КЛУЧНИ КАДРИ ЗА НОВИОТ ФИЛМ ЗА МАКЕДОНИЈА Сите во влада, сите на клада, сите да „горат“ за договорот со Бугарија!

Идејата за нова концентрациона влада во Македонија наводно ја заговараат странски дипломати. Намерата е што поскоро да се изнајде решение за спорот меѓу Македонија и Бугарија, што ќе го легитимираат сите партии од владејачката коалиција, на која треба да ѝ се придружи и ВМРО-ДПМНЕ. Ќе го гледаме ли тој филм?

4,220

Од повеќе извори слушам приказни дека се подготвува сценарио за новиот филм за Македонија, што ќе се снима во следните три месеци. Клучна секвенца е формирањето нова, концентрациона влада, во која, покрај актуелните коалициски партнери на владејачкиот СДСМ, би влегла и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Се слуша дека наскоро пак ќе биде актуелизирана идејата што прв јавно ја загатна премиерот Зоран Заев, а потоа брзо и трапаво, се повлече со некакво смешно објаснување.

Што значи тоа наскоро?  Тука доаѓаме до првите разлики во шпекулациите. Според едни, за мене помалку веројатни претпоставки, разговорите за формирање концентрациона влада ќе почнат за десетина дена, под патронат на една странска велесила. Според други извори, сценариото „сите во влада“ би можело да дојде на дневен ред дури по изборите во Бугарија и по консолидирањето на новата влада во Софија, што ќе рече некаде во мај или во јуни.






Тој е човекот за компромиси, ама и Заев може да се претера

Идејата за нова концентрациона влада во Македонија наводно ја заговараат странски дипломати. Изворите се разликуваат во проценките дали меѓу нив има „тешкаши“ способни да го наметнат тоа сценарио во политичките кругови во Скопје, но се единствени во поглед на клучниот мотив за една таква смела замисла. Намерата е што поскоро да се изнајде решение за спорот меѓу Македонија и Бугарија.

Меѓународниот фактор во Зоран Заев препознава политичар кој е спремен за уште еден тежок и овој пат многу ризичен компромис. Поризичен од Преспанскиот договор. Зошто? Затоа што суштината на позициите на официјална Софија во спорот со Скопје е негирање на идентитетот, на етногенезата и на самобитноста на македонската нација. Ако Бојко Борисов победи на изборите во Бугарија и ако се консолидира на челната позиција во правителството, можеби ќе биде во можност галантно да направи неколку отстапки, отстапки кои ќе значат одложување, иако не и напуштање на најтврдите и за Македонија најнеприфатливи барања.

Ами и „врвот на демократијата“ е шпицест: Зоран Заев (Фото: МИА)

 

Тоа ќе му даде малку маневарски простор на Заев, но недоволно за да се осмели самиот, во име на СДСМ и на доминантниот албански фактор во владејачката коалиција, да прифати компромиси коишто ќе го засегнат македонскиот идентитет. Во многу површни анализи се заборава зошто Заев политички го преживеа Преспанскиот договор. Сигурно не поради неговата генијалност. Тој документ де факто не го оспорува нашиот словеномакедонски идентитет, не го оспорува нашето право да ги користиме именките Македонија и Македонец, како и придавката македонски, бидејќи во договорот јасно и прецизно се дефинира што ние подразбираме под тие референци, а што подразбира грчката страна. Обратно, во незавршениот спор со Бугарија, Договорот за добрососедство ги остава идентитетските прашања отворени, а позициите на двете страни за тие теми (македонската нацијата и нејзината етногенеза, македонскиот јазикот итн) во овој момент се толку непомирливи, што не се гледа можност за компромиси прифатливи за Скопје и за Софија.

Ете затоа, дури и со отстапките што би можел да ги понуди Борисов после изборите (ако победи, се разбира), фер е да се каже дека Заев објективно нема да биде можност на своите плеќи да го изнесе договорот. Не попусто се вели – лесно е да се постигне компромис, тешко е да се „продаде“. И покрај својата огромна желба да ја задржи политичката моќ што ја освои и од која не сака да се откаже по никоја цена (затоа и лесно ветува сѐ и сешто, брда и долини), во овој момент, во четвртата година од владеењето, Заев нема одржливо решение за спорот за Бугарија, а со тоа и за напредок во преговорите со ЕУ. Затоа и мора да размислува за концентрација на политичките сили и за поделба на одговорноста.

Кадровска „перестројка“ во СДСМ, прва на удар Радмила Шеќеринска?

