Клуге: На добар пат сме да се спречи пандемијата
Клуге предупреди дека сепак е потребно да се задржи претпазливоста, бидејќи се уште не е постигнат целосен успех, поради што мерките за ограничување треба да останат уште некое време за инфекцијата повторно да не се прошири неконтролирано.
Директорот на Светската здравствена организација за Европа, Ханс Клуге денеска во Сараево рече дека тој е „претпазлив оптимист“ и верува дека светот е на добар пат да ја спречи пандемијата на коронавирусот, но предупреди дека не треба да се брза со укинување на мерките.
– Јас сум претпазлив оптимист, мислам дека ја гледаме светлината на крајот од тунелот – изјави Клуге по состанокот со претставниците на Босна и Херцеговина, со кои разговараше за борбата против инфекцијата во земјата.
Клуге предупреди дека сепак е потребно да се задржи претпазливоста, бидејќи се уште не е постигнат целосен успех, поради што мерките за ограничување треба да останат уште некое време за инфекцијата повторно да не се прошири неконтролирано.
– Она што се случи во Индија, може да се случи насекаде. Ако имате масовни собири и нагло укинување на мерките, со продирање на нови варијанти на вирусот, проблемот лесно ќе се врати – рече Клуге.
Тој најави дека СЗО ќе стори се што е во нејзина моќ да го забрза производството и дистрибуцијата на вакцините, што, како што рече, е најдобар начин да се стави крај на пандемијата.
Клуге призна дека почетокот на вакцинацијата е неочекувано бавен, но додаде дека ова не е „рутинска имунизација“ затоа што обично се потребни од пет до седум години за да се развијат безбедни вакцини и дека е историски успех што за една година се развиени пет безбедни вакцини.
– СЗО е силно посветена на обезбедување јавно-приватно партнерство за забрзување на производството на вакцини, нивниот број и трансфер на технологија. Единствениот начин на кој можеме да излеземе од пандемијата е солидарноста – рече Клуге.
Тој потврди дека Западен Балкан останува приоритет за Европската канцеларија на СЗО.
Според него, властите во БиХ добро ја координирале борбата против kовид-19 и очекува дека тоа ефективно ќе придонесе за спроведување на стратешката визија за здравствените приоритети во следните четири години.