сликите направени на 7 јуни покажуваат дека поплавата значително ги нарушила руските одбранбени позиции на реката Дњепар, особено првите позиции во Хола Пристан и Олешки“, анализира институтот.

Треба да се напомене дека Русите направиле нешто слично во историјата на истата река. Имено, во 1941 година, советските трупи разнесоа брана преку реката Дњепар за да го блокираат напредувањето на нацистичките трупи. Илјадници советски граѓани, наводно, загинале во поплавите.

Кој и да ја предизвика поплавата во Херсон, Меѓународната агенција за атомска енергија(МААЕ) се подготвува за најцрното сценарио кое може да ја загрози и централата во Запорожје. Агенцијата следната недела таму ќе го зголеми своето присуство.

Поврзани содржини