Која е младата Аманда Горман која го инспирираше светот со својата поема? (ВИДЕО)
Поетесата во 2017 година изјавила дека сака да се кандидира за претседател на САД во 2036 година.
Аманда Горман е најмладата поетеса која настапила на инаугурација на американски претседател при што повика на „единство и заедништво“ во нејзината поема.
Дваесет и двегодишната Аманда ја изрецитира поемата „Ридот што го искачуваме“. Нејзиниот настап беше предложен од Џил Бајден, сопругата на новиот американски претседател Џо.
„Кога ќе дојде денот, се прашуваме каде ќе најдеме светлина во оваа сенка која не завршува?“, почнува нејзината поема.
Таа, во поемата, се опишува себеси како слабичка црна девојка изнедрена од робови и одгледана од самохрана мајка, која сонува да стане претседател, а сега рецитира за друг (претседател н.з.).
Нејзината поема јавноста ја оцени како вистински зборови на вистинското место. Таа рецитираше со грациозност, а зборовите што ги искажа ќе се паметат.
Девојката веднаш ги освои симпатиите на сите присутни, но и на гледачите. Актерката и водителка Опра Винфри објави твит во кој напиша дека никогаш не погордо не гледала на издигнувањето на една млада жена.
Поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, ги нарече нејзините зборови „силни и трогателни“ и ѝ порача „Продолжи да светиш, Аманда“.
Поранешната шефица на Лекари без граници, Џоан Ли, ја опиша поемата како „најинспиративни 5.34 минути во подолго време“.
Горман е писателка, изведувачка и активистика, која станала национален млад поет лауерат во 2017 година, следејќи ги чекорите на славни имиња како што се Роберт Фрост и Маја Ангелу.
– Навистина сакав со свои зборови да упатам порака на единство, соработка и заедништво. Поемата е за новото поглавје на САД, за иднината, а преку елеганцијата и убавината на зборовите – изјави Горман за Би-Би-Си пред церемонијата.
Таа во 2017 година изјавила дека сака да се кандидира за претседател на САД во 2036 година.
Нејзините дела се фокусирани на теми за угнетување, феминизам, раса, маргинализација, како и на африканската дијаспора.
Родена е во Лос Анџелес, САД, пораснала со мајка ѝ, која била учителка. Има сестра близначка, Габриела, која е активистика. Пораснала во средина со ограничен пристап до телевизија, а како дете имала говорна мана. Се опишувала себеси како „чудно дете“ кое повеќе сакало да чита и да пишува, а во тоа ја охрабрувала мајка ѝ. Вели дека е хиперсензитивна на звуци и дека има пореметување во слухот.
На Харвард студирала социологија. Таа е првата која е именувана за национален млад поет лауерат во април 2017 година, меѓу петмина финалисти. Нејзината прва книга поезија „Оној кому храната не му е доволна“ е објавена во 2015 година.