Сопственик на угостилески објект во гостиварско Добридол и пет странски државјанки се приведени, откако било утврдено дека во објектот не се почитуваат заштитни мерки и имало злоупотреба на престој во државава.
Според СВР Тетово, вчера вечер од 23 до 3 часот, полициски службеници на СВР Тетово во содејство со ДПИ спровеле акциска контрола во угостотелски објект, сопственост на З.Б.(47) од гостиварски Добридол.
Во локалот лоциран покрај автопатот Гостивар-Тетово, пред влезот на Гостивар било утврдено дека во објектот не се почитувале протоколите за работа и владините мерки за справување со ковид-19.
Сопственикот на објектот е лишен од слобода и ќе му биде изготвен соодветен поднесок по член 206 од Кривичниот законик за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија”.
Тој исто така, се однесувал и агресивно кон полициските службеници и ги навредувал и омаловажувал, наведуваат од СВР Тетово.
При контролата во објектот биле затекнати и пет странски државјанки, танчерки, од кои три од Албанија и две од Косово, на возраст од 26 до 45 години, кои го злоупотребиле туристичкиот престој, односно престојувале спротивно на целта. Тие биле приведени во полициската станица Гостивар за натамошна постапка.