КЛУЧКА ВО ХИПОДРОМ, МОСТ КАЈ ВАРДАРИШТЕ, КРУЖЕН ТЕК ВО АЕРОДРОМ Ѓорѓиевски ги најави приоритетните сообраќајни проекти

Со силно темпо и динамика, како никогаш досега, ќе му донесеме на Скопје вистински сообраќајни решенија, кои ќе ја олеснат секојдневната сообраќајна циркулација и ќе го направат градот пофункционален и поврзан, најави кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

1,490

Градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска беше во обиколка на неколку локации за кои ветува сообраќајни решенија што ќе му донесат нов лик на главниот град.

„Сабота, работна. Денеска, заедно со дел од мојот тим, направивме увид на неколку клучни локации кои ќе бидат приоритет уште во првите месеци од мандатот. Некои од овие проекти со години беа закочени, но време е да тргнат напред. Нова клучка во Хиподром, за приклучок кон автопатот на источниот дел од градот, кружен тек кај „Тобако 2“, нов мост кај Вардариште, кој ќе ги поврзе Аеродром и Гази Баба и решавање на проблемот и пуштање во употреба на мостот Генерал Михајло Апостолски“, најави Ѓорѓиевски во објава на својот профил на Фејсбук.






Тој најавува и дека булеварот Александар Македонски ќе добие трета лента на влезот во Скопје.

„Со силно темпо и динамика, како никогаш досега, ќе му донесеме на Скопје вистински сообраќајни решенија. Решенија кои ќе ја олеснат секојдневната сообраќајна циркулација и ќе го направат градот пофункционален и поврзан. Скопје добива нов лик, за подобар и развиен град каков што заслужуваат скопјани“, вели Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини