КНИГИТЕ БЕА МОИ ДОДЕКА ГИ ПИШУВАВ РЕД ПО РЕД Мирча Картареску добитник на наградата „Прозарт“

Наградата во Даут-пашиниот ама му ја врачи претседателот на одборот за доделување на наградата „Прозарт“, Ермис Лафазановски, кој и самиот е роден во Романија и го има преведено Картареску.

326

Книгите што сум ги напишал во изминатите 40 години сега се наредени на полицата на мојата библиотека. Ги гледам само нивните рабови на кои се испишани чудни наслови кон кои е придружено моето име. Кога ги гледам, ме фаќа меланхолично чувство. Ги напишав за да ги прочитам, но сега откако тие постојат, кога се конкретни и материјализирани, не можам да го сторам тоа. Освен јас, сите други луѓе на светот можат да ги прочитаат, а тоа многу ме фрустрира, небаре живеам во некоја кафкијанска парабола. Тие веќе не се мои книги. Беа мои само додека, ред по ред, сум ги пишувал, на рака, цртајќи ја секоја буква со врвот на пенкалото, смеејќи се и плачејќи над секоја страница. Ги читав пишувајќи ги, затоа што тоа прави писателот – пишува/чита. Но, откако книгите ги зема во рака издавачот, тие за мене засекогаш се отуѓуваат.

Ова во своето обраќање го кажа Мирча Картареску синоќа на врачувањето на наградата „Прозарт“, што му ја додели Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.






Наградата во Даут-пашиниот ама му ја врачи претседателот на одборот за доделување на наградата „Прозарт“, Ермис Лафазановски, кој и самиот е роден во Романија и го има преведено Картареску.

– Ние сме горди што во минатите девет години на нашиот фестивал продефилираа голем број балкански писатели за кои сметаме дека се иднината на балканската книжевност по начинот на кој пишуваат, естетиката во нивните дела навистина го докажуваат тоа. Ни претставува особена чест што оваа година лауреат на наградата „Прозарт“ за 2021 е човекот кој за себе вели дека не е писател, туку е човек што пишува, човек што пишувајќи и сонувајќи го создава сопствениот свет и на тој начин го создава и светот во којшто ние живееме читајќи ги неговите книги. И конечно, човекот кој за себе вели дека пишува затоа што сака да донесе и да внесе малку добрина во светот – рече Лафазановски.

По повод наградата Картареску прочита извадок од романот „Соленоид“, и заблагодарувајќи се на сите писатели, публиката, организаторите, додаде:

– Многу сум благодарен за наградата. Мислам дека никогаш не сум бил позадоволен да бидам некаде како тука. Бев многу среќен овие три дена што ги поминав овде со големи луѓе и писатели за кои немав многу слушнато, но ќе се обидам да дознаам повеќе и да се запознаам со нивните дела и да ги донесам во мојата земја колку што можам – рече Картареску.

Во Даут-пашиниот амам синоќа читаа и поетот Гојко Божовиќ од Србија, писателите Оливера Ќорвезироска, Анте Томиќ и Миљенко Јерговиќ од Хрватска и Јоана Николае од Романија. Сите имаа можност да се дружат во изминатите три дена заедно со членовите на „Скопје fellowship“програмата.

Фестивалот го затвори неговиот основач, Дејан Трајкоски со полминутно молчење во чест на неговата омилена годишнина од сите – 100-годишнината од раѓањето на великанот на македонската култура , Блаже Конески. Тој истакна дека воопшто не е лесно да се организира фестивал во ваква тешка година, но дека со добар тим, којшто е од првиот ден со фестивалот, и 9. издание на „ПРО-ЗА Балкан“ стана реалност.

Во рамките на дополнителната програма на фестивалот, вечерва во 20 часот во книжарницата „Буква“ во Скопје ќе биде промовирано творештвото на поетот и есеист Гојко Божовиќ од Србија. Писателот Александар Прокопиев ќе зборува за Божовиќ, а двајцата ќе говорат за еден од најголемите писатели во втората половина на 20 век, Данило Киш и ќе го промовираат и македонскиот превод на книгата „Рани јадови“. Овој превод го издаде издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје.

 

Поврзани содржини