„КЛУЧОТ Е НА БИХАЌКА, НО НЕМА БЕГАЊЕ ОД ПРАВДАТА“ Мицкоски вели дека над 80 пријави стојат во фиоките на Обвинителството
Мицкоски најави „ресет на системот“ по локалните избори, со цел воспоставување вистинска правда и одговорност во правосудството.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска се обрати пред граѓаните на народниот митинг во општина Бутел, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, одржан под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! Твојата иднина!“.
Мицкоски се осврна на темата за правосудниот систем и најави дека по локалните избори ќе следува „ресетирање на системот“, кое, како што рече, нема да биде реванш, туку одговорност и правда.
– Ги слушам лажните храбрења на Филипче, зад кои стои стравот од соочување со одговорност. Вистината е дека има над 80 пријави кои седат во фиоките на обвинителството, а клучот на тие фиоки е некаде на Бихаќка. Тој клуч ќе се добие и ќе се отвори по овие избори – изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека новата власт ќе спроведе длабоки реформи во правосудството, а процесот на прочистување, како што рече, нема да зависи од политичка волја, туку исклучиво од законот и Уставот.
– Нема да има конечна правда додека законот не ги допре и тие во судството и обвинителството. Со оваа тема лично ќе се занимавам веднаш по изборите. Правдата ќе ги допре сите оние што денес се удираат во гради. Верувајте, кога ќе се соочат со законот, нема да бидат ниту толку храбри ниту толку гласни – порача Мицкоски.
Тој додаде дека „мора да има катарза на тоа политичко мочуриште“ и повтори дека „од правдата нема бегство“.
Кандидатот за градоначалник на Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски на митингот ја истакна досегашната работа на општината и најави нови проекти во интерес на граѓаните.
– Ги насочуваме ресурсите таму каде што најмногу се чувствува потребата за детските игралишта, јавните површини, локалните училишта, социјалната помош, детските градинки, спортот и грижата за здравјето на граѓаните – изјави Костовски.
Тој потсети дека во изминатиот период се изградени две градинки во Бутел 1 и Бутел 2, ново училиште во Визбегово, плоштад, мега парк во Радишани, уредено корито и трим-патека на Серава, како и над 100 улици и повеќе спортски центри.
– Изградивме пет спортско-рекреативни центри, 13 спортски терени, 10 детски игралишта, а во образованието вложивме 215 милиони денари. Општината стипендира 400 спортисти – додаде Костовски.
Костовски најави дека тендерот за изградба на новата поликлиника веќе е распишан и дека тоа е проект што жителите го очекувале повеќе од 30 години.
– Овие средства не се од кредит, ниту од буџетот на општината, туку директно заложба на нашиот претседател. Благодарност до Мицкоски, ова е историски проект за Бутел – рече Костовски.
Тој најави изградба на два нови мега парка, нов културен дом, две училишта во Љубанци и Љуботен, три нови градинки во Радишани, Бутел и Визбегово, како и пет нови спортско-рекреативни центри.
Носителот на советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за Град Скопје, Даме Димитровски во своето обраќање порача дека коалицијата има јасна визија и конкретни решенија за подобрување на животот во главниот град.
– Имаме девет темелни политики кои се темелат на наука, европски искуства и практични решенија. Тоа се чист воздух, модерен превоз, јавни простори, велосипеди и мобилност, безбеден сообраќај, култура, иновации и чесно управување – нагласи Димитровски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дава празни ветувања, туку ќе спроведе конкретни активности за подобро Скопје.
– Ова не се само зборови, ова се наши работни задачи за подобро утре – рече Димитровски, повикувајќи ги граѓаните на 19 октомври да гласаат за број 9.