Која е жената што пред половина век го откри коронавирусот?

Не само што Џун успеала да направи јасни слики од вирусот, туку се сетила и дека видела два слични вируси во своите истражувања: едниот додека проучувала бронхитис кај кокошки, а другиот додека набљудувала воспаление на црниот дроб кај глувците.

1,523

Родена како Џун (Харт) Aлмеида, живеела со своето семејство во Глазгов, Шкотска, каде што нејзиниот татко работел како возач на автобус. Џун била одлична ученичка и имала амбиција да се запише на факултет, но немала доволно финансии. На 16 години се откажала од формалното образование и започнала да работи како лабораториски техничар во Кралската болница во Глазгов. Нејзината работа била да користи микроскоп за да анализира примероци од ткиво.

Откако се отселила во Лондон, таа повторно работела слична работа во болницата Свети Вартоломеј. Таму го запознала и нејзиниот сопруг, уметникот Енрике Алмеида. Парот се преселил во Канада, каде Џун добила работа во Институтот за рак во Онтарио. Таму таа работела на електронски микроскоп и  развила нови техники за набљудување. Исто така, објавила неколку трудови кои ги опишуваат вирусите кои до тогаш биле невидливи, а го објавила и Прирачникот за брза лабораториска дијагноза на вируси во 1979 година за Светската здравствена организација.






Новиот начин на микроскопско набљудување

Техниката која ја развила Џун била едноставна, но револуционарна во областите на вирологијата. Кога се работи со микроскопски честички, тешко е да знаете што да барате. Во споредба со оптичкиот микроскоп, електроните на електронскиот имаат многу пократки брановни должини од светлината, што на научниците им овозможува да гледаат многу пофини глетки со повеќе детали. Иако тие имале снимка, за нив било предизвик да препознаат дали станува збор за вирус, клетка или нешто друго.

За да се утврди постоењето на вирусот, Џун сфатила дека може да користи антитела од претходно заразени поединци. Кога таа ги внела антителата, тие се собираат околу вирусот и го покажуваат нивното присуство. Оваа техника им помогнала на лекарите да користат електронски микроскопи за да дијагностицираат вирусна инфекција кај пациентите.

Така Џун идентифицирала голем број на вируси, вклучувајќи го и вирусот на рубеола, кој научниците го проучуваа со години, но таа беше првата која го виде овој вирус.

Откривање на коронавирусот

Кога ги препознале нејзините вештини, Џун била повикана да се врати во Лондон. Започнала да работи во медицинска школа во болницата Свети Томас. Додека била таму, во 1964 година ја контактирал докторот Дејвид Тирел. Неговиот тим собрал вируси слични на грип, кои ги нарекле „Б814“, но имал проблем да ги обработи во лабораторија. Бидејќи нивните традиционални начини на набљудување не дале резултат, научниците почнале да се сомневаат дека „В814“ е нов тип на вирус.

Тајрел испратил примероци до Џун, до надеж дека ќе може да ја искористи својата техника за да го идентифицира вирусот.

„Немавме многу надеж, но вредеше да се проба“, напиша Тајрел подоцна во својата книга „Студена војна: борба против настинка“.

Иако Џун имала ограничен материјал за работа, нејзините откритија ги надминале очекувањата на Тајрел. Не само што Џун успеала да направи јасни слики од вирусот, туку се сетила и дека видела два слични вируси во своите истражувања: едниот додека проучувала бронхитис кај кокошки, а другиот додека набљудувала воспаление на црниот дроб кај глувците.

Таа напишала трудови за двете од овие истражувања, но двата биле одбиени. Рецензентите мислеле дека се работи за фотографии од честички на грип, кои имаат слаб квалитет.

Со новите примероци кои таа ги добила, била сигурна дека гледа во нова група на вируси.

Кога Џун, нејзиниот претпоставен и Трајлер се состанале за да разговараат за наодите, тие исто така го поставиле и прашањето како да се нарече оваа група на вируси. По набљудувањето на фотографиите, инспирирани од структурата на вирусот, тие се одлучиле за латинскиот збор „корона“, што значи круна. Така и се родил овој корона вирус.

Џун се повлекла од вирологијата во 1985 година, но останала активна и љубопитна. Таа станала инструкторка по јога и развила остро внимание за антиквитети.

Пред да почине во 2007 година, на 77 годиша возраст, таа работела во Свети Томас како советник, каде што помогнала да се добијат првите висококвалитетни слики од ХИВ вирусот.

Хју Пенингтон, професор по бактериологија на Универзитетот во Абердин, кој Џун ја опишуваше како негов ментор, напиша: „Таа е без сомнеж, еден од најистакнатите шкотски научници на својата генерација, но за жал, во голема мера е заборавена“.

Научниците и денес ги користат нејзините методи за да можат да идентифицираат други вируси, а пандемијата ковид-19 повторно нè потсети на значењето на нејзиниот труд. Повеќе од 50 години откако за прв пат го видела коронавирусот низ микроскоп, нејзината работа е порелевантна од било кога.

Поврзани содржини