Клозетогледачите!
Затоа, особено политичките чинители, но воопшто, и секој човек, не треба да биде клозетогледач, туку аргументирано, конструктивно и добронамерно да го критикува грдото, единствено со цел, на тој начин, постојано да ја преобразува и разубавува човековата егзистенција“.
Откако претходно се договоривме, на 9 септември, оваа година, почитуваниот новинар Александар Чомовски дојде во нашиот манастир да снимиме „ТВ колумна“ за емисијата „Трилинг“, којашто се емитува на Телевизијата 24. Имав убава средба и пријатен разговор со Чомовски. Работата ја завршивме. На заминување ми беше речено дека исказот нема да подлежи на монтажа, а на 18 септември добив кратка порака со потврда дека снимениот материјал: „ќе оди интегрално“.
На 16 октомври, при емитувањето на „Трилинг“, колумната не отиде интегрално! Искрено, верувам во добрите намери на екипата на „Трилинг“, немам особени забелешки на нивната работа и претпоставувам дека имале причина за кратењето.
Но, бидејќи ми беше напишано дека реченото ќе се емитува во целост, а не се договаравме кој дел да биде скратен, тоа што го говорев го пренесов на хартија, та заради запазување на текот на мислата и севкупноста на смислата, споменатата „ТВ колумна“, во продолжение ја пренесувам во целост. Значи, реченото звучеше вака:
„Се разбира, најдобронамерно го предочувам постоењето на согледбата дека одредени дневнополитички чинители се имаат посветено исклучиво на естетската хирургија на негативното во општеството. Целта е да направат вештачки затегнат дискурс дека сѐ е розово. Општеството во кое е прилично тешко да биде предочено грдото, станува општество на суров „демократски индивидуализам“; станува збор за „радикална демократија“, пожелна само за богатите елити. Егалитарната демократија, за богаташите би била цивилизациска катастрофа.
Грдото треба да биде предочено. Зошто? Одговорот почнува со една илустрација. Во советско време, група млади луѓе, деца на високи функционери на Централниот комитет посетиле познат историски манастир. Монахот ги внел во испосницата, во која цели 25 години, како затворник некогаш живеел познат подвижник, ги внел со цел да ги сподели неговите духовни достигнувања, за нивна информација. Едно момче, сакајќи да се подбива, прашало: – „Ако тука живеел затворен 25 години, тогаш каде одел тој ваш подвижник во тоалет“? Досетливиот монах веднаш ја повел групата низ манастирот, преку економскиот дел до една нива на која имало полски тоалет. Ги наредил околу тоалетот, како околу музејски експонат, го покажал со раката, и, им рекол: – „Еве, тука одел“! Потоа, оставајќи ги со тоалетот, си заминал. Кога подоцна групата му се пожалила на игуменот, тој им одговорил дека монахот само им го покажал тоа што самите си барале да го видат!
Во дневнополитичкиот размер на нашето постоење има мнозина персони, коишто наместо да ги гледаат суштински битните нешта, стојат со поглед вкочанет кон полскиот тоалет. На пр., таков поглед бездруго имаше бившата министерка за правда. За реченово постојат валидни, правни референци: да не заборавиме, Владата односно државата, во мигов е осуден и правосилно потврден криминалец од страна на Големиот совет на Европскиот суд за човекови права од Стразбур, заради нерегистрирањето на Православната охридска архиепископија. Владиното непочитување на човековите слободи, без разлика на националната или верската припадност, значи варваризирање на општеството. Не може да се гради иднината на темелите на неправдата врз одредени луѓе, оти така, кога-тогаш, се случува тоа што се случи на изборите во Црна Гора!
Адорно вели дека во цивилизираното општество, уметноста, би додал и теологијата, бидејќи и таа е уметност, но тоа е друга тема, значи, уметноста на живеењето треба, попрво да носи хаос во редот, наместо спротивното. Хаосот е хаос само на прв поглед. Во суштина, според Адорно, станува збор на тајнописи на една критика на грдото во постоечката стварност. Тоа покажува колку е хаотичен владеачкиот поредок.
Затоа, особено политичките чинители, но воопшто, и секој човек, не треба да биде клозетогледач, туку аргументирано, конструктивно и добронамерно да го критикува грдото, единствено со цел, на тој начин, постојано да ја преобразува и разубавува човековата егзистенција“.