Првиот чекор во подготовката на таа операција за Заев значи зацврстување на неговите позиции во СДСМ. Неговата партија навистина изгледа монолитно, а формално тоа и се потврди со „севернокорејскиот“ резултат со кој Заев, како единствен кандидат, беше реизбран за партиски лидер, на непосредни избори, со скор кој се смета за половина од некогашното членство на СДСМ, но речиси без гласови против. Добрите познавачи на приликите во оваа партија велат дека монолитноста сепак е само привид и дека внатрепартиското единство е фрагилно. Затоа Заев планира, до редовниот конгрес во мај, во СДСМ да спроведе сериозна кадровска „перестројка“, која ќе финишира на самиот конгрес, со избор на новото раководство на партијата. Се зборува дека за најголем дел од сдсмовските кадри во извршната власт ќе нема места во најважните партиски органи, при што тие места целосно ќе ги запоседнат партиски апаратчици лојални на кланот Заеви.

Прва на удар ќе биде заменик-претседателката Радмила Шеќеринска. Велат дека Шеќеринска тоа го знае. Таа била лута и поради видливото приклонување на министерот Венко Филипче кон Заев, што имало соодветни импликации и во некои бизниси поврзани со ресорот здравство. Веќе можеа да се прочитаат и шпекулации дека Заев на Филипче ќе му ја понуди примамливата партиска функција заменик-претседател, што беше измислена специјално за Шеќеринска.

Радмила Шеќеринска во контранапад

 

За да го амортизира конфликтот со Шеќеринска, според моите сознанија, Заев по втор пат ѝ понудил да биде амбасадорка во Вашингтон (позицијата ионака е слободна, после фијаското со номинацијата на професорот Љубомир Фрчкоски). Шеќеринска наводно одбила и решила да премине во противнапад. Аферата со кинеските вакцини и медиумскиот притисок врз другарчето Драги Рашковски се сметаат за првиот жесток одговор на Шеќеринска на плановите на Заев. Упатените велат дека тоа се само првите битки во војната која ќе потрае до конгресот во мај и во која можеби ќе бидат инволвирани и други познати партиски фаци.

Концептот „сите во влада“ е концепт за поделба на одговорноста

Ако „неприкосновениот“ Заев и „монолитниот“ СДСМ самите преземат одговорност за финалниот договор со Бугарија, што неизбежно ќе ги засегне идентитетските прашања, на локалните избори ќе се соочат со пораз. Освен тоа, еден таков договор сигурно нема да по волја на структурите и на влијателните поединци во партијата блиски до поранешниот лидер Бранко Црвенковски, кои би можеле да се охрабрат на локалните избори да настапат со независни кандидати за градоначалници и со независни советнички листи. Во таков случај, поразот на Заев би бил уште пострашен.

Затоа, вториот важен чекор за Заев е да најде начин одговорноста за финалниот договор со Бугарија да ја сподели со ВМРО-ДПМНЕ. Концептот „сите во влада“, всушност, е концепт за поделба на одговорноста, слично како и во 2001 година, кога сите релевантни политички партии беа принудени да стават потписи на Охридскиот договор, за да ја окончаат војната.

Ќе подлегне на уцени или ќе се факторизира: Христијан Мицкоски

 

Поделбата на одговорноста би требало се компензира со поделба на привилегиите од власта и со политички концесии за сите. Во првата неофицијална промоција на идејата за концентрациона влада која треба да донесе „национално помирување“, Заев побрза да каже дека посакува таква влада, ама без Христијан Мицкоски во неа. Беше јасно дека Заев смета на сојуз со „конгресмените“ на чело со Никола Тодоров, за кои се веруваше дека ќе успеат да одржат вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ (макар и нестатутарен), да го „сменат“ Мицкоски од лидерската позиција и да се легитимираат како „новото“ и „реформирано“ ВМРО-ДПМНЕ. Но, се покажа дека без пресудната поддршка од Сашо Мијалков и од Никола Груевски, „конгресмените“ нема да успеат во своите планови.

Сега од авион се гледа дека и Заев им го свртил грбот. Останува, значи, опцијата новата „влада на националниот спас“ да ја прават Заев и Мицкоски. Ако воопшто дојде до тоа. Веројатно итриот Заев помислил дека можеби и не е толку лошо Мицкоски да се фати на орото, со оглед на долго подготвуваните шеми за уцени за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. За тоа во кулоарите се зборува веќе долго време. Она што во овој момент тешко може да се процени е дали Мицкоски ќе подлегне на уцените и дали ќе прифати да заигра по музиката од зурлите и тапаните на Заев.

Театарот е спремен, завесата се крева

Третиот чекор што треба да го исчекори Заев е клучен за кредибилитетот на сценаристите, тие што ја замислиле предлошката според која ќе се снима новиот филм за Македонија. Почна со апсењата на Мијалков и на Јордан Камчев. Ќе продолжи со зголемена активност на обвинителите и на судовите, посебно поврзана со предметите на некогашното самопосрамотено и никогаш прежалено Специјално јавно обвинителство. Во април, на пример, се закажани девет рочишта за предметот “Титаник”, а пресудите може да се очекуваат во мај или во јуни. Пред тоа, ќе стасаат пресудите за 27 април. Има и други интересни процеси. Не е исклучено да има нови апсења и драми на репертоарот. Театарот е спремен, завесата полека се крева.

