КЛУБОТ ВО БЛАГОЕВГРАД СЕПАК, ЌЕ СЕ ОТВОРИ? Иницијаторите велат дека градоначалникот се премислил, ги канат двајцата премиери
Скромната прослава ќе се одржи со следната програма: отворање со поздрав кон присутните, осветување според христијанските обичаи, поздрави од официјалните гости на прославата, положување цвеќе на спомениците на Димитар Благоев и Гоце Делчев, како и на спомен обележјето на Гоце Делчев во дворот на црквата, се вели во написот на ОМО Илинден Пирин на Фејсбук.
Македонскиот културен клуб „Никола Јонков Вапцаров“ сепак ќе се отвори на 30 ноември, недела, во Благоевград, пренесоа повеќе македонски медиуми. На фејсбук-страната на ОМО Илинден Пирин вечерва осамна покана за отворањето на клубот каде се вели дека градоначалникот Илко Стојанов се премислил и го дозволил отворањето.
„Настанот е дозволен од градоначалникот на општина Благоевград“, стои во објавата.
На свеченоста, според соопштението, поканети се и првите луѓе на македонската и на бугарската влада.
„Поканети се амбасадорите и градоначалникот на Благоевград. Поканети се медиумите од двете страни на границата. Поканети се пријатели и гости од земјава и странство. Поканети се сите добронамерници“, се вели во објавата.
„Скромната прослава ќе се одржи со следната програма: отворање со поздрав кон присутните, осветување според христијанските обичаи, поздрави од официјалните гости на прославата, положување цвеќе на спомениците на Димитар Благоев и Гоце Делчев, како и на спомен обележјето на Гоце Делчев во дворот на црквата“, продолжува написот.
Според организаторите, клубот ќе има цел да ја развива македонската традиционална и модерна култура, да гради културен мост меѓу Македонија и Бугарија и да ги зајакне врските меѓу Македонците и Бугарите ширум светот.