Наголемо се зборува дека обвинителката Вилма Русковска би можела да добие „црвен картон“. И главниот обвинител Љубомир Јовевски ги исполнува условите за пензионирање и можеби ќе биде „замолен“ да си замине. На една од двете клучни обвинителски позиции најверојатно ќе дојде Ленче Ристовска, единствената од „трите грации“ на поранешното СЈО што успеа да си го сочува имиџот. Наративот веќе е стокмен: Заев ја враќа правдата, СЈО воскреснува, некаде во бекстејџот се слуша „Че си лежите“, мирот се враќа меѓу разочараните „шарени револуционери“…

Фокусирајќи се на неколку жртви и испорачувајќи некаква своја, арбитрерна правда, со целосна ама „демократска“ контрола врз судството (за наше добро), Заев се подготвува за следниот чекор, со кој ќе го зацврсти сојузот со ВМРО-ДПМНЕ. Амнестија! Ако воопшто биде, нема тоа биде обична амнестија. Ќе се стокми една внимателно дизајнирана амнестија на дел од обвинетите поврзани со некогашниот режим на Никола Груевски, при што строго ќе се внимава таа да се доживее како чин на „нацинално помирување“, но истовремено и како чин на опслужување на правдата. Тоа значи дека внимателно ќе биде составен список на жртви, коишто нема да бидат амнестирани и коишто ќе платат за себе, за сите други и посебно за „националниот спас“ на Македонија, смислен за да се легитимира договорот со Бугарија.

Без силен импулс од надвор, нема да има забрзување

Тоа е сценариото. Во кратки црти. Има уште многу детаљи, за нив во некоја следна прилика. Како што може да се забележи, сценариото е компликувано, бидејќи сѐ уште е равенка со повеќе непознати. И затоа снимањето на филмот е неизвесно.

Не се знае, на пример, како ќе се однесуваат Христијан Мицкоски и неговиот тим. Одлуката да не се влегува во никакви разговори и преговори со Заев, особено во процес под „фацилитација“ на меѓународниот фактор, бездруго ќе се смета за чин на политички инфантилизам и непромисленост. Од друга страна, неуспехот на „конгресмените“ сѐ уште не значи дека Мицкоски веќе нема да биде изложен на притисок од внатрешните фракции. Од трета страна, пак, тој ќе има можност не само да преговара за учество во новата концентрациона влада, туку и да стане дел од преговарачкиот тим за исклучително важниот спор со Бугарија. Со други зборови, тоа значи дека меѓународниот фактор конечно и неповратно ќе го факторизира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ како еден од клучните играчи на нашата политичка сцена.

Исто така, тешко е да се процени како ќе се однесува Бугарија во следните неколку месеци и што ќе се случува таму пред и после изборите. Не е лесно да се предвиди и исходот од изборите и неговото влијание врз спорот со Македонија. Во Бугарија, за разлика од Македонија, во моментов постои формален политички консензус кој ги легитимира бугарските позиции во спорот. Но, сите сме сведоци дека тамошните политичари сепак солираат, а нивната реторика се вжештува според потребите на политичката коњуктура. Ќе треба време после изборите возбудата да спласне и да се избистрат реалистичните позиции на софиските политици.

Kако и во физиката (моментумот е сила на забрзување), така и во политиката, но и во животот воопшто, забрзувањето во голема мера зависи од почетниот импулс. Ние имаме историја на многу промашени моментуми. Затоа и стоиме во место, тонеме во жива песок...

Бранко Героски новинар

Чудно е што Заев, но и некои други, најавуваат дека моментумот ќе биде во јуни, кога треба да бидеме сведоци на едно големо забрзување на процесите. Знае ли тој нешто што ние не го знаеме? Веројатно. Јас, пак, знам една битна работа: како и во физиката (моментумот е сила на забрзување), така и во политиката, но и во животот воопшто, забрзувањето во голема мера зависи од почетниот импулс. Верувам дека без импулс од надвор, процесите тешко ќе се покренат до степен на неопходното забрзување. Но, проблемот е што јас воопшто не сум сигурен дека Заев ќе добие таков импулс каков што се очекува.

А домашните политички фактори засега не се способни да произведат импулс за совладување на сопствената инерција. Затоа и стоиме во место, ко закопани, тонејќи во жива песок. И затоа, можеби, еден пријател ми вели – батали таа работа, друже, тој филм нема да се дава!

Фотографија: Pixabay

 

Поврзани содржини